Емотивен говор и четири фустани со моќни пораки: Кјара Ферањи ја покори сцената на Сан Ремо и покажа зошто е вистинска мотивација за сите жени
Фото: Profimedia
Кјара Ферањи ја започна својата кариера како модна блогерка уште во 2009-та година, но денес, 14 години подоцна, таа е едно од најпрепознатливите лица во светот на модата не само во нејзината родна Италија, туку и во целиот свет. Колку таа стана влијателна најдобро се докажува со фактот што синоќа стапна на веројатно најважната сцена во Италија; Кјара ја имаше улогата на водителка на престижниот фестивал Сан Ремо.
Убавата Италијанка реши да ја искористи оваа прилика за да испрати конкретна порака до публиката на начинот на кој најдобро ѝ оди - преку модата! Таа во текот на вечерта смени четири изданија, а сите четири се потпишани од брендот „Диор“, но креациите се направени во соработка лично со Кјара и со стилистката Фабија Матија Дамато.
Ферањи првo се појави на сцената во раскошен црн свилен фустан инспириран од традицијата и наследството на брендот Диор. Едноставнaта, гламурознa тоалетa ja комплетираше со елегантни долги ракавици, но акцентот беше на еден вид бел плакат што таа го стави на себе, а на кој беше испишан слоганот „Pensati libera“ (Размислувај/изрази се слободно).
Кјара ја означи оваа порака како манифест за кој се надева дека ќе ги инспирира жените да се чувствуваат слободни и ќе ги мотивира да излезат од улогата што општеството им ја наметнува. Таа истакна дека секојдневно се бори да не биде заробена во просторот што ѝ го идентификува патријархатот.
Најшокантното издание на Кјара беше она кога на сцената се појави практично гола, односно во фустан кој создава илузија на голотија. Таа на сцената излезе во полурозов фустан на кој беше исцртана силуета на женско тело.
„Сакавме да привлечеме внимание на правата на жените и на фактот дека приказот на женското тело сè уште се дискутира и се доведува во прашање. Тоа беше целта на оваа креација“, нагласува креативниот тим, кој со оваа креација сакаше да покаже колку е ослободен од срамот кој отсекогаш им се наметнувал на сите, почнувајќи од Ева, првата жена во историјата на светот.
Оваа илузија на голотија има за цел да потсети на родовата еднаквост и дека жените имаат целосно право да располагаат со себе и со своето тело како што сакаат, без да се чувствуваат виновни. Таа потсетува дека секој што ќе реши да покаже дел од себе и да се чувствува секси, не дава дозвола и оправдување да биде жртва на насилство.
„Ова е тело на жена, телото на Кјара Ферањи, жена која сака да им даде глас на сите жени во светот кои се подложени на злоупотреба и забрани, да им даде глас на сите оние на кои некогаш им било кажано дека нивното тело е срамно, дека е предмет на желба и дека поттикнува грев. Ова е сечие тело. Кој е без грев, прв нека фрли камен“, опиша тимот кој стои зад овој моден перформанс.
Третиот фустан во кој се појави Кјара ја симболизира борбата против говорот на омраза и вербалното насилство. Станува збор за едноставен, бел фустан со едно рамо на кој со црни бисери се испишани навредите кои инфлуенсерката секојдневно ги добива на Инстаграм.
„Со прикажувањето на овие сексистички фрази во Сан Ремо, сакаме да ги охрабриме сите да не обрнуваат внимание на такви работи и да ги потсетиме жените да не дозволуваат да бидат понижувани од оние кои ги мразат, бидејќи само мислењето на оние кои нè сакаат, е важно“ велат од стручниот тим.
Последната креација што Кјара ја избра беше светкав комбинезон во боја на кожа над кој носеше проѕирна кринолина која всушност го симболизира „кафезот“.
„Овој фустан ја претставува надежта дека девојките ќе ги прекршат конвенциите наметнати од патријархатот. Надежта што ја полагаме во денешните девојки кои утре ќе бидат жени. Тоа е надежта дека ќе ги ослободиме новите генерации од родовите стереотипи кои често прават жените да се чувствуваат како да се во кафез“, заклучи тимот.
Кјара на крајот ја соблече кринолината, останувајќи само во тесен, ефикасен комбинезон.
Најпознатата модна блогерка и инфлуенсерка имаше и моќен емотивен говор со наслов „Писмо до малечката јас“, во кој го потенцираше она за кое секојдневно се бори, да излезе од стегите кои ѝ ги наметнува општеството, да биде она што сака да биде без срам, и да се гордее на себе си.
Извор: zena.blic.rs