Евровизиската песна ја напишав за мајка ми - родена во Македонија, која почина од последици на корона: Владана, претставничка на Црна Гора на изборот во Торино
Годинешната евровизиска претставничка на Црна Гора, Владана, ќе се обиде да ги освои жирито и европската публика со темата „Breathe“, на која се потпишува како автор на музиката и текстот. За комплетниот звук на песната се погрижи и нашиот врвен продуцент и аранжер Дарко Димитров.
Мултиталентираната уметница од Подгорица уште на рана возраст покажала интерес за музиката, бидејќи нејзиниот дедо Борис Низамовски бил раководител на Здружението на сценски уметници на Македонија и менаџер на македонскиот ансамбл „Мањифико“.
- Мајка ми е родена во Битола. Пораснала во Скопје. Првите шест години живеев во Скопје кај баба ми и дедо ми. Моето детство беше поврзано со овој град и затоа го научив македонскиот јазик. Најубавите спомени од мојот живот се поврзани со Скопје. Тоа е мојот дом. Таму е мојата најдобра пријателка. Таму живее сестра ми, која ми е втора мајка. Тоа е мојата куќа – открива Владана и дополнува дека евровизската песна ја посветила на својата покојна мајка.
- Ја изгубив мајка ми во ноември минатата година од последиците на корона вирусот. Сѐ уште не ја прифаќам таа загуба и ја чекам да се врати. Кога почина, не можев да зборувам со денови. Но, една вечер успеав да напишам песна. Текстот и мелодијата сами ми навреа. Одеднаш почувствував како тоа да е знак од неа. Како таа да ми ја дава мелодијата. Ми даде знак дека е тука – вели пејачката .
Евровизиската „Breathe“ ја промовирала во Србија, Романија, Шведска, Шпанија, Израел. Планира да ја посети и Финска, бидејки има и финска верзија на песната.
- Реакциите се многу емотивни. Фановите од цел свет пишуваат дека песната многу ги погодила. Тоа ми беше и целта. Не да влезам во финале или да победам, туку луѓето што го поминале истото како мене, да знаат дека има некој што е со нив, што дели иста судбина и што направи нешто за никогаш да не ги заборавиме нашите најмили.
Костимот за настап ќе го прави една млада француска дизајнерка. Настапот ќе биде поврзан со технологија, ќе биде интересен, се надевам и убав – посочува Владана.
Завршила основно и средно музичко образование. Сепак, Владана дипломирала новинарство на Државниот факултет за политички науки во Црна Гора.
Во 2003 година, го направила своето телевизиско деби во национално караоке шоу и го издала својот деби-сингл „Ќе ми останеш вечна љубов “. Две години подоцна, учествувала на националниот избор на Евровизија на Црна Гора, со „Само мој никогаш нејзин “. Во музичкото портфолио запишани се многубројни фестиваски настапи и песни.
Кон крајот на 2009 година, Владана го издала својот прв сингл на англиски јазик, „И на лошите девојки им треба љубов“, а една година подоцна и деби албумот „Градот на грешниците“. Во ноември 2010 година, анимираното видео за песната од носечката нумера на албумот беше претставено на регионалната MTV Adria, со што таа стана првиот соло изведувач од Црна Гора со време на емитување на овој канал.
Музиката не е само страст на Владана. Во 2015 година, таа лансирала онлајн моден магазин наречен „Чивилук“ на кој промовирала дизајнери од Црна Гора. Како основач и главен уредник, пишувала колумни и правела интервјуа и со музичари и политички личности.
Соња Алексоска Неделковска