Црн петок

Добивај вести на Viber

Нема жена која со душа не чекала попуст во некој од своите омилени дуќани. Не постои жена на која не и’ прострујува низ телото слатко задоволство кога се наближуваат деновите во кои ќе може да ги најде омилените парчиња облека по цена која се’ уште е далеку од реалната, но е барем колку толку приближна до она што е спремна да потроши. Нема ниту маж кој ќе остане рамнодушен на светкавите реклами кои ги преплавија социјалните мрежи за гооооооолеми попусти на машки брендови. Нема мајка, ниту татко кој нема да се израдува дека за помалку пари ќе може да купи повеќе играчки за своето дете, за да може да си го распореди изненадувањето тогаш кога ќе згусти, а истото да не се одрази негативно на семејниот буџет.

Значи, да сме на чисто...фамозниот ЦРН ПЕТОК сите сме го чекале, кој за гардероба, кој за книги, кој за двете. Да, заедно со постновогодишните големи попусти за да се изнакупиме и она што ни треба, ама и она што никогаш нема да го облечеме. Традицијата на црниот петок е нешто на што се радуваат и оние кои живеат и во побогати земји од нашава. Не ретко сум гледала фотографии како се дежура пред продавниците, со вреќи за спиење, на смени, само за прв да се стигне до она што е потребно лично за себе или за дома. Не ретко, таа еуфорија завршувала со турканици, па и тепачки само за да се биде прв во редицата. Оваа година, која верувам дека е кошмар за целиот свет, не’ научи дека има работи кои се поважни и од имиџ, слава, пари, гардероба, а тоа е здравјето. Читав дека ваквите настани кои вообичаено се чекале цела година, во многу градови се откажани, токму заради зачувување и заштита на здравјето на граѓаните.

А ние, како и за многу работи досега, потфрливме и во тоа. Да, за нас (заедно со соседите со кои имаме за некои работи идентичен менталитет) не важи ни препорака, ниту страв, ниту обзир кога се работи за попуст. Редици од луѓе во молови во кои има централно ладење и греење, односно, нема природен проток на воздух за што сме биле многу пати бомбардирани со информации дека се легла на бактерии, а централниот систем на циркулирање на воздухот е само олеснителна околност за нивно распространување. Со часови чекање надвор на ниски температури, на загаден воздух кој секогаш и без исклучок е една од главните точки во сите политички кампањи, а ниту една владеачка гарнитура досега не успеала да го реши или намали овој проблем. И секако, прво што ми падна на ум беше дека народов наш е тотално отиден со умот кога на сред пандемија може да формира редици и да се турка внатре по молови и продавници. И да, сите сме до некаде отидени со умовите, за што е во голем дел одговорна и психозата под која сме веќе скоро 1 година. И најлесно е да се обвинат луѓето (за кои, да се разбереме не им давам амнестија за постапките), но мислам дека проблемот ни е многу поголем и посуштински отколку да осудиме веднаш. Ние сме сиромашен народ, тоа е факт...ние сме народ кој има поединци кои можат да се наречат богати, додека средната и ниската класа е она што изобилува кај нас. Во услови во кои живееме, со примања кои се смешни, што можеше да се очекува во изминативе денови? Дека сите ќе чекаат да поминат попустите и гужвите, па да изнакупуваат? Се разбира дека не! И пак ќе речам, не дека попустите се навистина попусти кои доликуваат за вакви настани. Не, тоа се цените со вкалкулиран профит кој секако нема да е минимален. А луѓето не можат да си дозволат во нормални услови да купуваат, оти немаат! Не дека и на нив не им одговара ко господа да одат кога ќе им притекне по продавници. Едноставно, не им се пушта лесно приликата да земат дури и покуќнина за поевтино, да се облечат пристојно а тоа да не ги чини еден бубрег. И да, за срамота е што дуќаните не беа затворени овие денови за да се занимаваат со онлајн нарачки и кои не прогласија дека попустите ќе важат исклучиво и само за онлајн порачувања. И сето ова би било беспрекорно и идеално, ако немаме еден друг проблем, а тоа е дека не секој е и технолошки писмен. Да, има луѓе кои немаат телефони кои се последен крик на технологијата и немаат лаптопи. Има луѓе кои едноставно не знаат како се прави онлајн нарачка. И тоа не значи дека се неуки или глупави, туку дека некаде длабоко сме потфрлиле на многу нивоа.

Додека 30 години наназад секој од нас го одбира она што е помало зло за него, оние кои сме ги бирале не вложиле во луѓето. Се вложувало во секакви глупости кои и ден денес ги гледам кога врвам низ градов и секој пат ми се блуе, се вложувало во wowwwwwwwwww новогодишни китења на град во кој нема асолен воздух за да се излезе на плоштад и да се слави, ама ете, никојпат никому не му текнало дека може да се вложи во луѓето. Дека можело и досега да има по еден лаптоп во секое семејство за во вакви случаи-корона, па да треба да се организира онлајн настава или еве, дури и купување. Не му текнало на никој дека џабе сиот лажен сјај на градов и државава ако оние кои ја сочинуваат истата се ставени во позиција на преживување, а не живеење.

