Дебелината не е естетски, туку медицински проблем

Добивај вести на Viber

Дебелината или обезноста е комплексна болест каде што постои прекумерна количина на масти во човечкото тело. Обезноста не е само естетски проблем. Тоа е медицински проблем кој што го зголемува ризикот од други болести и здравствени проблеми како што се срцевите болести, дијабетесот,високиот крвен притисок и некои видови на карциноми.

Обезноста се дефинира преку индексот на телесна маса (BMI). Тој се пресметува кога телесната тежина изразена во килограми ќе се подели со телесната висина изразени во метри- на квадрат. Луѓето кои што имаат индекс на телесна маса понизок од 18,5 kg/m2 се потхранети, од 18,5-24,9 kg/m2 се со нормална телесна тежина. Лицата со BMI oд 25.0-29.9 kg/m2 се натхранети. Од клинички аспект загрижуваат лицата кои имаат BMI од 30.0- 34.9 kg/m2 - класа I на обезност, од 35,0-39,9 kg/m2 класа II на обезност. Индивидуи кои имаат BMI од 40 kg/m2 и повеќе се класифицираат во класа III на обезност или морбидно обезни.

Постојат повеќе причини зошто некои луѓе имаат потешкотија да ја избегнат дебелината.Обично таа резултира како резултат на вродени фактори комбинирани со фактори на околината, лични диети и начини на исхрана како и од физичката активност. Но добрата вест е дека дури и најмалиот губиток на телесна тежина може да ги подобри или превенира здравствените проблеми што настануваат поради дебелината. Промени во начинот на исхрана, зголемената физичка активност, промени во однесувањето може да помогнат во намалување на телесната тежина. Препишани лекови и медицински процедури за намалување на телесната тежина се дополнителни опции за третман на обезноста.

Треба да напоменеме дека покрај генетски фактори за дебелината, начинот на живот, постои и метаболно и хормонско влијание на телесната тежина. До нејзино зголемување доаѓа  и кога се земаат повеќе калории од тоа што организмот може да потроши преку физичка активност и со секојдневните дневни активности. Во тој случај телото ги складира вишокот на калории во масти. Исхрана која што е богата со многу калории како што е брзата храна и високо калоричните намирници водат до обезност. Обезните лица може да јадат повеќе калории пред да се почувствуваат сити, брзо огладнуваат или пак јадат повеќе како резултат на стрес или аксиозност. Генетските фактори може да имаат влијание на тоа колку масти се складираат во организмот и каде истите се дистрибуираат. Исто така важна е и ефикасноста колку телото ја конвертира храната во енергија, како организмот го регулира апетитот и како ги согорува калориите за време на физичката активност. Се смета дека дебелината се јавува кај повеќе членови во потесното семејство. Тоа не е само поради генетските фактори туку поради сличните навики на исхрана и физичка активност.

Исхрана која што е високо калорична, сиромашна со овошје и зеленчук, употреба на брза храна и конзумирање на големии порции од истата несомнено води до обезност. Луѓето може да консумираат пијалоци без да се чувствуваат сити од нивната употреба а да внесуваат многу калории.Такви се алкохолните и газираните пијалоци. Сето ова искомбинирано со физичка инактивност, поминување на многу часови пред екрани, несомнено сето ова води до дебелеење.

Секако дека обезноста може да се јави и во склоп на некои ендокрини болести како што е Prader–Willi, Кушингов синдром, хипотироидизам и некои други состојби. Медицински проблеми како на пример артритисот може да води до намалена физичка активност што ќе води до дебелина. Некои лекови може да доведат до дебелина доколку не се внимава со исхрана или физичка активност. При употреба на антидепресиви, антиепилептици, антипсихотици, лекови за дијабетес, кортикостероиди и бета блокатори треба се внимава на телесната тежина. Социјалните и економските фактори се поврзани со дебелината. Немањето на доволно финансии за да се обезбедат здрави намирници како и постоење на обезни лица со кои се поминува повеќе време-членови од фамилијата, роднини исто така може да го зголемат ризикот за дебелеење.

Дебелината може да се појави во било која возраст, дури и кај малите деца. Но со процесот на стареење, хормонските промени и намалената физичка активност, расте ризикот за дебелеење. Да напоменеме дека бременоста е период кога се добива многу во телесна тежина. Сите трудници треба да се советуваат здраво да се исхрануваат, количински адаптирано и да ја напуштат теоријата дека во бременост треба да се јаде за двајца. Овој добиток на телесна тежина може да биде причина за обезност подоцна во животот. Се смета дека доењето е период кога жената треба да го изгуби вишокот на добиени килограми. Прекин на пушење каде што цигарата се заменува со храна може да биде причина за дебелеење. Исто така недостатокот на сон  или пак премногу сон може да доведат до зголемување на апетитот и дебелеење. Стресни ситуации со внес на многу храна особено високо каорична секако дека многу лесно води до обезитас. Многу е важно да се напомене јо-јо ефектот каде се забавува метаболизмот и каде претходни обиди за губиток на телесна тежина проследени со рапидно добивање во телесна тежина може да води до добивање во телесна тежина и дебелина.

