Чек да брцнам во ташнава: Веќе не можеме да веруваме толку, колку што вие можете да не прелажете

Имам една листа со неколку работи на неа, за кои сум потпишана “главом и брадом“, дека никогаш, ама никогаш нема да ги направам.

Под број еден!

Нема да земам кредит. Под кредит подразбирам кредит-кредит.

Не мислам на купување фрижидер, или машина за перење на рати, или отплата на рати за нова кола. Тоа некако не ми е кредит. Не мислам ни на мало реновирање по дома, колку ете малку да се освежи куќата, за да ни се разубаво местово на живеење. Купатило, завеси, нов тепих тросед или ново Г-е.

Ни тоа не ми е кредит.

Кредит ми е да земеш три, четири, пет, десет иљади евра за работи кои не ти се неопходни во животот. За одмор, за матура на децата, за да покриеш други картици, со кои си влегол во минус, бидејки нозете ти биле подолги од чергата.

Е сега, или животот мене, така ми ги местел работите, па не сум имала потреба од таков кредит, оти цел живот нешто работам. Од 16 години си заработувам за свои лични потреби и желби, или пак тоа е резултат на начинот на кој сум растена и воспитана.  Никогаш да не посегнам по нешто што не е мое, или нешто за кое немам однапред договорен план со себе како ќе го решам. За ниедна друга работа не сум зихераш во животот. МА какви!

Знам да влезам у бунар и у бајбук за сијасет работи, кај што се влага со срце, душа, или “дупе“, што вика мајка ми. Треба да имаш дупе за некои работи.

Е ја за по бајаги работи во животот сум имала дупе, ама за земање кредит, треба со камшик да ме маваш. И пак нема да земам.

Под број два!

Никогаш нема да бидам член на ниту една политичка партија кај нас. Ама никогаш, знаеш што е никогаш!! НИКОГАШ!!!

Тачно да знам дека одма у Европска унија ќе не примат и дека сите ќе имаме иљаду евра плата.

Дури и да ми речат дека сите ќе се вратат во своите рурални средини и дека ќе почне да цвета животот во малите места. Дека земјоделието ќе се врати на старите златни гранки, дека пак ќе ја насадат најубавата македонска крушка, дека тутунот ќе има откуп уште пред да биде произведен. Дека нашите села ќе личат на оние во Словенија. Дека повторно ќе имаме стада овци во Беровско, ко што сме имале, дека кавал ќе ечи на сите страни. Дека ќе ја реновираат куќата на Мис Стон. Дека рудниците ќе проработат, фабриките стаклара, Емо Охрид, Железара, пак ќе работат во полн сјај. Не бе не!

Не може веќе толку многу да ви верувам, колку што вие можете да ме прелажете.

И пред крст и кандило да ми се заколнете дека нема да пикате партиски послушници таму-ваму, по директорски места, дека нема да правите лажни тендери за ваши ојлевци и дојлевцки, дека нема да ги потплаќате судииве да ви носат одлуки ко мислиш на татко ви дуќанот е судот, дека нема да праќате инспекции само кај пука сиромаштија дуќанџии, што едвај врзујат крај со крај. Дека нема да зимате коли со пајак, само на обичен народ, а ваму вашите да му се јават на некој си Ѓуро и овој ем да му се извини, што му ја кревале колата, ем да прати некој од овие “потрчковциве“ уште и да му ја донесе колата до пред врата. Ах…

Дури и да ми признаете дека не сте спиеле со ноќи, кога сте ги гледале плачните очи на земјоделците, на стечајците на оние кои ви трчкаат “по бурек“, за вие да јачате его. Абе да се утепате од плачење од грижа на совест, да липате ко мали деца. Не ви верувам.

Дури и да ве видам само-обесени, ко шо викаше баба ми “дур не се обеси некој на плоштад, за сите да видат, на овој народ памет нема да му дојде“!

Ни тогаш нема да ви верувам. Се ќе си мислам, дека или лажно ви е јажето, или сте направиле преку ноќ лажен лик, кој треба да ве одглуми, па него сте го обесиле, или не знам што!?

Оти не можам да претпоставам веќе до кај може да ви отиде безобразликот.

А си мислев умна сум, мислев и итра сум. Ама за вас сум ко без мозок. Ко мали деца ме лажете.

Можете да ме прелажете ко татко ми на времето што ме лажеше кога барав да ми купи нов точак. Па ќе ме однесеше во недела во продавница, ја ќе се спремев најрадосна на цел свет, ќе трчкав ко препелица до таму и кога ќе стигневме само ќе ми речеше ете гледаш затворено е.

Ете така понекогаш нас не воспитуваа порано, кога имало други приоритети, а ние децата не сме се разбирале од збор. Па наместо ќутек, имале некои вакви “шеретски“ методи.

Ја не знам како вас ве воспитувале кога сте биле мали и со какви “шеретски“ методи и со каков камшик по вас треба да се удри, ама ова што ни го правите ни на душман не се прави. А камо ли на свој народ.

За другите ставки од мојот список, за кои сум се заколнала “главом и брадом“ дека никогаш нема да ги правам, ќе ви пишувам во следните четива, овој пат,

Муабетот ми е дека не ви верувам и дека направивте да не можам да верувам толку, колку што вие можете да ме прелажете.


Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:

За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин