Филмот „Врба“ има машка и женска верзија: Машката игра само во кино „Милениум“

Добивај вести на Viber

Најновиот филм на Милчо Манчевски „Врба“ не само што ги урива сите рекорди на гледаност, туку дополнително ја интригира публиката со фактот што има две верзии – машка и женска. Машката може да се види само во кино „Милениум“ во Скопје, додека женската игра во сите други кина во Македонија.

- Идејата да се направат две верзии на фимот се роди во самиот процес на работа. Женската верзија е малку подлабока и поспора, додека машката е подинамична.Секоја е интересна на свој начин. Во суштина станува збор за ист филм, но ракурсот  на некои места е поразличен – вели продуцентот Јане Ќортошев.

Инаку, за проекциите на „Врба“ деновиве  низ кината во Македонија се бара карта повеќе.

Како што велат од продукцијата, филмот досега го виделе над 8000 гледачи, а во некои градови има барања и за дополнителни проекции, како - Охрид, Прилеп и Битола.

Последниот филм на Манчевски кој ја плени публиката со  пораката „Мајка не раѓа- мајка сака“ ги исфрли во прв план фантастичните актерски креации на Сара Климовска, Камка Тоциновски, Наталија Теодосиева, Ненад Нацев...

Филмот забележа рекордна гледаност и на самата премиерата што се случи на први ноември во  Македонската филхармонија. Во исто време почна да се прикажува во „Синеплекс“ и „Милениум“ во Скопје, како и во Битола, Штип, Охрид, Кичево и Струга, Прилеп, Свети Николе. Наскоро „Врба“ ќе  можат да го видат и во Гевгелија Кочани и Македонска Каменица.

Светската премиера на „Врба“ беше на 19 октомври на Римскиот филмски фестивал, каде беше испратен со овации.

М.П.Г.