Чолиќ ќе пее на три стадиони: Балканската ѕвезда на гости во Скопје
Здравко Чолиќ на 15-ти јуни во Скопје ќе пее на три стадиони: Градскиот стадион, Националната арена „Филип Втори“ и Национална арена „Тоше Проески“. Вака новинарот Александар Блажевски го најави концертот на Здравко Чолиќ на прес-конференцијата која се одржа на стадион.
Расположен за муабает и насмеан, Здравко Чолиќ на пресот не влезе како да е најголемата балканска ѕвезда, туку како пријател на присутните новинари. Откако се поздрави со сите, изјави колку е среќен што по 2002-ра година повторно ќе одржи концерт на градскиот стадион.
- Воопшто не е важно дали ќе има 60 или 70 илјади луѓе, дали стадионот ќе биде сосема полн или не, јас никогаш не сакам да се расфрлам со цифри, а најважно е на концертот да има убава енергија. Мојот досегашен рекорд на посетеност беше во Скопје во 2008-ма година на плоштадот Македонија. Тогаш имаше проценка дека дојдоа околу 120 илјади луѓе- изјави Чолиќ.
Организаторите на концертот „Прагма продукција“ очекуваат полн стадион, а првиот човек на продукцијата Кристијан Стефаноски најави дека има организиран превоз од сите градови.
- Би сакал во некој од моите следни спотови да се појави макар еден мал дел од концертот кој ќе се одржи во Скопје на 15-ти јуни. Претходно снимавме видео приказни во Лисабон, во Дубровник, во Нови Сад, а пред неколку години со Влатко Стефановски снимивме спот на најубавите места во Скопје и Охрид- рече Здравко за Женски Магазин и најави екранизација на насловната песна „Оно мало среќе“.
Милица Џаровска
Фото: Вангел Тануровски