Достоинствено стареење
Инспирација за денешнава колумна ми беше неодамнешното појавување на Енди Мекдауел на Канскиот фестивал, кога како ураган ги сруши сите стереотипи за тоа дека мора по секоја цена да се бара и негува “вечната младост” која и онака е само мит. Ја паметите прекрасната Енди која воодушевуваше со својата појава, раскошната коса и тело како од моден часопис, нејзините филмови во кои блескаше, а се појави и како заштитно лице на познатата козметичка куќа Лореал. Е, истата таа Енди со наполнети 63 години се’ уште изгледа преубаво. Нејзината убавина е сега зрела и нечепната од естетски зафати, ботокси, филери и силикони, што е вистинска реткост не само за Холивудските глумици, туку таа мода на бркање на младоста до доцна старост веќе станува тренд насекаде. И она што е загрижувачки е дека се’ повеќе жени со невидена леснотија легнуваат под игла или нож и тоа уште додека се млади. Не знам дали постои презаситување на организмот од сите тие хемикалии кои се внесуваат, ама знам дека имам гледано жени кои престанале да наликуваат на себе, или да бидам попрецизна, не личат на ништо, изобличени до непрепознатливост (најголем пример за ова ми е Донатела Версаче, која од сосем симпатична жена се престори во лик кој не е само грд, туку и создава уплав).
Зошто имаме страв од тоа да старееме достоинствено и да си ги носиме годините без двојба дали треба да искорегираме нешто на себе? Зошто дозволивме модата на “вечно млади” да ни го окупира животот и мислите, да се будиме со страв дали сме збрчкосани или не? Да, поборник сум за тоа да се грижиме за себе и тоа најмногу заради здравјето. Противник сум на флоскулата “дај да јадам, пијам, да се изнауживам дури и на сметка на здравјето оти еднаш се живее”. Токму заради тоа дека еднаш се живее, верувам дека секоја жена, а и маж мора уште од младост да се грижи за себе, но без забегување. А забегувањето е кога човек наместо да внимава што внесува во себе, само се трупа со се’ и сешто, оти може да си легне на хируршка маса и да му стеснат желудник, да се изврши липосукција и низа такви третмани. Секогаш се прашував како луѓето кои туку така легнуваат под нож во име на хедонизмот и суетата не им е шубе! И не зборувам за корекции кои се неопходни или со кои некому ќе му врати самодовербата. Тука веќе има улога и психолошкиот момент на несигурност, несакање себе и низа други прашања и проблеми. Затоа мислам дека пред секоја таква одлука треба задолжително да се побара консултација со психолог, а потоа да се носат одредени одлуки. Не осудувам, не се потсмевам и не е дека не разбирам. Но, ми се чини дека жените имаат голем притисок кога е во прашање нивниот физички изглед, за разлика од мажите кои се порастеретени.
Каролина од Монако, Џесика Ланг, Мерил Стрип, Енди, девојката на еден од најпосакуваните мажи на светот ( Кеану Ривс-мојата симпатија) ги рушат стереотипите на тоа што е убаво и ги поместуваат стандардите....односно, ги враќаат на нормала. Сите овие пливаат во пари и секако дека можат да си приуштат комплетно менување на фасадата, но не го прават тоа. Кај нас, секоја втора жена/девојка постира слики од новите веѓи, усни, јаболчници. Сите почнаа да си наликуваат едни на други и што е најчудно, како да не им пречи што ликот им станува универзален. Сакам лицево да ми покажува кога сум среќна, а кога сум лута. Не сакам да изгледам совршено и како исклесана од камен, без емоција, без набрано чело, без брчки смејалчиња. Некако ми е толку природно дека има пукнатини на мојата фасада и дека сите тие се дел од мене, мојот живот и она што сум го поминала. Познатата Бет Дејвис која ама ич не беше убавица по тогашните стандарди, ја има кажано онаа легендарна реченица “Old age is no place for sissies”, со што потполно се сложувам. Треба храброст за да се старее достоинствено и да се биде убав во секое животно доба. Нема потажна глетка од жена која по секоја цена настојува да биде млада, односно да изгледа така. Впрочем, младоста на духот е она што не’ прави да зрачиме, да бидеме убави, секоја на свој начин.
Баба ми до својата смрт беше со црвен кармин на себе, спастрена фризура и менуваше фустан ако требаше да појде до продавница. Се грижеше за себе на начин на кој никој не забележуваше дека старее, оти не и’ старееше душата. Жените околу мене кои ги сакам и со кои се дружам се жени на кои годините оставиле траги, ама нивната умешност да ги носат и да се среќни, ги прави млади и посакувани. Не е до ботоксот, не е до филерот, до срцето е. Некои нема да се сложат со мене и тоа е сосем ок, впрочем секој треба да го прави она што сака да го прави и на начин на кој ќе биде на чисто со себе. Но, она што ми создава нелагодност е дека многу малку мислиме на генерациите кои доаѓаат после нас и какви пораки им праќаме. Наместо да ги учиме од мали да се занимаваат со спорт и да се хранат правилно, да си го негуваат здравјето преку начин на живот кој е исправен, ние им го понудивме наједноставното решение. Наместо да ги едуцираме дека проблемите со кожата зависат многу често од начинот на исхрана, ние им покажавме дека да се стесне желудникот е опција која е нормална. Наместо да им купиме опрема за вежбање, да ги запишеме на спортски активности, ние им кажавме дека има црево кое се пика во стомак и хооооп, ќе го снема салото.
Пример за тоа како се живее и како треба да се однесува човек со своето тело станаа силиконските “убавици” кои секоја недела обновуваат по некој дел од себе. Енди и нејзината прошарана коса со бели влакна ни врза шамар кој се надевам дека ќе заболи доволно за да почнеме да си ја почитуваме староста и стареењето. Впрочем, не секој ја има таа привилегија да доживее старост. Наместо да ја прегрнеме и да ја живееме достоинствено, нам ни беше полесно да и’ свртиме грбот. Во некоја иднина, мечтаам да бидам побелена во косава, избраздена во лицето, со куп спомени кои ќе ги раскажувам на внуците и кои ќе превртуваат со очи дека сум живеела во едно чудно и за нив далечно време. Мечтаам да се вратам повторно на машината за пишување, да си ги запишам сеќавањата и да знам дека младоста сум ја поминала без страв од мојата бела коса и стеречките пеги на рацете. Да живее староста, да си ја дочекаме со радост и без уплав...достоинствено и со спокој во душите. Да сте ми живи и здрави.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Еден ден лицето ќе ми остари
Ќе се стуткам сета
К’о стариот капут на дедо ми
Што го најдовме во подрумот
Ехеее, години откако почина
Та треси го и исправај го, стуткан остана
К’о да знаеше оти ќе нема кој да го облече
Еден ден
Еден ден лицето ќе ми остари толку многу
Што ќе се терам да се потсетам каква сум била
И младоста само во очите ќе си ја најдам
Оти велат дека сѐ старее, освен тие
И дека до крајот к’о на дете ко’ си бил ти остануваат
Нејсе
Ете, еден ден
Еден ден ќе остарам и на старост ќе мирисам
Та си велам среќа да имам
И од ќерка ми внуци да дочекам
А можеби и толку касметлија да сум
Да отидам на оној свет пред тебе
Та дур’ да дојдеш
Да поднаучам нешто од домаќинлак
Да замесам некоја погача
Дури и да почнам да плетам и да шијам
Ете така некако јас оној свет го замислувам
Ист к’о овој или барем сличен
Ама поспокојно да е
И посветло
Поубаво да биде
Исто како што и ние поубави ќе бидеме
Со лицата мазни к’о огледала
И никојпат да не остариме
Насмеани
Ех, нејсе
Еден ден
Еден ден кога ќе остарам
Сакам да се видам како со тебе седам на лулашка
Како кроце се нишаме
Со чаша вино секој од нас в рака
А другата
Со другата еден со друг се држиме
И сонцето го ловиме
К’о деца подзамижуваме и се кикотиме
Дур’ нишајќи се со главите нагоре гледаме
Низ лисјата на големиот лешник
Кој деновиве ќе го засадиме
Ти и јас
Како оној... паметиш?
Како оној на баба ми и дедо ми
Кој имаше корења до центарот на Земјата
К’о љубовта нивна, к’о нашата
К’о нивната, наша кога станува