Добрината е единственото што останува по нас: Интервју со Елизабета Ѓоргиевска, сопруга на Претседателот Стево Пендаровски

Добивај вести на Viber

Поради тешките моменти што сум ги преживеала во животот, знам што значи за некој што страда барем еден искрен разговор. Секогаш сакам да ги прегрнам луѓето, затоа што така чувствувам. Верувам во среќно општество на среќни поединци

Првиот впечаток кога ќе ја запознаете Елизабета Ѓеоргиевска, сопругата на претседателот Стево Пендаровски, е дека пред вас стои кревко и нежно суштетство, но по кратко време сликата малку ќе ви се промени. Со младешка енергија, разигран, но префинет моден стил, Бети плени со зрела смиреност, но и непосреден однос и несекојдневна сочувствителност. Таа едноставно е човек покрај кој се чувствувате безбедно. Како таква, како што вели самата, ја форматирало нејзиното матично семејство, но и една лична трагедија која засекогаш ѝ го променила односот кон светот.

Скромна, вредна и посветена, Елизабета Ѓоргиевска работи на Клиниката за детска и превентивна стоматологија и е професорка на Стоматолошкиот факултет при УКИМ во Скопје.

* Веќе неколку месеци сте Прва дама на Македонија. Како сопруга на господинот Пендаровски и порано сте биле во тек со политичките процеси. Сепак, што научивте последниве месеци, а не сте знаеле порано?

- Она што најмногу ме погодува се многубројните пораки на луѓето кои имаат проблеми, засегнати се од болести, невработени или погодени од сиромаштијата. Знаев дека ги има многу, но сега имам поинтензивна комуникација токму со ранливите групи. Луѓето ми се обраќаат за помош и за да ме запознаат со комплексноста на нивните проблеми. Од позиција на сопруга на претседателот на државата, честопати сум немоќна формално да помогнам, но секогаш можам да ги ислушам. Со добар збор и човечки пристап да помогнам во застапување на послабите и да се обидам да се ангажирам со сите сили за наоѓање решение. Тоа многу им значи на луѓето.

* Какво детство и младост имавте? По што ги паметите младешките години?

- Верувам дека на сите ни се најдраги гимназиските денови. Завршив средно медицинско училиште и голем дел од времето го поминував во учење, но многу се дружевме со соучениците за време на викендите. Излегувавме групно од класот пред тогаш познатите клубчиња Бони, Ани, Менхетн, Мејк - ап, Кристијан. Бевме многу блиски меѓу себе, а со голем број соученици продолживме на студии. Со некои од нив работам и денес, што значи, се знаеме речиси цел живот. Со другите останавме во контакт и се собираме барем еднаш годишно, а особено задоволство ни е кога ќе ни се придружи и класниот раководител. Навистина е убаво што барем накратко се враќаме во времето кога најголема грижа ни биле оценките што ќе ги добиеме. 

Во какво семејство растевте. На што ве научија родителите и дали би сакале нешто да беше поинаку?

- Растев во скромно семејство. На моите родители секогаш им беше најважна нашата среќа и даваа сѐ од себе да ни обезбедат безгрижно детство. Беа доста строги, но тоа ме научи на самодисциплина, трудољубивост, работа и грижа за другиот. 

* Како се запознавте со Стево? Како би го опишале и со што Ве освои?

- Со Стево се запознавме преку заеднички пријатели. Тој имаше особини кои ги ценам кај луѓето: чесен, сочувствителен, непосреден, духовит и интелигентен. Или, едноставно кажано, добар човек на кој можев да се потпрам и во најтешки моменти. 

* Како би се опишале себеси? Која е Вашата најсилна страна, а каде лежи Вашата слабост?

- Не е лесно човек да зборува за себе, но ако мора, би рекла дека најсилна страна ми е секогаш да се борам до крај, а најслаба страна ми е син ми Огнен, и тоа не сакам да се промени.

* Сте доживеале голема семејна трагедија. Како влијаеше тоа на Вашиот живот?

- Загубата на мојата сестра беше пресвртница во мојот живот. Трагедијата засекогаш го менува текот на животот. Болката останува засекогаш, и нештата се гледаат на сосема поинаков начин. И на најубавите моменти веќе не можете да се израдувате до крај, знаејќи дека неа ја нема да се радуваме заедно. Ми недостасува за разговор, за нешта кои само со неа можев да ги разговарам, кои само со неа сум ги доживеала. Од друга страна, тоа беше болна поука за краткотрајноста на животот и потребата да правиме добрини колку и да се мали. Затоа што само тоа останува како спомен. 

