Фудбалски ѕвезди, архиепископот на МПЦ, господин-господин Стефан, политичари - 600 гости на промоцијата на документарецот за Дарко Панчев
Го испочитуваа сите. И фудбалерите со кои ја градеше спортската слава и пријателите, академците, бизнисмените, политичарите. На вчерашната промоција на документарниот филм „Патот на Кобра до ѕвездите“, посветен на најголемото фудбалско име во македонската историја, Дарко Панчев, присуствуваа 600 гости од земјава и регионот.
Методија Спасовски, Васил Рингов, Илија Најдоски, Кочо Димитровски, Вујадин Станојковиќ, Ѓоре Јовановски, Томче Трајановски, Драган Стојковиќ, Дејан Савичевиќ, Стеван Стојановиќ, Слободан Маровиќ ја сочинуваа „фудбалската екипа“.
-Голема благодарност до сите спортски легенди кои вечерва дојдоа во Скопје, до колегите од Вардар. Му благодарам на ректорот проф.д-р Аце Миленковски и на Универзитетот Скопје кој помогнаа фимот да остане во историјата на идните генерации- им се обрати Дарко Панчев на присутните гости.
Панчев од Бошко Ѓуровски доби дрес од Црвена звезда, а претседателот на ФФМ, Муамет Сејдини му додели дрес од македонската репрезентација. На промоцијата беа присутни и архиепископот на МПЦ, господин-господин Стефан, првиот човек на МОК Васил Тупурковски, селекторот на македонската фудбалска репрезентација Благоја Милевски.
„Патот на Кобра до ѕвездите“ кој од септември како серијал ќе се прикажува на „Спортклуб“, е филм за подемот на македонскиот спортски бренд Дарко Панчев до европскиот и до светскиот трон. Панчев е еден од најдобрите голгетери на светот во осумдесеттите и на почетокот на деведесеттите години на минатиот век и еден од најпознатите македонски спортисти во историјата. Тој е носител на Златната копачка за најдобар стрелец во Европа и на Сребрената топка за најдобар фудбалер. Прогласен и за фудбалер на Македонија на 20. век, вистинска гордост на македонскиот спорт.Ова е филм за детството на Дарко, неговиот раст и фудбалски развој за патот до успехот, и не само според неговите сеќавања, туку и сеќавањата на многу други личности, негови блиски и од неговото окружување.Снимањето е направено на повеќе локации во Скопје, Белград, Сараево, Загреб, Букурешт, Подгорица, во времетрање од два месеца со повеќе од 40 личности од светот на фудбалот, културата и од јавниот живот.
Под генерално покровителство на Универзитетот за туризам и менаџмент, сега со ново име Универзитет Скопје, овој филмски документ со историска вредност за македонскиот спорт е во организација и копродукција на Спорт клуб телевизија, Спортско радио 90,3 и Спорт нетворк продукција.
С.А.Н
Фото Вангел Тануровски
ГАЛЕРИЈА: