Дали Обама ќе ни ги помати сметките за „Медена земја“?

„Медена земја“ веќе влезе во историјата. Тоа е првиот филм во светската кинематографија истовремено номиниран во категоријата најдобар документарец и во категоријата најдобар интернационален филм. Како што Џејк Којл напиша во својата рецензија за „АП Њус“, двојната чест го прави тивок револуционер на Оскарите, но дали тоа значи сигурна награда за најпрестижното филмско доделување на награди? 

Според влијателните „Њујорк тајмс“ и „Асосиејтед прес“ во понеделник наутро Македонија дефинитивно нема да се радува на таков историски успех. Којл објаснува дека иако „Медена земја“ заслужува да победи во обете категории, тоа нема да се случи.

Во категоријата „Најдобар документарец“ предност за триумф му се дава на документарецот „Американска фабрика“, првиот филм кој го продуцираше компанијата на поранешниот американски претседател Барак Обама и неговата сопруга Мишел. Приказната на режисерите Џулија Рајхерт и Стивен Богнар влегува во напуштената фабрика на „Генерал моторс“, која беше претворена во фабрика за стакло од еден кинески милијардер..

- Добра приказна ви дава шанса подобро да разберете нечиј друг живот. Може да ви помогне да пронајдете заедничка основа - напиша поранешниот американски претседател Обама на „Твитер“.

Многу се мали шансите „Медена земја“ да добие оскар и за најдобар интернационален филм, каде без конкуренција главен фаворит е јужнокорејскиот „Паразит“ кој е потенцијален победник и во категоријата за најдобар филм воопшто.