* Мајка сте. Во каков човек би сакале да порасне Вашиот син?

- Мајките се пристрасни, особено кога имаат само едно дете. Би сакала Огнен, пред сѐ, да биде среќен, да се занимава со она што го сака и да биде опкружен со луѓе што ги сака. Огнен е вредно момче, добар ученик, и за среќа, не го интересираат ниту политиката, ниту стоматологијата. Се трудиме да го научиме на вистинските вредности и кон што треба да се стрeми во животот. Го учиме многу да чита, да работи, да размислува, да биде чесен и добар со другите. 

* Работите на Клиниката за детстка и превентивна стоматологија. Како го оценувате денталното здравје на македонските деца и млади?

- Морам да кажам дека денталното здравје на нашите деца е на ниско ниво. Треба уште многу да се работи и на подобрување на оралната хигиена, но и на начинот на исхраната. Подобрувањето на условите за работа на детските стоматолози и редовните посети, ќе овозможат намалување на бројот на децата со кариозни заби.

* На што ќе ја посветите својата позиција на прва дама? Кои се горечките теми кои би сакале да ги отворите?

- Некако не можам да ја прифатам титулата „прва дама”. Можеби посоодветно би било сопруга на Претседателот на државата. За жал, некои тоа го гледаат низ призмата на тоа каков фустан сум облекла или каква ми е фризурата. Секако дека стилот на облекување игра значајна улога за претставување и дома и во светот. Како живееме, така и се облекуваме, и таа порака сакаме да им ја пренесеме на луѓето.

Сепак, оваа улога ја сфаќам многу поинаку. Oд секојдневните средби сфаќам дека луѓето имаат потреба од личност која можеби нема формална моќ, но може да отвори одредени прашања, да наметне нивно решавање и да ја подигне свесноста за многу проблеми.

Имам намера да се држам до областите што ги познавам, она што го работам, се’ што се однесува на децата, лицата со атипичен развој, но и на образованието и науката. Секојдневните случувања сами  ги наметнуваат  приоритетните теми: како да се избориме еднакво место за жената во нашето општество и како да спречиме многу несакани појави во семејството. Тоа се нашите актуелни теми, на кои мора да им се посвети внимание. 

* Кога веќе ја спомнавте облеката.. На „Охридско лето“ носевте фустан на кој е насликан лебед. Дали се работи само за дизајнерска идеја, или сакавте да пренесете одередна порака?

- Да, постои приказна зад насликаниот лебед. Мојата идеја беше да го потенцирам лебедот како еден од симболите на Охрид, особено во време кога градот живее тежок период и се бори за задржување на статусот во УНЕСКО. Да внимаваме на убавината која можеме да ја загубиме. Дополнително, лебедот е симбол на смиреност, грациозност, убавина... Инаку, фустанот со многу внимание го изработи Ивана Кнез. Сметам дека облеката одамна не служи само за да го покрие нашето тело, туку преку неа треба да се потрудиме да испратиме и некаква порака. 

* Луѓето Ве сакаат и некако природно и Ви веруваат. На што се должи тоа?

- Навистина ми е мило ако имате таков впечаток. Блискоста со луѓето и љубовта не може да се одглуми, и веројатно оттаму доаѓа и нивната реакција. Секој може да ја почувствува мојата искреност и желбата да помогнам секаде каде што е можно. Поради тешките моменти во животот, знам што значи за некој кој што страда барем еден искрен разговор и емпатија. Тоа се чувствува во непосредните контакти. Веројатно и работата со деца повеќе од две децении придонесува за тоа. Јас секогаш сакам да ги прегрнам луѓето, затоа што така чувствувам. Верувам во среќно општество на среќни поединци.

* Имате ли политички амбиции?

- Не, воопшто. Дури мислам дека би била многу лош политичар. Особено затоа што сакам отворено да зборувам за нештата и што би рекол Стево, премногу им верувам на луѓето. Она што кај нас не се зема предвид е дека и политиката е професија во која треба да се надградуваш, да еволуираш, да ја разбираш, и не значи дека ако си добар лекар, архитект или учител, ќе бидеш и добар политичар.

Мимоза Петревска Георигева