Ја контактиравме директно од Малме: „Горда сум што имам македонски корени“- Теја Дора претставничка на Србија на Евровизија

Добивај вести на Viber

Годинешниот евровизиски фаворит на Србија е Теодора Павловска, позната под уметничкото име Теја Дора (32) , која вечерва во финалето ќе настапи со темата „ Рамонда“. Во конкуренција со изведувачи од 26 земји, кои ќе се претстават на сцената во Малме, Шведска, ќе се обиде да атакува на врвот и да и ја донесе втората победа на Србија на изборот. Теја Дора има македонски корени. 

- Татко ми беше Македонец и многу сум горда на тоа. Затоа за Македонија сум посебно емотивно врзана. Верувам дека мојата песна и се допадна на македонската публика – ни изјави пејачката за Женски магазин пред големото финале.

Дел од тимот на српската делегација е и Милица Фајгељ, музички менаџер и креативен продуцент на настапот. Таа е организациски и креативен продуцент на настапот на Теја Дора.

-Теја е и ваша претставничка и верувам дека сите добри луѓе од Македонија кои живеат во Европа ќе гласаат вечерва за неа. Таа ќе пее под реден број 16. Реакциите на публиката се прекрасни. „Рамонда“ е емотивна песна, мирна, магична, со поинаков аранжман, песна со многу душа. Те приземјува. Уште на српскиот избор сакавме и настапот да биде мистичен, за на крај повторно да оживее цветот Рамонда , кој кога ќе свене доволно е само капка вода да оживее. Истиот концепт го пренесовме и сега на големата бина во Малме, само што се изгледа продукциски пограндиозно.

Направивме поголема карпа и променивме неколку визуелни ефекти и направивме нов костум. Нашата дизајнерка Санда Симона преку него сакаше да внесе елементи на српската витешка традиција и магичниот свет на шумските вили и во тоа многу успеа – открива Фајгељ, на која ова и е 11 Евровизија, со претходна пауза од шест години.

-Многу нешта на изборот се сменети зад сцената. Имам чувство дека порано имавме повеќе простор за дружење со другите делегации и луѓето кои ја работат и ја следат Евровизија. Или можеби тогаш бев млада и полетна , а сега сум созреана и други нешта ми се во фокусот. Сепак, многу е убаво да се биде дел од овој настан и да ги видиш повторно луѓето кои ги познавам 15 години. Имаше неколку протести од различен вид, ги има и денеска пред финалето. Но, сакам да ја пофалам шведската државна безбедност. Навистина прават се за да се чувствуваме сигурно. Имаме многу безбедносни протоколи и речисиси сите полициски единици од Шведска се во Малме. Пласманот во финалето ни беше многу важен, бидејќи се подготвуваме неколку месесци. Евровизјата пред малите екрани е забавна, но зад сцената се вложува многу труд. Драго ми е што Теја Дора ме повика да и бидам организациски и креативен продуцент на настапот – открива Фајгељ за нашиот магазин.

С.А.Н