Да живее љубовта!

Добивај вести на Viber

Откако со Божо ја напишавме саботната колумна во Машки магазин (кој не ја читал, еве линк) https://maskimagazin.faktor.mk/mazi-vs-zeni-seksualna-permutacija, не ми се веруваше дека добивме толку многу позитивни реакции, што на фејсбук, инстаграм, па и во инбокс (оние кои малку ко да се срамеа јавно да кажат што мислат). Тоа некако и ми даде надеж дека почнуваме да исчекоруваме од одредени предрасуди кои ни биле наметнати низ годиниве. Да бидам искрена, добив и неколку непристојни понуди во кои имаше “милф”, ”младо месо”, ”провод” во една реченица, ама па и тоа беше за очекување. Секако дека ако некој пишува за одредена тема, треба да биде на чисто со себе дека секој има право да го сфати тоа онака како што му одговара. Бидејќи инбоксот за мене е светиња и никогаш не изнесувам делови од него (освен ако е за нешто арно, на барање на оној кој ми пишал), ќе ве оставам ускратени за имагинацијата на одредени ликови кои малку ги измешале брзините. Или, што би рекол еден мој близок и прекрасен човек “ги бришам сите понуди и фотографии, за не дај Боже ако го изгубам телефонот или ми се деси нешто...кој ќе ги носи после на душа”. Па, така и јас во случајов.

Да се вратам малку погоре и да разјасниме неколку работи. Предрасудите ги сметам за уназадување на умот и кочница во развојот на нечија мисла. Слободата на избор со кого муабетиме, се дружиме, имаме секс, јадеме или живееме е индивидуална одлука на секој од нас и никој, ама баш никој нема право тука да се меша или да кажува мислење, освен ако не е прашан. Па бидејќи во моите непристојни понуди бев прашана, еве јавно да одговорам. Не, не е “младото месо” во прашање. Впрочем, за мене е непоимливо некого да наречам или да помислам дека е “младо месо”. За месо, фала на прашање, одам во Веро и таму пазарам. Се работи за нешто многу посуштински и попрефинето. Се работи за тоа дека може да се случи на било кој од нас да има совршена комуникација со помлада особа, да има хемија, да има искри и поврзаност, ама никогаш тоа да не дојде како точка на дневен ред затоа што прво што секогаш ни е на ум е “што ќе речат другите!”.  Дечки, јас сум разведена веќе 13 години и сум била нарекувана распуштеница...мислите дека ми е гајле што ќе речат другите?! Сама плаќам сметки, сама тегнам торби од пазар, сама се снаоѓам за детето да има се’ што му треба во животот. Ако сето тоа го терам сама, чуму тогаш кога треба да имам свој живот, треба да се грижам за тоа што ќе речат или помислат другите. Ова ви го кажувам не за да се пофалам меѓу редови дека имам некој (оти немам, барем сега за сега), туку за да ви се развикам малку да ПРЕСТАНЕТЕ ДА МИСЛИТЕ НА ТОА КАКО ВАШИТЕ ПОСТАПКИ ЗА ОНА ШТО Е ВАШ ЛИЧЕН ЖИВОТ ИМААТ ВЛИЈАНИЕ ВРЗ ДРУГИТЕ! Доволно викав? Ок, доволно.

Бил помлад, била постара, бил постар, била помлада....аман веќе, или што вели Божо во колумната “се’ може доколку е во согласност со законските прописи кои се важечки”. Она што повеќе треба да ве загрижува е дали го добивате од една врска токму она што ви треба за да сте насмеани, среќни, со пеперутки во стомакот. Да, секако дека и ние над 45-тата имаме пеперутки во стомакот. Е, добро де....заради годините може се и диносауруси, ама го имаме оној познат скокот во утробата кога ни се случува нешто убаво. Како што знае еден однос во кој има разбирање, почит, муабет и добар секс да светне некого, така знае и да упропасти ако е лишен од убости. Ко ќе ми текне каква бев пред некоја година кога после разводот конечно одлучив да отворам врата на љубовта и како тој нездрав однос се одрази на мене, ми иде сега да си врзам една, па уште една....и уште една. Значи сега на скоро 49 изгледам помлада отколку тогаш на 42-3 и имам цврсто одлучено дека никогаш, ама баш никогаш нема да си дозволам умот и телото да ми се распаѓаат заради некој кој не ме прави среќна. Или, накратко...не е важно дали сте со постара или постар, помлада или помлад. Важно е тој/таа карши вас да знае како да допре до вас кога сте со духот паднати, како да најде начин да ве крене кога сте удолу, како да ве насмее кога мислите дека светот ви се руши и како да ве натера да уживате во интимата. И секако, да нема изговори, туку дела.

