Другарство меѓу маж и жена

Добивај вести на Viber

Најчесто пишувам за жените. Не само затоа што сум жена, туку заради тоа што сé уште сме во ситуации да треба да се бориме и да вложуваме дополнително труд и време за сите работи кои за мажите доаѓаат природно, оти се мажи. Пишувам за жената која уште од раѓање се соочува со секаков вид предрасуди, на која од мала и’ се кажува каде и’ е местото, која секогаш се третира како немоќна или еве, да не претерувам, не толку моќна како мажот. Пишувам за жената и за сите состојби и ситуации во кои се нашла барем еднаш во животот, а во кои имало двојни аршини кога биле мажите ставени на истиот кантар. Пишувам за следниве моменти (некои од нив се и од лично искуство):

-ако жената низ живототималаповеќе партнери тогаш е промискуитетна, за разлика од мажот кој е фраер (мачо мен) без исклучок,

-ако жената сака кариера наместо семејство (без оглед дали во нејзината иднина има слика од бебе или не) тогаш е бескрупулозна кариеристка за разлика од мажот кој е амбициозен,

-ако жената која останала без партнер (заради негова смрт) најде друг човек, тогаш е таа бесчувствителна (одма го заборави, срам да и’ е), наспроти мажот за кој имаме секогаш оправдување дека не може сам (е како сам ќе се пере),

-ако жената е разведена, тогаш е оштетена роба наспроти мажот кој е добар “улов”,

-ако жената има помлад партнер, тогаш е “неморална бабускера”, наспроти мажот за кој се вели дека “неговата мудрост и нејзината младост прават чуда”,

-ако жената има љубовник во бракот тогаш е “фуј прељубница” (и наредете тука сé што ќе ви текне, а да е погрдно), наспроти мажот за кој се вели дека е тоа нормално оти такви се мажите (проследено со поткревање раменици).

Мојата задача како жена, пријателка, колешка, а најмногу како мајка на женско дете е секогаш кога можам да ги потенцирам овие двојни аршини, да бидам глас на жените кои не можат, не знаат или не смеат да говорат за ова, да сослушам, да пружам рака, да имам секогаш на ум дека многу лесно секоја од нас може да се најде во истата ситуација. Мојата задача е да си го оспособам детето да знае и може сама, да не прифаќа да и’ се кажува дека е неспособна, дека е ова или она машка работа и најважно, да не трпи никакви, ама баш никакви срања од никого за да и’ страдаат душата и телото. Но, да сме на чисто за една многу важна работа која секогаш треба да ја земеме предвид кога се во прашање машко-женските односи, а тоа е дека има “луѓе” и ЛУЃЕ.

Првичната точка од која се тргнува мора да е токму таа, дали имаме работа со саглам луѓе без оглед на полот.

Новиве генерации многу ме радуваат заради слободата на духот која ја имаат. Не зборувам тука за анархија, не зборувам за деца кои се растени без љубов и внимание па израснуваат во мали психопати како оној од Рибникар, не зборувам за изолирани случаи на мали и опасни садисти за кои читавме по весници дека претепуваат соученици, сексуално ги злоставуваат или ги честат со врсничко насилство како да е тоа сосем нормална работа. Ја земам предвид генерацијата на Нина, родени 2006 и некоја година плус/минус и ги гледам дека се порастеретени од нашите генерации кога се во прашање машко-женски односи и машко-женски другарства. Ги гледам како им опстојуваат тие пријателства и кога ќе почнат со имање прва љубов, дека ич не се како што беа нашите генерации кога ќе фатевме дечко, па некако се подразбираше дека неговото друштво има приоритет наспроти нашите пријатели. Трнот во око беа токму машките пријатели. Тоа прикриено ривалство кое било сосем нереално или уништило врски, или уништило другарства (претпоставувам дека така изгледало и за машките во однос на нивните другарки). Сега тоа е сведено на минимум, како децава да се имаат свестено или ги гледаат работите од некој сосем друг аспект.

Уште од мала, Нина има другар кој синоќа наполни 18 години. Тоа е едно прекрасно момче кое е толку свесно и самосвесно, кое е духовито, сурово искрено кон неа и заштитнички настроено (но не за да ја направи да се чувствува зависна или неспособна сама да си реши некој проблем). Тоа нивно пријателство е нешто за што секогаш и’ зборувам дека не смее да дозволи да биде разнишано од трети лица, нејзин дечко или негова девојка. И без оглед што се во различни училишта, што се дружат и со други луѓе, што секој од нив си го тера својот филм, секогаш наоѓаат време за маратонски муабети и излегувања. Дури, Нина некогаш си прави булети што сé треба да му изнакаже на Горијан, за да не заборавела. Тоа е таква еуфорија кога треба да се види со него што дури и може да се почувствува како аура околу неа. И како мајка, ако ме прашате како треба да изгледа едно другарство меѓу маж и жена, пред очи ми е нивното. Особено што Горијан воопшто не ја штеди за да и’ укаже и на работите за кои знае дека има некаква несигурност или ја погодуваат, но тоа го прави на начин што нејзе не ја повредува, ами ја тера да се преиспита. Неговото мислење за неа не е ултимативно точно секогаш, но е секогаш појдовна точка кога треба да зачекори едно ниво погоре.