Луѓето со дебелина се со зголемен ризик да развијат бројни потенцијални сериозни здравствени проблеми:

·  Кардиоваскуларни болести и мозочен удар: Oбезноста може да води до зголемен крвен притисок и високи нивоа на холестерол во крвта кои што се ризик фактори за настанување на кардиоваскуларни болести и мозочен удар.

·  Дијабетес мелитус тип 2: Дебелината го менува начинот на кој што организмот го користи инсулинот за да го регулира нивото на шеќерот во крвта. Сето ова води до инсулинска резистенција и дијабетес.

·  Ризик од карциноми: Го зголемува ризикот од карцином на цервикс, утерус, ендометриум, јајници, дојки, колон, ректум, хранопровод, црн дроб, жолчно ќесе, панкреас, бубрези и простата.

·  Проблеми со дигестивен тракт: Многу често се јавуваат потешкотии при дигестирање на храната, камења во жолчното ќесе и проблеми со црниот дроб.

·  Гинеколошки и сексуални проблеми: Обезноста може да води до инфертилитет и нерегулирани менструални циклуси кај жените. Кај мажите може да се појави еректилна дисфункција.

·  Sleep apnea: Сериозно нарушување кое се појавува кај обезните лица во текот на спиењето и резултира со прекини во дишењето.

·  Тешки COVID 19 симптоми: Обезноста е голем ризик фактор за развивање на тешка форма на болеста при инфекција со корона вирус.

Обезноста многу го менува квалитетот на живот. Луѓето со обезитас на некој начин може да се чувствуваат како “дискриминирани”. Овие лица често патат од депресија, сексуални проблеми, социјална изолација со чувство на страм и вина, пониска работноспособност.

Без разлика дали една индивидуа е во ризик од обезитас или пак е натхранета или со нормална телесна тежина треба секојдневно да превзема чекори за да се превенира нездравото добивање во телесна тежина и асоцираните здравствени проблеми.

Чекорите да се превенира добивање во телесна тежина се идентични со оние како да се изгуби телесната тежина: секојдневна физичка активност, здрав начин на исхрана и внимание каква храна и напитоци се внесуваат секојдневно. Се смета дека средна по интензитет физичка активност, а тука спаѓа брзо одење и пливање, во времетраење од 150-300 минути неделно превенира дебелеење. Исто така следење на план за здрава исхрана е императив во превенција на обезитас. Фокусирање на внес на намирници кои се ниско калорични, внес на повеќе овошје, зеленчук, житарки и редукција на сатурирани масти, шеќери, алкохол. Се советува внес на три здрави оброци дневно со лимитиран внес на грицки. Многу е важно вагање и мерење на телесната тежина еднаш неделно.

Генерално обезноста треба да се третира. Секако се советуваат огромни промени во начинот на живот пред се. Промени во исхраната, зголемената физичка активност, промени во однесувањето. Доколку сето ова не доведе до одреден резултат треба да се размислува на ординирање на медикаменти за слабеење и тоа кај лица кои имаат BMI од 30kg/m2 или повеќе. Доколку BMI е повисок од 27 kg/m2 и лицето има медицински компликации од обезноста како дијабетес, покачен крвен притисок или sleep apnea и кај нив треба да се размислува за третман со медикаменти за слабеење.

Постојат и ендоскопски процедури за намалување на телесната тежина. Овие процедури се дозволени кај луѓе со BMI од 30 kg/m2 и повеќе кога диетата и физичката активност не резултираат со губиток на телесната тежина. Кај лица со морбидна обезност - BMI 40 kg/m2 и повеќе или пак BMI од 35-39.9 kg/m2, но асоцирана со други здравствени проблеми како дијабетес и покачен крвен притисок може да се размислува и за оперативни зафати за намалување на телесната тежина. Најчесто се изведува Gastric by-pass хирургија, гастричен banding.

Споредено со луѓето со нормална телесна тежина, обезните индивидуи имаат 50%-100% зголемен ризик да починат предвреме. Затоа дебелината треба навреме да се препознае и да се превенира, бидејќи третманот на истата е макотрпен и најчесто бара мултидисциплинарен пристап од повеќе специјалности.       


Асс.Д-р Билјана Тодорова

ЈЗУ Универзитетска Клиника за ендокринологија, дијабетес и болести на метаболизмот-Скопје

ПР објава