Дедо ми Тончи ме направи подобар човек: Петар Грашо со таткото на неговата сопруга на фантастичен концерт во Скопје

Добивај вести на Viber

Сите концерти на Петар Грашо се богати, емотивни и весели. Таков беше и овој сношти, во А1 Арената -Борис Трајковски. Дружењето со далматинскиот кантавтор овојпат беше поразлично.

Грашо сега веќе не е толку статичен и постојано на клавијатури.  Танцува и се движи низ голема сцена, ѝ се доближува на публиката, има одличен десетчлен бенд, песните ги освежува во нови аранжамни, има богато осветлување, убава приказна на видео бим со негови старо-нови фотографии на почетокот од концерот.

Но, тука е и гостинот. Тончи Хуљиќ, еден од најплодните композитори во регионот, творецот на групата „Магазин“, се појави како специјално изненадување на големата вечер на својот соработник, пријател, и од неодамна зет.

-Тука е човекот кој е еден од најдобрите композитори, со кој долги години работам, автор на многу од моите песни, мој голем пријател. Тој ме направи подобра личност, а од неодамна е и мој дедо“, рече Грашо кога го најави Тончи Хуљиќ, таткото на неговата сопруга Хана Хуљиќ. Тончи ги испеа најголемите хитови на групата „Магазин“ кои своврмено ги пееше првата пејачка на групата со македонско потекло, Љиљана Николовска. Носталгија ја преплави салата, а публиката пееше во еден глас со Хуљиќ. Потоа, со Грашо доловија дел однеговиот материјал со бендот „Мадре бадеса“, чиј вокал е токму Петар.

А, концерт на Грашо не може да помине без приказна за Оливер Драгојевиќ. „Во 2009 година, три дена по ред пеевме со Оливер во Универзалната сала. Секоја вечер по концертите одевме во некои ресторани, јадевме, пиевме убави вина, се враќавме во хотел во пет наутро. Со Оливер во еден момент помисливме дека би било убаво да се преселиме тука“, раскажа Грашо.

На крајот на концертот, се врати на почетокот, во 1996 година, кога имал неполни 22 години со песни од тоа време,„Године пролазе“. Годините поминуваат, но Грашо како секој пат да има повеќе енергија која со љубов ја споделува со публиката, а македонската, како што рече, веќе 25 години му е во срцето.

Милица Џаровска

Фото: Вангел Тануровски