Да му цркне козата на комшијата

Добивај вести на Viber

уметница - Анита Огњановска

Во сиот овој хаос во кој веќе со месеци живееме, некои ја доусовршија својата потреба и желба за да помогнат, некои дури сега научија што е емпатија, а некои само си ја дозабетонираа себичноста и ситењето на туѓата мака. Сеирот кој е синоним за нашите итромани е на ранг на спорт кој се практикува толку ревносно што дури и најредовните поборници на вежбање и здрав живот, не се толку посветени на она што го прават. Мислењето е како задникот, сите го имаме ама не е баш секогаш за покажување надвор. Но, тоа не важи за нас, оти по глава на жител имаме најмногу луѓе со мислење за се’, критичари, такви кои со сласт ќе ви покажат и кажат како треба да живеете, експерти кои немаат покритие за својата експертиза, ама затоа се упорни ко мазги. Па после се чудиме и кукаме оти не оди ништо ко што треба, зошто сме народ и земја за потсмевање и развиваме теории на заговор како кога бевме деца па ќе донесеме лоша оценка дома дека “професорот ме мрази”.

Сите неуспеси кои ги имаме, се правдаме пред себе дека се поради околности или дека некој не’ за*бал, а никогаш не ѕирнуваме во себе за да видиме дали можеби е нешто до нас или дека треба да се корегираме во нешто. Изговори, оправданија, избегнување на одговорност, ете тоа се особините кои се’ почесто ги приметувам за сметка на емпатија, самокритичност и преземање одговорност за сопствените постапки. Кога стасавме толку да се испоганиме? И не само кога, туку и зошто? И тоа ни се провлекува низ животот без да го ставиме прстот на чело и да се запрашаме каде уствари грешиме. Домашното воспитување е мисловна именка, да си фраер во денешно време се учи на улица, со улични манири. Да се каже добар ден, прости, те молам, се работи кои се учат од дома, а не на улица. Во мое време (Боже ме прости, ко баба ми звучам) да си фраер не значеше да си манипулант, туку шмекер кој почитта од фраерлукот не само што требаше да се заработи, туку и да се оправда. Но, во време на технологија кога на мама и тато им е полесно да го тупнат мобилниот во рацете на детето, наместо да разговараат со него си го зема својот данок. Децата учат она што гледаат, а не она што им се кажува. Па така, израснуваат во луѓе кои на работните места ќе сурфаат на нет наместо да работат, борбата за подобро работно место нема да е затоа што ќе вложат во себе и своето образование, туку оти ќе смислат некоја ујдурма за да ги истиснат оние кои се поквалитетни од нив. Во приватниот живот нема да се ништо поарни. Ќе муваат околу, со изговор дека таа или тој со кои се дома не ги разбираат, дека се несреќни и сите попатни блуеници кои сите сме ги слушале. На ваквите муабети секогаш сум прашувала “па добро, никому не му е лесно, ама зошто не разговарате? Зошто не седнете на маса и сите проблеми да ги ставите таму, наместо да ги пикате под тепих? Зошто ако е се’ до толку отидено по ѓаволите не се разведете и да си го продолжите животот ко што ви доликува?”. Претпоставувате дека одговорите биле ко да разговараат со некој малоумен, па ми било кажано дека сепак заради децата се по дома, дека семејствата ќе се потресат, дека угледот е најважен.

Отпрво бев збунета додека истиве муабети не ги слушав толку долго и толку често што веќе наизуст можев да ги цитирам без да очекувам одговор. На крај, престанав и да прашувам, гледајќи да ја уловам првата можна прилика за да го напуштам соговорникот користејќи разни причини, од глава болење, па до тоа дека не се сеќавам дали сум ја исклучила пеглата дома (што некогаш и ми се случува).

И сите овие вакви ликови, израснати во семејства во кои љубовта и разбирањето умреле одамна, учени дека е поважно да си ситуиран отколку да си човек, задоени со тоа дека треба да се борат без усул оти целта ги оправдува сите средства, стануваат луѓе-ѕверови кои на првата мака кој ја има некој ќе покажат со прст и ќе се ситат.

Начинот на живот кој вели “не е важно како ми е дома, туку важно е дека на комшијата му цркнала козата” е широко застапен. Па ќе се радуваме оти пропаднале бизниси (оти така му треба на тој и тој) без да се подзамислиме дека секој пропаднат бизнис значи луѓе оставени без средства за живот, ќе се восхитуваме на ликови кои прават мајмуни од своите партнери изневерувајќи ги јавно (оти нели тоа беше дел од фраерукот), без да да ни текне оти другата страна знае и страда, а страдаат и децата ако ги има во тој однос. Ама најважно е дека ние сме сеирџиите, а другите се “глупави”. Можеби сум јас непоправливо наивна кога верувам дека не само што секое лошо дело се враќа, туку и лошата мисла носи лоша карма. А знаете дека кармата е кучка која напаѓа токму таму кај што сме најкревки и тогаш кога најмалку очекуваме.

