Лицето Б.Ц. не се појави на инаугурацијата
Од политика се разбирам колку за да можам да проценам кој лаже и кој краде.
И бидејќи веќе од поодамна ни е јасно на сите дека речиси сите крадат и лажат, нема тука што многу, многу да се разбира, или да не се разбира.
Всушност кога велам дека на сите ни е јасно мислам на сите нас, кои не сме дел од членствата, ни на едните, ни на другите и кои немаме никакви, ама баш никакви бенифиции, било да победат едните, било да победат другите.
Под бенифиции подразбирам тендери, вработувања, алаш-вериш услуги од типот јас тебе, ти мене.
Инаку дека едвај чекам да дојде некој, кој ќе ни донесе човечки бенифиции, без разлика дали припаѓаме, или не на некоја партија тоа да! Едвај чекам! Сакам да речам дека надежта сѐ уште не ми е изгубена.
Под човечки бенифиции подразбирам грижа за граѓаните и државата, зголемено производство, извоз, странски капитал, вложување во туризам, инфраструктура, образоваие, култура, наука, спорт, здравство… подразбирам искрен, чесен и достоинствен однос на секој еден поединец кој се бави со оваа професија, која стана толку ниско-профилна, што веќе служи за потсмев.
Просто ја сведоа на ниво на најнизок степен на криминал. Оној за кој не ни ти треба ни минимум интелигенција. Едноставно битно е само да влезеш во игра, за веднаш да ја започнеш играта. Од најситен рушвет, за да запослиш дете на своја пријателка, која би требало да ти донесе помеѓу 2 и 5000 евра, па до највисок рушвет, кај што за да набавиш столици и маси за некој настан, ќе добиеш милиони евра, без никому око да му трепне.
И така, народот гледа, си молчи, се плаши да не го загуби и тоа малку што го добива, колку за да си плати сметки и да купи патики за децата.
Сакам да кажам дека не ти треба да се разбираш во политика, за да ти биде јасно дека е ова вака. За жал!
Повеќето од нас кои не се бавиме со политика и кои велам, немаме никаква врска со оваа „опака болест“, имаме задржано сѐ уште од стандардите на она што се вели чест, образ, морал, етика.
Овие особини не се баш профитабилни, гледано од аспект на тоа кој со што располага и кој што може да уновчи.
Ама на долги животи стази, се бенифит, кој нема цена.
Тоа го знаеме ние што никогаш не сме ги пикнале рацете во политичките буриња.
И затоа не припаѓајќи ни на едните, ни на другите, можеме гласно и јасно да зборуваме за постапки кои некои од нив без срам и перде ги прават. Како да имаат работа со стока, а не со народ.
Ете токму таква беше постапката на „лицето Б.Ц“.
Бранко Црвенковски со своето непојавување на инаугурацијата на новата претседателка покажа не само каков човек е тој, туку, каков му е односот кон секој еден човек на оваа држава.
Бранко Црвенковски беше претседател на оваа држава, кој сега ги ужива сите бенифиции кои му припаднаа, затоа што бил тоа што бил. Претседател.
Тоа значи дека тој добива плата во висина на претседателската плата, добива канцеларија, автомобил, возач, телохранител, други вработени, платени сметки и уште еден куп бенифити и подбенифити. Бранко Црвенковски ја кошта државава бајаги пари месечно.
Сѐ тоа што тој го добива на товар на народот.
Од која позиција Б.Ц се осуди да не се појави на инаугурацијата. Нему му е тоа и обврска и должност.
Може да му се допаѓа, или не, изборот на народот, но народот е во право и кога греши. Нели Бранко!?
Лицето Б.Ц е должно да се појави на вакви настани.
Прима плата за тоа.
Тој не е приватно лице за да може да се понаша така како што му е ќеиф.
Многу пати јавно го покажал тој, тоа свое непочитување и обезвреднување кон својот народ.
Таа негова надменост без покритие, е една ужасна особина која за жал не може да биде никако поинаку казнета, освен со она што, ваквите луѓе веројатно сами себе си се најголемата казна.
Безобразлук и надменост без покритие.
Срам да ти е Бранко Црвенковски.
За разлика од него Ѓорѓе Иванов се појави, исто како и сопругата на Борис Трајковски. Вилма Трајковска.
Во исто време, што би рекле на телевизија, сакам да ја искористам оваа прилика, за да искажам пофални зборови за претседателот во заминување Стево Пендаровски.
Дали тој мене ми се допаѓа, или не, во овој момент е сосема ирелевантно.
Но, потегот со кој тој се откажа од сите бенифиции, кои му следуваат како на претседател, а тоа подразбира сѐ она кое лицето Б.Ц го ужива еве веќе петнаесетина години, е потег за поклон и аплауз.
Секоја чест Пендаровски. Тоа е потег достоен за човек со висок морал.
Секогаш кога пишувам вакви нешта оставам трошка резерва, токму поради својата претпоставена наивност и не баш разбирање во политика, дека можеби нешто баш и не ми е докрај јасно и дека можеби времето ќе покаже зошто Црвенковски не се појавил, а зошто Пендаровски се откажал од удобствата.
Но, тоа сега не ми е важно. Во овој момент вака мислам и вака чувствувам. Затоа и вака напишав.
За Женски Магазин, Тања Трајковска
*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин
Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу