Д-Р ФИДАНОВСКИ: МАЈЧИНОТО МЛЕКО Е НАЈДОБРАТА И ЕДИНСТВЕНА ХРАНА ЗА ВАШИТЕ БЕБИЊА
Мајчиното млеко е единствена и незаменлива природна храна за доенчето, а доењето е единствен и незаменлив предуслов за негов правилен емотивен и физички развој. Прим. д-р Душко Фидановски, шеф на Одделот за детски болести и детска хирургија во Клиничка болница „Аџибадем Систина“ по повод Светската недела на доењето, објаснува колку мајчиното млеко е значајно за растот на децата, но и како персоналот од оваа болница го поддржува процесот на доење...
Клиничка болница „Аџибадем Систина“ е долгогодишен промотор на доењето – што се правите вие како болница на оваа тема?
Д-р Фидановски: Клиничка болница „Аџибадем Систина“ и Одделот за неонатологија се акредитирани и се носители на плакетата „Болница- пријателка на бебињата“ уште од 2010 година и строго се придржува кон иницијативата на СЗО, 10-те чекори за успешно доење и користење на мајчиното млеко, како единствен и најдобар начинна исхрана на новородените и доенчињата. Секоја година учествуваме во активностите поврзани со Светската недела на доењето,со давање придонес во подигање на севкупната свест за важноста на доењето и користа од мајчиното млеко како за децата така иза родилките. Поддршката за отпочнување на лактацијата кај родилката, нејзиното понатамошно одржување, користењето само на мајчино млеко во исхраната на децата и намалување или потполно исклучување на користењето на млечните формули во исхраната се координирани активности и подразбираатпреземањеактивности од: неонаталозии гинеколози перинатолози, акушерки и посебно обучени неонатолошки медицински сестри.
Активностите поврзани со доењето започнуваат уште во текот на бременоста, кога на трудниците преку бесплатните предавања што ги организираме, теоретски и практично, им се презентираат предностите на доењето и на употребата на мајчиното млеко за новороденото и за родилката. На располагање им се и посебно подготвени електронски и печатени едукативни материјализа доењето. Кај секоја трудница, породена во нашата болница, се инсистира на ран близок контактсо новороденото кожа со кожа, веднаш по породувањето и на реализација на првиот подој, ставање на града и цицање, во првите 24 часа (рано иницирање на доењето), што е одголема важностза успешно отпочнување на лактацијата и нејзино одржување во наредните месеци. Родилките во нашата болница престојуваат 4 дена по породувањето, а условите за сместувањеовозможуваат тој престој да биде по принципот руминг ин, што значи мајката и детето заедно 24 часа од породувањето па до моментот на напуштање на породилиштето, што е од непроценливо значење за отпочнување и воспоставување на успешно доење. За тоа време тим од искусни неонатолози и медицински сестри секојдневно врши едукација преку интерактивна комуникација, со цел објаснување на предностите од доењето и употребата на мајчиното млеко и секако начините на надминување на вообичаените тешкотии кои се појавуваат кај родилките. Грижата продолжува и по напуштање на болничките простории. Посебно обучени медицински сестри во првите 48 часа по одење од болницата ги контактираат и по потреба ги посетуваат родилките и помагаат во успешно спроведување на доењето, а преку честите контроли во првиот месец од животот на новороденото во нашите амбуланти, се продолжува со едукација за исхраната и доењето.
Кои се предностите и придобивките во однос на растот и развојот на децата?
Д-р Фидановски: Мајчиното млеко со својот единствен состав е идеална храна за доенчињата која ги задоволува сите квалитативни и квантитативни потреби на децата. Тоа ги задоволува во потполност хранливите потреби на доенчињата во првите шест месеци, а потоа и покрај потребата од воведување на друга, комплементарна исхрана, остануваглавната нутритивна компонента до навршување на 2 години. Затоа и препораките на СЗО и другите асоцијации што се однесуваатна исхрана на доенчињата се: употреба само на мајчино млеко до 6-месечна возраст, а потоа продолжување со доење и покрај воведување на друга комплементарна исхрана до најмалку 1 година, а и по таа возрастдодека постои можност за тоа. Децата што се доени кога било, а особено тие што се ексклузивно доени имаат многу подобар и поурамнотежен раст и развој од децата што добивале вештачки млечни суплементи, а особено од тие што се хранеле само со адаптирано млеко, имале помал број тешки респираторни и ентерални инфекции, помала застапеност на хронични заболувања од типот на шеќерна болест, прекумерна тежина, астма, алергиски болести, болести на кардиоваскуларниот систем и малигни заболувања, особено леукемиите.