И потем ми текнува на моите машки другари. Не ја прифаќам таа дефиниција дека маж и жена не можат да бидат пријатели. Не прифаќам дека во еден машко-женски однос квалитетот лежи во хормоните и феромоните, оти тоа ми е премногу примитивно. На крајот од денот (многу го сакам изразов) не се сведува сé на парење, туку има и нешто повозвишено од тоа. Моите другари ми го потврдиле она што сум по знаела потсвесно. Памтете ми го зборот за ова...секоја жена МОРА да има барем еден машки пријател/другар за да има критериум за тоа каков партнер треба да одбере. Да, токму така. Другарите секогаш се однесуваат кон нас со почит, разбирање за нашите ментални состојби, проблеми и несигурности. Другар нема никогаш да ви каже “аааааа, ова ПМС-от збори, хехехе”, туку ќе ве слуша и сослуша. Другарите секогаш наоѓаат време, ако ништо друго само да шепнат на телефон “на состанок сум, само кажи дали си ок”, секогаш се тука кога сме плачливи, кога сме длабоко несреќни, кога сме во облаци. Тие се секогаш тука за да се погрижат да бидеме свои и уште поважно, да не ни дозволат да се изгубиме себеси заради некого. Ете, затоа секоја жена мора и треба да има најдобар другар (не само најдобра другарка) оти после комуникација со маж-другар кој и’ кажува дека нејзината среќа е најважна, сигурно нема да одбере некој кој ќе си го гледа само својот газ.

Токму имањето најдобар другар ја руши тезата дека “сите мажи се исти”, оти не се. Се руши и тезата дека “сите жени се исти”, оти не се. Затоа што пред да сме некакви мажи и жени, пред сé сме некакви луѓе. А какви луѓе ќе бидеме, зависи само од нас оти кога ги имаме сите карти во рацете, до нас е како ќе ги изиграме и одиграме. Машко-женските другарства се доказ дека душите се привлекуваат повеќе од телата. Мажот кој има најдобра другарка не коментира за разведени, вдовици, за способноста на жената да биде на висока позиција, не коментира за нејзиниот морал и етика, оти секогаш има предвид дека некој можеби така зборува и за жената со која нема секс, ама има изградено цел свет заедно кој се нарекува пријателство.

И за крај, сите ние што имаме другари сме благословениоти некогаш тие се повеќе и од маж, брат, дечко. Некогаш токму тие ни ја спасуваат психата кога сме се удриле во ѕидот наречен “дали да простам неверство, дали тоа што ми се развика е прифатливо, дали начинот на кој ме третира е добар или заслужувам повеќе”. Овој месец е посветен на машкото здравје (иако ми го знаете ставот за месец на ова и она, оти секогаш сум била за опцијата 12 месеци во годината за љубов и взаемна грижа), не заборавајте да ги потсетите вашите партнери и машки пријатели да се грижат за себе и да не ги занемаруваат знаците кои укажуваат дека треба да побараат лекарска помош. Потсетете ги и да направат превентивни прегледи...така впрочем најексплицитно им кажувате дека ги сакате.

Бидете живи и здрави, ви подарувам нова песна.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Таа-тој

Тој-таа

Дали било прво тој

Или било прво таа

Та дали тој поарен бил

Или таа поарна од него е

Таа-тој

Тој-таа

А сите исти сме

На сите душата за убост ни плаче

На сите срцата за љубов ни пекаат

Ама ете така некако излезе

За да се поделиме и разделиме

Да се кошкаме кој поарен е

Како да не може сите таман да сме

Таа-тој

Тој-таа

Се поделивме и разделивме

Грб си завртевме

Со пцости се почестивме

А толку може едноставно да биде

Оти сите луѓе сме

И секаде арни и лоши луѓе има

Оти арнината и лошотилакот пол немаат

И ниту едните се сосем во право

Ниту другите грешат секогаш

Та затоа не нé бива на светов и веков

Оти се поделивме

Оти се разделивме

Оти наместо да си помагаме

И еден на друг сила да си бидеме

Станавме....

Таа-тој

Тој-таа

Дали таа помудра е

Дали тој помоќен е

А и двајцата ги бива

И двајцата можат свет да поместат

И во него место свое секој да има

Оти налет живеачката

Налет вечната борба со ветерници

Ако не научиме дека мора начин да најдеме

Како во спокој да живееме

И мора чаре да најдеме

Како едни со други ќе се љубиме

Без никој никого да згази

Да прелаже и да измами

Да озборува и кодоши

Таа-тој

Тој-таа

И во сиот тој метеж

Само човек со човек се наоѓа

Само човек со човек се почитува

Само човек со човек се љуби