И да, наречете ме крута, будала, диктатор...ама јас да бев, а да знам што се спрема деновиве, немаше да дозволам луѓето дури и по свој свесен избор да си го загрозат своето и туѓото здравје. Можеби ќе го организирав поинаку, најверојатно ќе го одложев за некои подобри времиња, не знам.

Потфрливме сите, од прв до последен, почнувајќи од оние кои киснеа во редовите, завршувајќи со нас кои бевме сведоци и сеирџии. На крајот од денот, можевме да ги прашаме оние кои ни се блиски а за кои знаеме дека едвај чекаат вакви денови, дали сакаат да им направиме нарачка, наместо да се создаваат колони.

Не е народот виновен што нема, туку дискутабилно е колку сте виновни вие кои сте биле и кои сте на власт што не сте им ја олесниле живеачката. Да, согласна сум дека за крпче не вреди да се ризикува ни здравје, ни живот...ама па ниту еден од нас не е во кожата на некој друг. Согласна сум дека никогаш не би застанала во редица во вакви услови, ама па што знам јас тие луѓе со какви побуди и од кои причини биле таму.

Одамна се обидувам да не судам и не осудувам, одамна знам дека никогаш работите не се онакви како што изгледаат на прв поглед. Одамна ми е јасно дека не е до луѓето и земјата, туку до оние кои ја водат. А тие ако се глас на народот, треба да работат за добробит на народот. Потфрливте и потфрливме...само се надевам дека Црниот петок, нема да црн биланс во следниве месец дена.

Да сте ми живи и здрави и пазете на себе.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

П.С. Денес ќе ве потсетам на една песна која е напишана одамна, ама која секогаш си наоѓа свое место во секојдневието

Купуваш скапа облека

Со етикета на која стои име

Кое најчесто не знаеш да го изговориш

Или кое ништо не ти значи

Купуваш скап часовник

Кој го мери времето кое ти преостанува

И кој никогаш нема да ти попушти

За да поживееш уште некој ден повеќе

Купуваш скапи салонки

Кои ги облекуваш за низ дома

Вежбајќи го одот дур не ти капнат нозете

Со надеж дека ќе ти го донесат принцот

Купуваш се’ и сешто

Најмногу она што не ти треба

Со надмено движење на раката

Кога ја подаваш кредитната картичка

Со ладен лик и со надеж

Дека не ти се гледа јанѕата

Ако ти кажат оти картичката ти е одбиена

Купуваш лажни пријателства

Мир кој е најмалку тоа

Почит за која знаеш дека трае

Дур не го завртиш грбот

Си го лажеш умот оти се’ на светов цена има

И се’ што на светов постои може да се купи

Дека е доволно паричникот да ти е полн

И дека тој ќе ја пополни празнината во тебе

Пиеш коктели кои ти се блуткави

Од кои после желудникот во тоалетот си го вадиш

Пушиш странски и скапи цигари

Иако три колена наназад сите од канцер ти умреле

Возиш бесен автомобил

Во кој никогаш немаш со свој чоек седено

Да се кикотите дур стомаците не ве заболат

И да се исплачите за сите болки

Живееш лажен живот

Со гламур кој е тажен

И од кој ти е мачно сам од себе

И се тешиш

Така поубаво ти е кога си велиш

Оти се’ на овој свет со пари се купува

Иако знаеш дека насмевката нема цена

И дека сјајот во очи не се глуми

Дека најскапоцена е воздишката

Која не доаѓа од устата туку од душата

Дека трепетот на нечие тело кое го љубиш

Не може да се купи со ништо

И дека си голтар

Дека најсиромав на светов си

Ако љубов во себе и околу себе немаш

Дека ќе си умреш ко питач

Ако некој до тебе тогаш не седи

И раката силно во својата да ти ја држи

Нежно стихови љубовни да ти шепоти

Голтар си

Голтар си ако барем два-тројца до себе немаш

Кои ко ќе згрешиш ќе ти се развикаат

И кои нема за ништо да те поштедат

Од љубов

Од љубовта кон тебе што ја имаат

И со која сакаат да те сочуваат

Голтар си

И голтар ќе останеш ако не разбериш

Оти искрен чоек со пари не се купува

Ниту срце на жена така се освојува

Ниту душата на мажот по тебе ќе лудува

Оти има на светов работи кои бесценети се

Кои со ништо не се купуваат

Освен со питомо срце

И отворени дланки

На светов сон на праведник не можеш да купиш

Ниту љубов која живот дава

Ниту смрт која утеха ќе биде