Што значи мајчиното млеко за новороденчињата, особено за предвреме родените бебиња?
Д-р Фидановски: Новородените, особено предвреме родените деца и децата со помала родилна тежина, во првиот месец од животот, се наоѓаат во фаза наприспособување на надворешната средина и период на развивање и промени на сите внатрешни органи кои се подготвуваат за автономен, независен начин на функционирање. Мајчиното млеко со својот избалансиран состав на хранливи материи, витамини, минерали, олигоелементи, но и компоненти што имаат антиинфективен, антиинфламаторен и имуномодулаторен ефект овозможуваат оптимален раст и развој, нои ефикасна заштита од заболувања кои можат да го зафатат незрелиот организам, па така претставува и храна и лек. Maјчиното млеко ги штити децата од респираторни и ентерални инфекции на кои новородените и младите доенчиња се повеќе изложени,а кај недоносените го намалува процентот на најчести компликации како: некротизирачкиот ентероколитис, хроничната белодробна болест, ретинопатијата кај недоносените, доцни потешки инфекции и со тоа значително влијае врз намалување на неонаталната, доенечката и смртноста на деца до 5-годишна возраст. Во нашата болница за недоносените и децата што од различни причини се одвоени од своите мајки и престојуваат на Оддел за интензивна нега, за непречено користење на мајчиното млеко постојат простории во кои мајките го измолзуваат и го складираат своето млеко (т.н. лактариуми), кое потоа се користи за исхрана на нивните деца. Особено сме горди на воведување на принципот на т.н.„predischarge rooming in“, односно обезбедувањеприсуства на мајката која учествува во исхраната,но и во негата на своето дете, заедно со медицинскиот персонал, неколку дена пред отпуст од болница, со што се овозможуванејзина едукација за безбедно и самостојно продолжување на грижата за своето дете во домашни услови. На овој начин, ние во нашата болница обезбедуваме исхрана со мајчино млеко и на голем број од ризичните новородени кај кои поради здравствената состојба е отежната неговата употреба, но од друга страна неопходно потребна,со единствена цел постигнување на што поуспешен исход од лекувањето.
Голем дел од мајките се соочуваат со проблеми во однос на доењето, совет до нив?
Д-р Фидановски: Мајките треба да знаат дека мајчиното млеко е најдобра и единствена храна за нивните деца и треба да бидат добро запознаени со многубројните предности од доењето како за нивното дете така и за нив. Процесот на отпочнување и особено одржување на успешна лактација не е лесен, а особено може да претставува тешкотија за првoрoтките, односно за тие што имаат прво дете. Мој совет е да се придржуваат со целосна доверба кон препораките што ги добиваат за доењето и исхраната од своите педијатри и другите медицински лица одговорни за ова и да бидат упорни во нивното спроведување, бидејќи успешното спроведување на доењето и употребата на мајчиното млеко во исхранатана нивните деца се од непроценлива важност за нивната иднина.
Кои се вашите резултати постигнати со поттикнувањето на доењето?
Д-р Фидановски: Благодарение на сето ова што се презема во нашата установа, а што е поврзано со доењето и употребата на мајчиното млеко, имаме одлични резултати и постигнувања поврзани со исхраната на бебињата родени во нашата болница: висок процент на рано иницирање на доењето (прв подој во првите 24 часа) кај над 80 отсто од новородените, над 60 отсто од бебињата што ја напуштаат болницата (по 3 или 4 дена од раѓањето) се на исхрана само со мајчино млеко, а што е многу важно имаме и извонредна одржливост во употребата на мајчиното млеко кај доенчињата, односно над 80 отсто од децата до 6 месеци и над 70 отсто од децата до 9-месечна возраст се на исхрана со мајчино млеко. Ова се индикатори што нè прават многу среќни, но и дејствуваат мотивирачки да продолжиме и понатаму со ист интензитет во спроведување на принципите на користење на мајчиното млеко како најдобра и единствена опција во исхраната на доенчињата.