И она што е најинтересно е дека никој во момент на сеир не помислува што со тоа. Како нечија туѓа несреќа може да се рефлектира позитивно на вашиот живот и што всушност добивате вие со пропаста на некој друг? Секако дека ништо, ама пусто слатко е кога се потсмевате, нели? Таа енергија си ја носите дома, во таква енергија ви растат децата и ќе бидат достојна копија на она што сте вие. Ама тоа е меч со две острици, оти истите тие деца кога ќе ја загубат човечноста кон светот и луѓето околу, ќе ја изгубат и за вас како нивни родители. Веројатно, тоа е кармата за која никој не мисли дур не се случи.

Човечкиот век е краток за да се бавиме со она што не е наша работа. Само замислете што се’ сте можеле да сторите ако не сте ја трошеле енергијата и времето на нешта кои не се ваша работа. Колку сте можеле да прочитате, да слушате и откривате добра музика, да работите на себе, да уживате во плодовите на вашата работа ако сте се усовршувале и како луѓе и како работници.

Козата на комшијата е прекрасна паралела со она што ни се случува во секојдневието. Таа коза е само показател за тоа какви сме и кои сме, колку ни сече и каде сме кинисале. Кога ќе научиме дека неуспехот и загубата на другите е и наша загуба и неуспех, можеби ќе не’ биде. Можеби тогаш ќе сакаме да ја спасиме козата, оти за некого можеби таа е извор на живот, а нели среќата е во тоа да се помага? Или тоа станало само празна флоскула која ја користиме за да оставиме впечаток. Доблеста не е во тоа да се користат фрази и цитати од Руми, Ошо, Коељо...доблеста е во тоа да се подаде рака, да се помогне или барем да се молчи кога не може да бидеме од корист. Доблеста да се биде добар човек е награда сама по себе, а не нешто од што треба да се срамиме. А за жал, во денешно време да се биде добар и доблесен е сфатено како слабост и е предмет на потсмев. Волци во јагнешка кожа има премногу, умрени кози исто така, а мене само ми е болка дека децата ни растат во лоши времиња, а не знам како да го опрајме тоа. Бидете пример и луѓе со кои потомците ќе се гордеат и ќе учат од вас, за кога ќе ни дојде на сите крајот, да можеме барем да си кажеме “добра работа завршив”.

Да сте ми живи и здрави, направете некое добро дело денес макар и најмало, најситно. Душата ќе ви се наполни, а нема поголемо задоволство ниту придобивка од питомо срце и душа полна љубов. Се’ останато е минливо.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Рака да подајш

И чоек за чоек да бидиш

Та во раката од душа милост собрана

Ко љубовник на саканата

Китка цвеќе ко и’ носи

Рака полна сончевина

Ко старец на внуче

Бонбони в рака ко му тутка

Рака со дланка отворена

Ко двајца ко се милуваат

Рака

Рака да подајш

Чоек да бидиш

Дури и тогаш кога луѓе помалку има

Та во чоечки лик волци се кријат

Ама и тогаш да знајш арен да бидиш

Убоста и во лошото да ја разбудиш

А лошото да сториш само да си замини

Ама за рака подаена

Со прсти отворени од кои себе ќе се дајш

И кои во тупаница нема да ги стисниш

Треба чоек да се родиш

Кој кусур не ќе фаќа

Кому зборот свила ќе му биди

Кој ќе допри за да погали

И кој ќе проговори за да утеши

Оти светов удолу е кинисан

Тежок од солзи кои капеле

Згрчен од удари

Затапен од злоба

Светов удолу кинисал пиле

И само чоек можи да го спаси

Оној кој во секој од нас спие

И кој само да се разбуди треба

Оти чоек да убие можи

Ама можи и живот да дај

Та шо ќе одбери

Тоа ќе си го носи со себе цел век

Во умот и душата или градина ќе му цвета

Или гробје запуштено ќе му биди

Оти секој од нас избор има

И секој бира шо од себе ќе стори

Дали в раце рози ќе носи

Или куршуми ќе дели

Рака да подајш

Дури и тогаш кога ќе ја турнат

И кога наместо бакнеж

В раце ќе ти плукнат

Оти најтешко е чоек да си

И чоек до крај да останиш

Без душа да си испоганиш

И без во умот коров да ти се насади

Рака да подајш

Оти рака подаена е дар од Бога

Со кој друг ќе даруваш

А тој другиот

Некому пак дар ќе стори

Оти само така луѓе ќе останиме

Само така чоек со чоек ќе се спасиме