ЕМОТИВНА ПОСВЕТА ЗА ЌЕРКАТА МАРИЈА: Благица Калева победи на „Фолк фест Валандово“
Таа е мојата светлина во животот. За неа живеам и се борам. Редно беше и нејзе да ѝ посветам песна од мојата ризница. Ова е уште една чувствителна нумера поврзана со мојот живот, изјави познатата пејачка која пред 15 години во сообраќајна несреќа ги изгуби ќерката Викторија и сопругот Костадин
„Горда мајка“ е рефренот со кој Благица Калева победи
на 33-то издание на фестивалот „Фолк фест Валандово“. Познатата пејачка која
пред 15 години во сообраќајна несреќа ги изгуби ќерката Викторија и сопругот
Костадин со уште една емотивна балада инспирирана од нејзиниот живот ги освои
симпатиите на публиката. Овојпат, со песна посветена на ќерката Марија.
- Вечерва имам голема одговорност, бидејќи пеам толку емотивна нумера што нема ниту јас, ниту тие што ќе ја слушнат да останат рамнодушни. Пеам за мојата ќерка. Таа е мојот живот, мојата светлина во животот. За неа живеам и се борам. Редно беше и нејзе да ѝ посветам песна од мојата ризница. Ова е уште една чувствителна композиција поврзана со мојот живот – изјави Калева пред настапот.
Автори на победничкиот рефрен се популарниот фолк-интерпретатор Горан Тодоровски, Дејан Миленковски и Ице Беличев кои заедно со Благица ќе ја поделат премијата од 1.500 евра.
Благица Калева со авторите на победничкиот рефрен
Младиот пејач Филип Божиновски кој синоќа првпат се натпреваруваше на фолк-фестивал го освои второто место (1.000 евра) и наградата за најдобар дебитант (500 евра). Интересен е и моментот што композицијата со која се претстави е дело на Јован Јованов и Елвир Мекиќ, познат авторски тандем од македонската поп-сцена. Третопласиран е докажаниот интерпретатор Благоја Грујовски. Во негово име наградата и чекот од 750 евра го подигна авторот на рефренот, Григор Копров. Со парична награда (500 евра) од Валандово си замина и Мартин Вучиќ кој беше прогласен за најдобар аранжер. Идентична сума ќе им биде исплатена и на Орце Зафировски (најдобар текстописец) и на Мерима Његомир (најдобра интерпретација).
Второ место и награда за најдобар дебитант: Филип Божиновски
Новото раководство на фестивалот одлучи годинава да го намали наградниот фонд, но и да го промени начинот на гласање. За најдобрите одлучуваа седумчлено жири (60 отсто) и публиката во салата (40 отсто). Телефонско гласање немаше.
Ѓорге Стојанов