Ако треба да го опишам мојот однос со мајка ми, ќе треба веројатно да напишам книга во која не знам дали ќе собере се’ што сакам да кажам. Оваа година, нејзиниот роденден се паѓа во ист ден со Прочка, па некако ми дојде спонтано мислата дека мајките се најверојатно единствените битија кои однапред се’ им простуваат на своите чеда, колку и да биле повредени од нивните постапки, колку и да биле некогаш разочарувани од постапките или изборите кои тие ги прават во животот. Нема покомплексна, поголема, па и посилна љубов од онаа на мајката. Особено комплексен е односот мајка-ќерка, оти за мајките (тргнувам и од себе) ништо, ама баш ништо на светов не е доволно добро за нивните ќерки. Нашата приказна започна на 23.01.1972 година, кога на свет доаѓам јас, тешка скоро 4 кг и долга 51 сантиметар. Да не ви ја кажувам приказната дека на татко ми му било кажано оти сум машко, па потоа дека сепак има ќерка, па човекот збунето си прашал да не има близнаци. Нејсе, се раѓам како девојче кое си има и машки особини (како забуната сепак да имала некакво влијание врз мојот живот). Ако одиме по онаа стара изрека “види ја мајка и’ за да знаеш каква ќе е кога ќе подостари”, скромно да си кажам оти ќе бидам едно нежно, женствено битие кое и те како ќе знае да опцуе кога има потреба.
Не познавам човек кој повеќе го бери гајлето за сите од мајка ми. Тоа оди дотаму што таа го исплакува и преплакува секое неправедно однесување кон било кого, не ретко е слушател на сечии проблеми и многу често се труди секому да помогне. Типична риба (за оние кои веруваат во хороскоп) која животното мото го тера по теркот “јас сум ок, ако сите вие околу мене сте ок”. Додека растев, ми пречеше таа нејзина (по мене) отповеќе грижа иако е разбирливо оти сум сепак женско, па озгора и сама, без брат или сестра. Секако дека остануваше секоја ноќ на пенџере додека не се вратам дома, па паметам дека еднаш кога се прибрав дома во 00.15 часот, избезумено ме дочека полусонлива и спремна за карачка, оти нејзиниот минијатурен часовник имаше скоро исти стрелки кои покажуваа час и минути, па мислела дека е 03 часот наутро. Никогаш нема да ја заборавам сликата кога целата вознемирена и нервозна ми се изнавика оти останала без сон (а тогаш немаше мобилни телефони) и ми рече “ќе видиш, ќе имаш ќерка и се’ ќе ме разбереш”, па демонстративно се заврти и ја тресна вратата од спалната соба. Мајко, разбрано уште отсега!
Вики има неверојатен смисол за хумор и се смее заразно, така што и да не знае човек за што се работи, прво ќе се изнасмее заедно со неа па после ќе види дали навистина било нештото толку смешно или не. На времето, кога татко ми работеше во тогашната МРТВ, зазвони фиксниот телефон и од другата страна се слуша машки глас ”извинете, Нова Македонија?”, а таа скроз сериозна одговара “Не, телевизија овде”. Или кога еднаш се јави еден “дишач” на телефон, па мајчински го посоветува да оди на пулмолог оти не и’ дишел правилно. Освен што е забавна, знае да биде и многу, многу упорна. Се реши на повозрасни години да научи да вози автомобил, иако татко ми секогаш и’ беше личен шофер. И научи, не дека не...па во една прилика кога ме возеше (извини мајко, ама еве признавам дека кочев цело време со ногата, седната на совозачкото седиште) доживеа да и’ свика еден нестрплив возач “гадуро стара”. Јас спремна да се тепам, оти за мајка се работи, не е шега! а таа отмено само го покажа средниот прст и се паркираше. Ја гледам отстрана и приметувам дека почнува брадата да и’ се тресе, како пред плачење. Да ја прашав дали ја повредило тоа, немаше да признае. Да и’ кажев дека се тоа вообичаени изблици во сообраќајот, немаше да сфати, па применив друга тактика. Како што излегуваме од автомобилот, застанувам и ја прашувам “чек сега, те навреди што ти рече гадура, или дека рече оти си стара?”. Тоа беше сосем доволно за да заечи улицата од смеа.
Кога веќе зборувам за комплексноста на односот мајка-ќерка, не можам а да не го спомнам нејзиниот однос со баба ми (од Битола). Како да се претвораше во друга личност кога од Прилеп до Битола колата заличуваше на салон за разубавување, па се преоблекуваше (да, да....во автомобил), па се шминкаше додека му велеше на татко ми да внимава на патот за да не се размачка (а тој само превртуваше со очи) и до најопасниот дел, тапирање и прскање лак за коса. Ден денес не знам како не се угушивме од тој пусти лак, само за да ја види баба ми средена, оти знаеше да и’ каже “Виолета, немате фризери во Скопје?”.
Виолета или Летка по битолски е поприлично жилава и со огромна волја за живот. Пред некоја година се јавува татко ми и полека (за да не испаничам) ми рече да наминам (да, да наминам!) во Филип Втори, оти малку и’ се потслошило. Мене нозете ми се пресекоа и не ни паметам како стасав таму. Операцијата на срцето веќе беше закажана, а Вики пребледена и со молба да му се јавам на Отец Пимен за да го чуе. За разлика од мене, мајка ми си е по религијата и сака да појде в црква некогаш за (како што сама вели) да си олесни на душата. Кога ми го рече тоа, уште повеќе ме фати страв, но познавајќи ја, знаев дека ако прифатам само ќе и’ покажам дека и јас сум избезумена со што уште повеќе ќе се вознемири. Не знам од каде ја собрав таа сила за гласот да ми биде ведар и само и’ реков “не се секирај, уште не си за кај Шефот горе”, по што следеше урнебесно смеење. Е отпосле му пишав на Отецот, а на Жан Митрев ќе му бидам вечно благодарна што ја имам таа можност се’ уште да и’ ги славам родендените.
Мајко, да си ми жива и здрава уште долго, да останеш таква каква што си, да ме нервираш и понатаму со “абе ај види ова телефонов нешто чуден е”, за да откријам после дека несакајќи имаш снимано муабети, па да те задевам а ти да се преправаш дека ми се лутиш.
Ми требаш, но не само мене и на татко ми, туку и на Нина, оти нема поголем благослов за дете од оној да расте со баба и дедо, или ко што вели татко ми “бабите и дедовците се фабрика за расипување внуци”. Да бидеш храбра и доследна на себе секогаш. Да не ме тераш да јадам отпоќе, оти не е на арно да се дебелеам и фала што престана да ме тераш да носам штикли и костимчиња. Знам дека уште долго ќе биеме битки за бојата и должината на косата, за тоа дека треба да се скрасам и да најдам некој, ама па и тоа е интересно.
Нема да ти кажам колку и како те сакам, оти си дел од мене исто како што сум и јас дел од тебе. Во сета наша различност, душата иста ни е. Знам дека ќе одмавнеш со главата и само ќе речеш “мајките се за простување”, ама ете, на денешен (недела) барам прошка за се’ што можеби и не излегло како што си замислувала за мене. И те разбирам за секоја грижа, за секоја реакција која можеби била пренагласена и за секоја болка која ја имаш за своето чедо. И двете сме сега мајки...јас на едно дете, а ти на две, знаејќи колку и како ја сакаш Нина. До следниот роденден...до небо Мајко, до небо и без назад.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Таа е висока 162 сантиметри
Русокоса со кратка коса
Има заразна насмевка
А велат дека очите на нејзе ми се
Пенџериња во кои светот се огледува
И со нив знае и да ти каже дека те љуби
И сочно да те опцуе ко маж
Таа е гласна онолку колку што јас сум тивка
И одлично се снаоѓа во гужви
(За разлика од мене)
Умее во исто време и ручек да спреми
Да разговара на телефон
Попатно да запегла
Да ми каже оти косата ми е ко ураган низ неа да минал
А и дека семката прилепска ми е ко ќе ми е лута
Ах
Таа знае да ме изнервира толку многу
Што ми се чини дека од кожа можам да излезам
И не се помирува оти костими на работа не носам
А и дека не клавам доволно црвило на образите
Попатно да ми ја подмести кошулата
И да истресе невидлива прашинка од неа
Критички да ми се пули во ноктите нелакирани
И да ме искритикува што не се однесувам како дама
Таа е битолчанка
И по мајка и по татко
Мажена за прилепчанец веќе 50 години
И ден денес се расправа дали Домот на културата во Битола
Е изграден пред Марко Цепенков во Прилеп
Таа е памук во емоциите
И камен во зборовите
Нежна и груба истовремено
И била истрајна во тоа дека ќе се викам само Ана
А не Ана-Марија
Демек ќе сум била ко од шпанска серија
И никогаш за неа не сум била принцеза
Не за друго
Туку оти онаа принцезата Ана била (да ми прости) коњеста
Таа е онаа која на пенџере ме чекаше
И во ситните часови ко фурија од спална ќе излезеше
За да се развика оти доцна дома сум се вратила
Оти не забележала дека саатот и’ застанал на 3 часот попладне
Таа е мојот грб
Доволно голем за ме задржи кога паѓам
И да собере сила за напред да ме турне
И онаа која неутешно плаче на секоја моја песна
Оти знае дека среќен човек не пишува вака
Таа е мајка-баба на моето чедо
И често и неа ја нарекува со името мое
Како ние две да сме едно во нејзиното срце
Таа е ќерка на онаа моја баба која местото во песните го има
И душата од дедо ми ја носи
Широка небаре небо во градите има
Таа е мојот столб
На кој се навалувам за да одморам
Таа е онаа заради која морам да носам џемпер
Оти нејзе и’ студи
И која уште дете ко бев ми рече
“и ти чупе ќе имаш, знам”
Таа е моето огледало
А јас сум нејзината книга отворена
И секоја буква ми ја знае
Секоја болка по два пати ја живее
Еднаш мојата
А вториот пат својата за мене
Таа е
Таа ми е...моја
А јас како стареам неа во себе ја гледам