Еден тон железо е тоа, важно жива сум: Турунџиева за „Женски магазин“

Веста за опожарените возила на докажаните пејачки Ребека Јанковска Ристески и Сузана Турунџиева денеска ги вознемири граѓаните на Скопје. Министерството за внатрешни работи го потврди случајот, а ние стапивме во контакт со Турунџиева да ни каже што навистина се случило.

- Немам непријатели, немам нерасчистени сметки и никакви недоразбирања. Нема причина зошто баш мојот автомобил да биде запален. Очигледно има многу луѓе без мозок кои палат од задоволство. На ист начин претходно биле опожарени уште 7-8 автомобили - ни изјави познатата водителка, пејачка и авторка.

Од МВР ѝ рекле дека истрагата е во тек и дека се’ уште не знаат дали автомобилот е запален со молотов коктел, со бензин или со нешто трето. Нејзината кола била паркирана прва во редот и изгорела до пепел, а на Ребека била зафатена задната врата.

 - Не ми е сеедно, автомобилот беше нов, ама важно е што јас сум добра, жива сум, имам две здрави нозе, а тоа е само еден тон железо. Во споредба со нашите животи, се’ друго нема вредност - вели Турунџиева за „Женски магазин“.

Ѓ.С.