Денес е Светски ден за борба против ракот: Иницирано донесување на првата национална програма за контрола на ракот
По повод 4 февруари - Светскиот ден за борба против ракот, денес Здружението
„Борка – за секој нов ден“ организираше прес конференција за да го одбележи
овој значаен датум, но и да повика за енергична акција за донесување на првата
Национална програма за контрола на ракот.
- Едно од пет лица ширум светот развива рак за време на својот живот, а еден од 8 мажи и една од 11 жени ја губат битката со болеста. Околу 2,3 милиони нови случаи на рак на дојка биле дијагностицирани во 2020 година, што претставува 11,7 отсто од сите случаи на рак. Ракот на дојка е најчесто дијагностициран карцином и водечка причина за смрт од рак ширум светот. Ова е глобалната статистика на рак во пресрет на 4 февруари, Светскиот ден за борба против ракот, потенцираат од Здружението.
Во своето обраќање, министерот за здравство Беким Сали потенцираше дека пред 4 години кај нас за прв пат беше овозможен пристап до нови 30 биолошки и имунолошки терапии, нови иновативни лекови кои се набавуваат централизирано од посебен буџет, но овие лекови за жал сеуште не се ставени на позитивната листа, а нивната достапност е неопходна за онколошките и хематолошки пациенти со малигни болести.
- Министерството за здравство ќе ја продолжи соработката со сите релевантните фактори во овој процес, тука сме да го слушнеме гласот на пациентите и максимално ќе ги вложиме сите свои капацитети со цел да ги решиме проблемите со кои се соочуваат овие пациенти со малигни заболувања и нивните семејства. Денес во неготино ќе биде пуштен во употреба мобилниот мамограф, донација од Амбасадата на Република Бугарија и со тоа значително ќе го намалиме притисокот за слободни термини за оваа дијагностика, потенцираше министерот Беким Сали.
Доктор Нино Васев од Клиниката за радиотерапија и онкологија кажа дека добиле донација од Јапонската амбасада за подобрување на брахи терапијата со која радиолошки се третира и лекува карциномот на грлото на матката.
- Со оваа донација, за што сме навистина благодарни ќе се подобрат условите за пациентите кои се лекуваат од карцином на грлото на матката. Целосно се согласувам дека мора да се работи на промена на позитивната листа на лекови со цел достапност кај поголем број на пациенти, истакна др Васев.
Д-р Сања Трајкова од Клиниката за хематологија истакна дека во последните три години условите за работа на оваа клиника се значајно подобрени а по повеќе децении клиниката е целосно обновена. Со воведувањето на нови услуги од спектарот на трансплантацијата за кои нашите граѓани порано патуваа во странство а сега тие се достапни и кај нас, досега се заштедени повеќе од 3 милиони евра за македонското здравство. Целиот овој процес е можност за значаен економски придонес во здравствениот буџет на Република Северна Македонија.
- Можам да кажам дека нашата клиника е светол пример во македонското здравство. Само измината 2021 година реализирани се 16 алогени трансплантации од несроден донор, и 4 од среден донор и обезбедени се повеќе од 30 нови лекови за третман на хематолошките малигни заболувања. Би сакала да истакнам дека благодарение на заложбите на нашиот менаџмент, Министерството за здравство, Владата и гласот на невладиниот здруженија нашиот буџет за 2022 година е зголемен и во најголем дел тоа се средства наменети за трансплантација на коскена срцевина и најсовремена CARТ клеточна терапија – рече д-р Сања Трајкова.
Инаку на Клиниката за хематологија во тек е научно истражувачки проект од областа на Ковид 19 кој го предводи Проф. д-р Ирина Пановска Ставридис финансиран од страна на Меѓународниот центар за генетски инженеринг и биотехнологија во Трст, Италија. Овој проект дава шанса да се вклучиме во глобалната научна борба за справување со пандемијата Ковид 19 и покажа дека и во мала земја како нашата е препознат потенцијал за научно истражувачка работа.
Здружението „Борка“, следејќи ги препораките на Светската здравствена организација [СЗО], повикува на утврдување минимум стандарди за контрола на заболувањата и смртноста од ракот. Тие повикаа на општ консензус за развивање на Национална стратегија за контрола на ракот и долгорочен акционен план за мобилизација на сите капацитети за борба со оваа болест.
- Во ова време на ковид ги увидовме сите пропусти и проблеми кои ги има нашето здравство па така да не можеме да зборуваме за превенција и рана дијагностика кога сите дијагностички програми беа стопирани и пролонгирани а со кои нашите пациенти и ден денес се соочуваат. Можеме да збориме за нови достапни терапии но залудно е тоа без креирање на нова позитивна листа која же гарантира континуирана набавка и пристап до овие иновативни терапии кои може да спасат живот. Ако сакаме да видиме вистински промени во однос на услугите, третманот, дијагностиката и превенцијата од малигни заболувања, тогаш е потребно системски да пристапиме во решавањата на проблемите и недоистатоците во здравствениот систем. Мултидисциплинарниот пристап е неопходен за да се создаде Национална стратегија за контрола на ракот во Македонија и кокнретен акционен план кој ќе соодветствува со реалните наши капацитети и можности - изјави претседателката на БОРКА Биба Додева
Од БОРКА потенцираа дека како здружение се подготвени да го дадат својот придонес и да ги стават на располагање сите нивни капацитети и заедно со сите инволвирани страни да учествува во креирање на долгорочна национална стратегија со која ќе се намали смртноста од рак во нашата држава.
Здравјето нема цена. Тоа е инвестиција. Зато треба да го промениме наративот
бидејќи основно право на секој човек е здравјето. Да поттикнеме креирање на
нови подобри услови за третман и терапија на нашите граѓании, да ги охрабриме
и поддржиме сите во нивната борба со ракот. Само со стратешки пристап и со
национален консензус можат да се менуваат статистиките – е заклучокот на оваа
конференција на Светскиот ден за борба против ракот.