Здравје // Совети
ЕПИЛЕПТИЧНИТЕ НАПАДИ СЕ СЕКОЈДНЕВНИ БЕЗ ЛЕКОТ ТЕГРЕТОЛ: Со месеци го нема во Македонија, пациенти раскажаа како се снаоѓаат
Од аптека до аптека низ цел град, а потоа и во сите останати аптеки низ градовите на Македонија очајнички молат луѓето со епилепсија за лекот „Тегретол“. Во разговор за Фактор посочуваат дека без овој лек немаат нормален живот и дека е доволно само еден ден да останат без потребната терапија и да паднат среде улица заради епилептичен напад. Антонија Гугинска Јорданоска за Фактор посведочи за нејзината неколкумесечна потрага по овој лек кој ѝ овозможува секојдневно нормално функционирање. Вели „во потрагата се вклучени сите мои пријатели, буквално низ целиот свет“.
-Во моментов мои блиски пријатели буквално од цел свет ми го бараат лекот, од Австралија, Канада, Америка, Русија, Холандија, Малта, Кипар, Грција, Германија. Не знам сѐ уште кој ќе успее да го најде и дали со розев рецепт ќе им го дадат со оглед на кризата. Во Србија само во Ниш ми нашле 3 кутии. За среќа денеска од Косово ми се јавија и таму ги има сите лекови кои кај нас не може да се најдат, по иста цена како тука. Се снабдив со 4 кутии и тоа од 400мг и ми рекоа сега за сега да не се грижам бидејќи таму го има. Но, до кога е прашањето на кое нема одговор, за жал...