Еротски приказни: ЖИВОТОТ ВО КЛИНИКАТА
Човек како мене ако е незадоволен од својот живот и ако не му функционира добро, треба да направи промена на средината, луѓето и работното место. Бегството, можеби, од некоја страна, е кукавичка одлука, но некогаш, едноставно, мора да се направи. Од ред причини мора да си решителен, особено, во мојот случај. Едноставно си се спакував и си заминав.
Меѓутоа, од друга страна, тешко ми беше затоа што, сега, од островов, немав кому да му пратам слики или први впечатоци. Немав кому да му ја искажам мојата среќа, радост или некогаш носталгијата по родната грутка. На татко ми не смеев ни да му се јавам бидејќи сигурно Џино го следи, а може го има убиено. Од Димитри се криев и, нормално, не се јавував, а Џино ако ме најде би ме убил. Се обидував да не мислам на нив, но знам дека нема да ги заборавам лесно и дека ќе ми останат во спомените засекогаш.
Откако дојдов на островов, сите промени ми беа добредојдени. Сè ми беше природно како да очекував промената да биде во ваков стил. Се обидував да се вклопам во сè ново што е можно побргу. Секогаш бев воздржана, меѓутоа и јас добив некоја доза на љубопитство во себе. Сè ме интересираше и сакав сè да дознаам за островот, за клиниката, воопшто за животот овде.
Иако климата беше сува и времето беше топло, мене ми се допаѓаше и се навикнував побргу отколку што мислев. Еднаш бевме на прошетка низ градовите во островот, но сакав да отидам пак во градовите крај островот за да ги прошетам и за да ги разгледам. Ме привлекуваа овие нови предели непознати за мене. Се чувствував сигурна меѓу толпата луѓе од цел свет, кои одеа низ улиците и никој никого не го интересираше.
Во клиниката сите луѓе ми беа интересни бидејќи беа љубезни и изгледаа среќни. Бев претпазлива, па затоа решив да почекам за да ги запознам луѓето полека и кога сам ќе се направи мозаикот, тогаш ќе дадам мислење за луѓето. Во овој момент, сите тие беа пријатни, љубезни, само Фис ми остави лош впечаток. Времето ќе го искристализира секој човек.
Ми беше полесно да работам со пациентите затоа што работев во тандем со Ема. Таа е подолго време во клиникава од мене и ги познаваше пациентите подолго време, а новите пациенти двете ги опслужувавме заедно. Работевме двојна смена поради финансиски бенефит. Имавме право да избереме и да работиме во две смени и можевме да заработиме повеќе работејќи двојни смени. Двете со Ема, уште од почеток, со очите да се погледневме знаевме каде сме. Во другата смена беа две сестри кои, исто така, работеа сложно и искрено соработувавме меѓу нас. Докторите беа пријатни и срдечни со нас.
Навечер имаше или кино-претстави или музичка вечер или некоја дебата за да се исполни времето на пациентите. Некои пациенти, кои беа потешки случаи, ги шетавме надвор. Тие беа многу приврзани кон нас затоа што беа свесни дека ние ги негуваме и се грижиме за нив со срце и со душа. Во меѓувреме Фис го снема. Прашав каде е, а Ема само ги крена рамениците. Го немаше повеќе од десетина дена заедно со директорот Руди Кес и поради тоа Ема беше природна, весела и опуштена. Почнавме да се шегуваме помеѓу нас, а Ема со нетрпение чекаше да се врати Кармен.
Ден по ден помина речици цел месец од мојот престој овде. Дојде викенд во кој бевме слободни јас и Ема. Сакавме да излеземе за да се прошетаме низ островот сами двете. Вечерта кога слеговме на вечера, се појави Фис. Дојде кон нашата маса се поздрави и седна. Потоа, ни кажа: „Добро вечер, принцези мои. Како сте? Ви недостасував? Бев на службен пат заедно со директорот. Имавме многу работа, имаше саем на медицински апарати и помагала, па моравме да бидеме таму и да присуствуваме на сите случувања“.
Фис стана да земе јадење, а Ема дофрли тивко: „Подобро никогаш да не се вратеше“. Се направив дека не слушнав ништо. Досега ништо немав прашано за Фис. Чекав таа да ми се довери. Некогаш тешко е да се навлезе во интимата на другиот. Може има причина што не сака да се довери.
Во меѓувреме, Фис се врати со зборовите: „Обожавам морска храна. Ајде утре да одиме заедно на ручек в град. И така сте слободни“. Не знаев што да му одговорам. Ема се зацрвене во лицето дури и ушите и станаа црвени и му рече: „Ние планиравме со Нада да се прошетаме утре низ градот и да одиме на плажа“.
Уште не ја докажа реченицата, Фис дрско ја прекина со зборовите: „Одлично! Утре одиме заедно!“ Јас ништо не одговорив. Ема молчеше и, потоа, му рече: „Сакаме утре сами да се прошетаме за да го разгледа градот Нада“. Тој ѝ одговори кусо: В ред. Јас подоцна ќе ви се придружам. Се слушаме утре. Сега имам работа, ќе имам состанок со управниот одбор“.
Кога замина, Ема збесна. Се обидував да ја смирам. Станавме и прошетавме низ паркот. Таа молчеше. По некое време, се смири и ми кажа: „Мери, имавме многу работа периодов. Некогаш ќе седнеме и сè ќе ти раскажам. Знам дека знаеш нешто, но молчиш. Ајде сега да не си го расипуваме викендот“. Ѝ климнав со главата. Се вративме во собите. Ема ми рече дека мора да се најавиме кај Хуго за утре наутро да не носи во градот. Така било правилото.
Утредента станавме рано, појадувавме и со Хуго рано тргнавме во градот. Додека патувавме, Хуго ме гледаше цело време низ ретровизорот. Имаше уште неколку колешки и колеги кои патуваа со нас и не ми беше пријатно.
По кусо време, стигнавме и излеговме да се шетаме. Отидовме во една катедрала. Беше прекрасна, импозантна и во неа се наоѓаат две ремек-дела од познат средновековен мајстор. Всушност, целиот град беше како отворен музеј каде што секој ѕид си имаше свое значење.
Ема не беше расположена и ми кажа: Ајде да седнеме да пиеме кафе во кафетерииве што се на плажа“. Се согласив затоа што чувствував сака да каже нешто.
ПРИЈАТЕЛКИ