Дарија Андовска: Трифун Костовски ми купи авионски билет за Баку

Познатата македонска композиторка Дарија Андовска, неодамна напиша Фесјбук статус, индиректно поврзан со случувањата на Еуростандард Банка и Трифун Котовски:

Еве што вели за Трифун:

2003. Поканета бев на фестивал во Баку, Азербејџан. Се разбира, сè покриено освен патот. И се разбира, далеку од тоа дека можев финансиски да си го дозволам патот како студент по композиција.

На многу врати тропнав, со поканата и со цело куферче програмчиња од концерти.

Дел од одговорите кои ги добив:

-Девојче, за тие пари можеш да чистиш шофершајбни на раскрсница.

- Девојче, за тие пари не ни свикуваме состанок.

- Девојче, вратата се затвора од другата страна.

Една колешка ме покани на "Глумците пеат". На среде манифестација, кажаа дека Трифун Костовски е генерален спонзор и го поздравија. На пауза, јас решив дека ќе одам кај него. Мечка страв, мене не ме страв.

Се пробивав меѓу бодигардите, таква ситна, а тој ме здогледа и рече:

- Повели, моме?

Како рафал изрециритав која сум, што правам, за што ми треба помош.

Ми рече да дојдам во сабота на Салвадор Дали бр. 1, во 12ч.

Се истопорив со куферчето, цд-ата и со многу надеж. Ме прими, ме почести кафе и ми кажа дека авионската карта ќе можам да си ја подигнам таму и таму.

Ме поздрави со:

- Животот е убав, уживајте го.

Се симнував пешки по Водњанска во состојба на левитација.

Кога си ја подигнав авионската карта, видов дека ми оставил дополнително пари "за џепарац".

Кој што сака нека мисли, тоа е Човек, еден од ретките, кој ми помогна кога сите ми лупаа врата во лице.