(ФОТОГАЛЕРИЈА ОД МАРКОВО КРУВЧЕ) Убавините на Македонија: Тура за елан и добро расположение

На сè поголем број скопјани, во последно време им е предизвик да прошетаат до Марково Крувче на Водно. Оттаму, се пружа најубавиот поглед на Скопје, особено кога ќе се качите на Марковите кули, се чини дека градот буквално ви е на дланка.

Има два начина да се стаса до Марково крувче, од Сопиште или од подножјето на Водно. Наједноставно е да се паркирате долу на Водно, крај патот кој се дели- лево за Сопиште, а десно за Средно Водно. Асвалтираниот пат накај Сопиште не е пуштен за автомобили, и ве очекува околу половина час пешачење нагоре, по убав, широк пат. Во време кога сите внимаваме да одржиме дистанца, овој пат е сосема погоден за тоа поради неговата широчина.

По пат, љубителите на убавата фотографија не одолеваат па панорамата на Скопје, па секој викенд, Инстаграмот и Фејсбукот се полни со слики од Скопје одозгора. А уште повеќе од целта, Марково Крувче. Месноста нуди летниковци, клупи за одмор, игралиште за деца. Главните слики ги правите на Маркови кули, неколку метри над Крувче. Некогаш Марковите кули кои се остатоци од тврдина се викале градот Грнче. 

На зарамнетиот врв во VI век бил изграден еден  силен кастел со големина 360 х 90 метри. Ѕидовите му биле широки до 2,5 метри и зајакнати со 40 кули. Страничните кули имале форма на петоаголнци со големина до 11 метри,акрополата била бранета со 9 триаголни кули.Цел еден вистински град град бил Црнчец, според остатоците кои сведочат за тоа. Од претсловенските градби останале добро запазени и непотрупани двете големи цистерни  за вода. Имало и бања која била изградена на тесниот простор помеѓу помалата цистерна и обѕидието, а врз остатоците на еден магацин од VI век. Во средишниот дел на акрополата се наоѓа дворецот, кој е со правоаголна основа. Граден е со малтер, а бројните дрвени греди во ѕидовите му давале поголема цврстина.

Кога ќе се симнете од кулите и ќе одморите, имате две опции. Да пешачите околу 4 километри нагоре накај Милениумскиот крст, или да ја изберете полесната варијанта. Низ прекрасна шума, одејќи нешто повеќе од два километри можете да стасате до Средно Водно. Ние ја избравме втората опција, магичната шумска патека. Пешачејќи по неа, има шанса да сретнете познаници кои долго не сте ги виделе. Кој пешачи, кој трча, кој вози велосипед, кој одмара на клупите што и низ шумата ги има. До Средно Водно, низ убавата патека се стасува како за час.

Ако ви е малку во еден правец, убаво е оваа патека да се доживее уште еднаш, на враќањето назад кон Марково крувче. Таа варијанта ја бираат оние кои дошле од Сопиште. Другите, кои автомобилите ги оставиле долу на Водно, прават цел круг, од Средно Водно надолу. По тие 7-8 километри пеш низ природа, особено и ако се решите оваа тура да ја изодите во недела, веќе нема да ви е тежок и заморен понеделникот. Марково крувче дава елан и убаво расположение.

Милица Џаровска

фото: Вангел Тануровски 

ГАЛЕРИЈА: