Ех, да беше секој ден Велигден...

Добивај вести на Viber

Ех, да беше секој ден Велигден...

Знаете дека не сум многу по религијата, а тоа нема никаква врска со верата. Верник сум кога станува збор за моите убедувања околу она што е добро, што е праведно и правично. Верувам во баланс на душата и телото, верувам во љубов, во онаа универзална љубов за која тврдам дека само таа може да го спаси светот од (само)уништување. Растена сум во семејство во кое татко ми е атеист, ама никогаш немал забелешки, ниту пак мрчел кога мајка ми си ги терала адетите. Од друга страна, мајка ми никогаш не се обидувала да наметне со сила нешто што не поминувало кај него. И семејствата им беа такви. Од страната на мајка ми, баба ми Марика вапцаше јајца и тоа беше посебно доживување. Украсено по дома, јајцата светеа, адетите се тераа. Од страната на татко ми, баба ми Даница делеше портокали и мандарини на денешен. Да не беше баба ми Марика, немаше да знам дека имам именден, оти само таа ми се јавуваше да ми го честита името. Ви ја имам кажувано онаа случка кога со мајка ми шетале во Охрид на некој верски празник и кога видела жена кај што плети, отишла да и’ каже, па женава 2 метри подалеку го фрлила плеталото и и’ се заблагодарила, а баба ми среќна и’ рекла на мајка ми “уште еден поен кај Господ”. 

Нејсе, јас излегов ваква каква што сум, верувам во универзумот, научив да ги почитувам сите различности и да ги сакам адетите кои ги смируваат луѓето и им носат душевен спокој. Научив да не осудувам она што е вон моите убедувања, ниту да фаќам кусур ако некому не му се допаѓаат моите. Ден денес мислам дека секој од нас има право да одбере во што ќе верува и истото треба да му се остави без да се обидуваме еден со друг да се убедуваме кој е во право. И не ми пречи ниту една традиција која ги зближува луѓето и ги соединува, а и го вади најдоброто од нив. Ми пречи тоа што обично тоа е така само тој ден, а веќе другиот како да се заборава на вистинските вредности. За се’ ми пречи помодарството, почнувајќи од религиозноста, па завршувајќи со атеизмот. Како да има мода и во тоа во што човек ќе верува или нема да верува. И убаво ми е кога на вакви денови ќе отворам социјални мрежи на кои се прелеваат бои и мисли, која од која похумана и поубава. Убаво ми е кога се сите полни со милост и љубов, кога има сплотеност и која некако се’ е светнато. Она што не ми е убаво, а е резултат на искуство е дека знам оти е минливо. Дур не помине празникот, па да се вратиме на плукањето, пцуењето, омразата, непочитување на нашите различности.

Има една изрека која верувам дека на сите ви е позната, а се користи кога нешто нема да ни успее повеќе од еднаш, или некоја желба ни останала неисполнета и која вели “Епа, не е секој ден Велигден”. Ви текнува, нели? А замислете да беше! Замислете само како би се движел светот и каков би бил животот да се однесуваме сите како да е секој ден Велигден за христијаните или Бајрам за муслиманите. Замислете како би било секој ден да сме исполнети со милост, сомилост, љубов, разбирање, убави желби и радост. Наместо како сега, кога за ден или два ќе поминат празнициве и повторно ќе се вратиме на она наши-ваши-нивни, плукање, пцости, навреди, кој е во право а кој е виновен за се’, кој колку украл, проневерил, измамил. И тоа така ќе тера до следниот голем верски празник кога сите повторно ќе стистат OFF на поганиот јазик и дела и повторно ќе се облечеме во јагнешка кожа, која ќе не’ крепи неколку дена.

Моето разочарување е малку подлабоко од она површно што ќе загребете, па ќе си речете оти еве оваа пак мрчи оти не оди в црква. Разочарувањето ми е затоа што ни треба потсетник за да се сепнеме оти треба да сме луѓе, па си велам дека не џабе се востановени празници кои всушност не’ враќаат на основата, а тоа е дека треба да се потсетиме на чоештината. Затоа можеби и не славам празници, оти поразително ми е дека треба да ми е на календарчето обележано кога е денот на детето, мајката, таткото, победата над смртта, потсетување на оние кои не се повеќе меѓу нас. Оти нема ден во кој немам грижа за моите родители, нема ден а да не ја изнамирисам Нина и да не и’ кажам дека ја сакам најмногу на светот (иако знам дека на моменти сум и’ смешна, ама па годините и’ се такви...ќе разбере еден ден), нема ден кога не помислувам на оние кои не се тука и не се живи. И не ми треба ден како потсетник да купам сомун леб и да го дадам на некој што проси, да се обидам да помогнам онаму каде што треба. И да, знам дека многумина од вас го прават истово и тоа ми ја смирува душата дека сепак ќе не’ биде како луѓе. Ама ме боли срцево кога знам дека за многумина овие денови се фарса и маска и дека ништо не се менува кај нив за да станат подобри луѓе и да го олеснат некому животот, макар и со убав збор.

Само пробајте да замислите како ќе беше да беше секој ден полн со емпатија, со убав збор, со чиста мисла. Секој осамнат ден да беше ден во кој ќе го извадевме надвор најдоброто од себе и ќе бевме питоми едни со други. А најинтересно е што за ова и не треба многу, односно, тврдам дека е многу потешко да се биде зол, злобен, мрчатор. Како и да е, колку поскоро научиме дека само кога се дава љубов, се добива љубов за возврат, живеачката на сите ќе ни е поарна. Паметам една случка од мојата младост, кога со моја многу блиска другарка секогаш шетавме низ парк и скопските улици. Пешачењето ни беше навика во која уживавме, а често пати среќававме еден познаник, кој го знаевме многу површно и кој никогаш не пропушташе прилика да искоментира нешто што беше на граница на блага навреда. И тоа така си тераше, додека еден ден другарка ми едноставно не го сосече на сред збор и му рече “Зошто си ваков? Зошто имаш потреба да не’ навредиш? Секако дека знаеш дека не само што навредуваш, туку и повредуваш”. Човекот остана подзинат и веќе следниот пат кога се сретнавме имаше сосем поинаков пристап. Оваа случка ми е врежана во умот како потврда дека ако вратеше другарка ми со иста мерка, тоа ќе беше борба на која немаше крајот да и’ се гледа. Наместо тоа, таа само го соочи со себе и со ефектот што го има неговиот збор врз нас двете. Тој момент беше иницијален за да сфатам дека ако се врати на лошото со добро, без напад, туку кротко и со признание дека нечие дело или збор има влијание врз нас, шансите се поголеми за напредот отколку да се влегува во вртлог во кој никогаш нема победник, а сите се повредени.

Нека ни е секој ден Велигден...срцата да ни се полни со љубов, а душите со спокој и милост. Да сте ми живи и здрави.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

да се стокмиш во јагнешка кожа

не те прај јагне, чупе

туку само кажува оти си убил животинче

та си одрал и на себе натнал

и после

колку и да ги миеш рацете

на железо ќе ти мирисаат

на неуб’о

на живот одземен

а нема погрд мирис од оној на крв

твоја ли е, туѓа ли е, нема разлика

нема

твоја ако е, телото ти страда

туѓа ако е, душата те боли

не се токми во јагнешка кожа

ниту верувај им на оние кои на себе ја клаваат

и кои лажна милост во очите носат

а за крв страдни се

со наострени песјаци

забревтани од омраза

напоени со лажни идеали

нагостени со месото од лажни идоли

не верувај им на оние кои навидум кротки се

а во вените жешко железо им врие

со погани мисли и измазнети лица

со отров на јазиците и намирисани куршуми

не верувај им на оние кои мора да убијат јагне

кои мора да се испоганат со крв

за да се скријат во туѓо руво

тие, пиле

таквите

од нив, од таквите подалеку да си

одбери волци

со нив барем знаеш на што си

и ќе знаеш ш’о да пра’иш

оти гладен волк шија кине за да се најаде

не од стрв

не од беснотилак

туку од глад, за да преживее

а лош чо’ек

лошиот чо’ек на душа ти стапнува оти му се сака

оти ниту усул има, ниту уба’ина во себе

оти крв му треба за да му се обои денот

и твојата болка за да му се зацрни ноќта

и во руво од јагне цицалче ќе шета

однадвор бело и меко

однатре крваво

со железен мирис на пораз

таквите, тие

од нив подалеку да си

оти таквите, луѓе не се

ниту пак некогаш ќе стане чо’ек од нив

ниту волк

ниту јагне ќе биде

туку сенка

сенка со мирис на железо

со мирис на крв

зад барикадите на сета чо’ечност