„Чукни во дрво“ веќе не е карантинска химна, повторно е песна на среќата: Концерт за паметење на Влатко Стефановски трио во МКЦ
Привилегија и уживање е да се гледа како целата публика на цел глас ги пее „Елено ќерко“, „Си заљубов едно моме“, „Јовано Јованке “, а ги свири Влатко Стефановски со своето трио.
Гитарскиот виртуоз на домашната и на регионалнјата сцена е околу 45 години, а МКЦ, каде што сношти одржаа концерт постои 50 години.
Се поклопија многу коцки на овој фантастичен настан, кој го организираше „Баги комуникации“. Без планирање, низ силни емоции, расположена публика и домаќини. „Ова се вика Младински културен центар, овде сме сите млади“, рече Влатко.
Јан Стефановски, неговиот син кој свири тапани има 21 година, Горан Кукиќ на бас има 24. „Мене не ме прашувајте за години“, рече низ насмевка Стефановски.
За своите музичари, на почетокот од концертот рече дека сака да го изрази своето воодушевување штои свири со нив. Вистинска реткост е фронтмен кој е толку големо име на овој начин да го величи својот бенд, и сосема заслужено.На концерот по повод половина век МКЦ, во вистинско светло се покажа Скопје. Скопската публика, оние убавите луѓе што одат на убави концерти. Топло го пречекаа својот „комшија“ од Тафталиџе, а го испратија со вресоци, овации и скандирање на што Влатко возврати: Се „осеќаме“ како странски бенд. А подомашен не може да биде.
И поради пораките на „Сеир“, и „Тафталиџе шафл“, и поради едноставноста во зборовите на Влатко со кои кажува сè, и богатата музика во 7/8.
„Секогаш ставам мистични наслови на албумите, и ме прашуваат низ регионот: Што е тоа сеир, калабалак, Тафталиџе шафл? Сеир е една балканска дисциплина“, е наједноставното објаснување на Стефановски за најточниот опис на „дисциплината“ што сите ја негуваме - гледање сеир.
За „Бистра вода“, ни рече дека е нумера која сме ја заслужиле, но и за „Као какао“, која инаку не ја свират. „Да љубиме се плашиме, за да не промашиме“, е еден стих кој остава траг од „Верба надеж, љубов“. Сношти, по две години живеење во страв и неизвесност, гледајќи среќни луѓе околу нас и слушајќи го ВС трио, како да исчезнаа целиот страв и лошите мисли.
На крајот, сите го велиме она што Влатко и „Леб и сол“ ни го кажаа пред повеќе од 30 години, „Чукни во дрво, заедно да сме јас и ти“. Карантинската химна, по овој концерт повторно е химна на среќата.
Влатко, Јан и Иван ќе одаржат концерт и вечерва повторно, на истото место од 20 часот.
Милица Џаровска
Фото: Вангел Тануровски
ГАЛЕРИЈА: