Дино-паркот преполн и покрај дождот и студот, цело Скопје побрза да го види (ГАЛЕРИЈА)

Ни дождот ниту студеното време не ги спречи скопјани да прошетаат до новоотворениот „Дино парк“ во Зоолошката градина.

Пред влезот, кој е од страната на Градскиот парк се собраа многу семејства, родители со дечиња, кои уживаа во фигурите на диносаорусите кои се движат, а дождот ни времето кое одеднаш залади не им беше пречка да ја посетат новата атракција.


„Тато, види го, доаѓа накај мене“, му рече едно детенце на својот татко додека се обидуваше да ја допре за него џиновската фигура.

Дино паркот е составен од 41 фигура на диносауруси. Интересно е дека фигурите се од различни периоди, а атракција за децата е што се интерактивни, се движат, пуштаат звуци. Скопскиот градоначаник Петре Шилегов на отварањето изјави дека тоа е најголемиот дино-парк на Балканот.


-Овој парк всушност претставува и на определен начин едукативен центар за нашите најмили, за нашите деца, за нашите млади да научат нешто повеќе од историјата на нашата мила планета Земја“, рече Шилегов.

Во рамките на објектот, има и кафетерија со освежителни пијалоци. Влезот чини 50 денари. 


М.Џаровска

Фото: Вангел Тануровски