Баталете луѓе кои само зборуваат колку ќе ве усреќат, нека го направат тоа без многу дрндање. Баталете луѓе кои ќе ви симнуваат ѕвезди, нека засвети она што го има меѓу вас....ако го има. Без одложувања и без изговори. Деновиве, една моја многу драга и сакана пријателка која само знае да шири позитивна енергија на социјалниве мрежи, објави дека ќе се мажи. Момчето, странец...на сред светска пандемија дојде во Скопје за да ја побара за жена. Сликани двајцата со маски, а очите им светат, немаше потреба да се претпостави дали и колку се среќни. Ало, дојде зетот (јас така си го викам) од странство за да и’ покаже и каже колку ја сака, да клекне на колено пред неа. Е, тоа е фраер, а не да се тегави ко мастика за џвакање ако треба да стори и минимален напор за да покаже некоја емоција. Па и згора на се’, да очекува дека треба да сте благодарни за тој минимален напор и да не му мрчите. Па и вие драги мажи...не барајте принцези кои на секој ваш обид од петни жили да ја усреќите, ќе ви најде замерка или ќе се однесува како тоа да и’ следи.

Никому во животот ништо не му следи онака, од небо паднато. За да сме дури и среќни и слободни, треба малку да ги испотиме задниците, а не да се однесуваме како да сме нешто посебно. Оти (да ве разбудам малку), никој не е посебен и сите сме посебни на свој начин. И да, секој без секого може ако мора за да се спаси себе. сакате и сакам хармонија и среќа? Треба да се работи на тоа. Никого во мојот живот не сум земала здраво за готово. Никого!

Верувам дека ова што ќе го напишам сега, го пишувам во име на сите вас. Не е до годините, не е до “месото”...до љубовта е. И ве молам, не ја валкајте со недолични епитети. Едноставно, секој од нас заслужува да биде сакан. Секој од нас заслужува да биде љубен нежно...секој од нас заслужува да почувствува страст од која ќе трепериме со денови. Оргазмите не се од “месото”, туку доаѓаат од малку посуштинско место. Впрочем, не е ист оргазмот во кој треба само техника и оној кој доаѓа од љубов.

Да сте ми живи и здрави, чувајте се и љубете се. Оставете со предрасуди да се занимаваат оние кои горчината од својата неуспешна потрага по љубов ја носат во себе. Не им се лутете, оти нив повеќе ги боли отколку што сакаат да ви признаат.

ДА ЖИВЕЕ ЉУБОВТА!

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Ќе кренеме чаши

И ќе наздравиме

За она што живи не’ прави

И срцата ни ги чува

За растреперената душа

И за пилето кое в гради пее

Ќе кренеме чаши

Угоре и високо

Полни пенливо вино

Чиј мирис опива

За она што од мртви не’ крева

И сјајот во очите ни го враќа

За утробата полна копнежи

И рацете полни прегратки

Усни на кои спијат бакнежи

И тела кои се едно за друго создадени

Ќе кренеме чаши

За она за кое пишуваме

Она кое го опејуваме

Она за кое битки се воделе

За жените кои ги љубите

За мажите кои ги љубиме

За сродните души

И за воздишките кои ги будат

Ќе кренеме чаши

Оти налет пари и успех

Налет и слава светска

Ако постелата празна е

И ако нема чоек кому да се врати

Кога ноќта ќе намине

Ќе кренеме чаши

За сите љубови кои љубов останале

За оние кои допрва ќе расцутат

За оние од кои солзите ќе пресушат

За оние кои ќе знаат како

И која сила да не’ љубат

За да не прегориме и изгориме

Ќе кренеме чаши

Не за душа

Туку од душа

Не за спомен

Туку за сега и овде

Да наздравиме за она

Од кое сите малку се плашиме

Ама без кое животот, живот не е

Ќе кренеме чаши

Високо и со радост

И полека од нив ќе пиеме

За да ни трае

И љубовта вечна да ни е

Во овие пусти времиња да преживее

За после нас да остане да живее