„Дип парпл“ немаат рок на траење, го направија Скопје повторно среќен и убав град (ГАЛЕРИЈА)
Светилките на
телефоните се запалија, а публиката со овации ја пречека легендарната „Smoke
on the Water“, на концертот на „Дип
парпл“ сношти во Скопје.
Некогаш, на оваа песна и на уште многу нивни хитови ширум светот се палеле запалки, кои во ново време се сменети со модерни телефони. Времето е сменето, а култните британски рокери се сосема во чекор со него. Во живо звучат подобро од оригиналните студиски снимки, богато, и модерно и ретро. Енергични се, со младешки ентузијазам, а фронтменот Иан Гилан на едноставен начин на сите ни ја пренесе пораката колку треба да го сакаме животот и да сме благодарни за секој нов ден.
За голем аплауз е компактноста на оваа петорка која интензивно свири низ светот со доста набиена агенда, и за актуелноста која мајсторски ја задржале. Секоја чест и за нивниот долг стаж и почитта која ја уживаат кај луѓето - без оглед дали сте фан на „Парпл“ или едноставно сте дошле на добар светски рок концерт организиран од „Авалон“ кој на Скопје му фалеше изминативе години.
Бендот докажа дека „Highway star“, „Hush“, „Strange kind of woman“, „Knocking at your back door“ не мора да се доживеат како евергрини, туку како музичка рок лекција, без оглед кога се напишани. „Дип парпл“ еднставно немаат рок на траење. Скопје сношти по долго време беше среќен и убав град.
М.Џаровска
Фото: В.Тануровски
ГАЛЕРИЈА: