Една беше пред времето: Кои се Македонките што рушеа модни табуа уште пред три децении
Кога станува збор за мода и денешните стилови и трендови, кои се менуваат со брзината на светлината, свесни сме дека повеќе ништо не може да нè изненади, ниту зачуди.
Не само познатите личности ширум светот, кои буквално се преобразуваат за нивните сценски настапи, модните трансформации се веќе секојдневие и за оние кои не се занимаваат со јавна работа.
И, ако денес сметаме дека модата и шминката се алатки преку кои се изразуваме и овде нема правила и граници, пред три, па и две децении тоа не било баш така.
Модни табуа постоеле!
Односно, сè што било поразлично се сметало за чудно, шокантно, непристојно.
На нашите простори, кршењето на модните правила, и условно речено, рушење на модните табуа настапило подоцна, во однос на тоа како се развивало на светско ниво, но, сепак дел од нашите познати Македонки биле доволно храбри, креативни и подготвени да ја напуштат комфортната зона кога станува збор за мода, стил, шминка, односно целосен надворешен изглед.
Да видиме кои биле најхрабрите познати Македонки, кои уште пред две/три децении се издвојувале со ексцентричен изглед.
Сузана Спасовска
Лејди Гага на своето време - иако тогаш многумина ја етикетираа како кралица на невкусот. Познатата пејачка Сузана Спасовска немаше обичај да им реплицира на критичарите. Нејзиниот одговор тогаш, но и сега е дека едноставно чекорела побрзо од другите.
Калиопи
Вонсериски талент од светски килибар - уште со нејзиното појавување во 1976 година ѝ предвидоа блескава кариера. Нејзиниот изглед отсекогаш бил некако поразличен, специфичен, впечатлив, често опишуван како мрачен и готски.
Помеѓу црното и белото, црната боја не ја промени за ништо на светот.
Ракавици, очила, украси на косата во комбинација со претежно црни костими отсекогаш биле нејзината страст.
А еден детаљ остана на неа уште како мала, па до денес. Нејзините густи веѓи! Дури и во времето кога воопшто не беа „ин“, таа се издвојуваше со нив и ги рушеше тогашните трендови на тенко исцртани веѓи.
Сузана Турунџиева
Заносната убавица - Турунџиева во 1998 година беше популарна пејачка и имаше сосема поинаков имиџ од денес.
Бујната, кадрава коса, долго време беше нејзиниот препознатлив печат.
Без разлика дали станува збор за кожени панталони со краток топ или високи чизми и припиен фустан кој го открива трудничкото стомаче, Сузана отсекогаш привлекувала внимание со нејзиниот изглед и сетило за мода.
Но нејзините појавувања на Макфест дефинитивно се едни од најзборуваните и најексцентрични изданија во тој период.
Каролина Гочева
Македонското девојче - кога првиот пат се појави на Евровизија предизвика таква популарност со фустанот, што сите пишуваа за тоа. Беше како Зина - принцезата воин. И тој фустан ќе остане запишан како еден од највпечатливите во историјата на Евросонгот. Сценски фустан, точно наменет за таа пригода, драматичен и таков што не може да се заборави. Имаше многу коментари, посебно за корсетот кој имаше верзија на стомачни мускули, но заедно со раскошната кринолина и украсот на глава дефинитивно изгледаше моќно.
Maja Oџаклиевска
Еден од најквалитетните гласови во регионов - освен по нејзиниот глас, Маја отсекогаш била препознатлива по нејзините чести експериментирања со фризурата. Од кратка афро во различни бои, до и ден денес препознатливата долга коса.
*Р.Ж.М