Фустани со џебови, рамноправност и поддршка – се одржа првата модна ревија посветена на финансиската слобода на жените

Добивај вести на Viber

На уникатниот настан организиран од страна на Халкбанк, петмина македонски креаторки и креатори ги претставија своите уникатни модели на фустани со џебови како симбол за финансиска рамноправност на жените.

Во петокот, во „Дабл Три Хилтон“ (DoubleTree by Hilton), во присуство на голем број јавни личности, модни икони и жени од бизнис-заедницата во нашата земја, се одржа настан за паметење. Креативната кампања на Халкбанк, посветена на поддршката на жените, го доби своето големо финале: модна ревија на уникатните парчиња мода – фустани со џебови, кои го вклучуваат џебот како симбол за финансиска, економска самостојност на жените.

На модната ревија продефилираа креациите на модните дизајнерки Јована Филиповиќ, Аида Зекир (М Couture), Татјана Кокев, Моника Коцарева и дизајнерот Марјан Бебекоски. По завршувањето на ревијата, сите фустани, односно креации на модните креатори беа изложени на аукција, на која од хуманите гости се собраа неверојатни 155 000 денари. Сите собрани средства ќе бидат донирани за жени од ранливи социјални категории.

„Овој месец, кога ја славиме Жената и нејзината моќ, Халкбанк промовира интегрирана платформа за поддршка на жените во земјата. Денес, на овој настан, го лансираме бизнис-пакетот што нуди поголеми можности и олеснети услови за жените претприемачи. Наскоро ќе овозможиме и старт-ап пакет за сите жени што сонуваат да започнат свој бизнис. Оваа поддршка е стратешки наменета за да им обезбеди ’ветар во едра‘ на жените, со цел да може на вистински начин да го развијат својот бизнис“, изјави Букет Геречџи, Извршна директорка на Халкбанк.

„Инклузијата, еднаквите можности и поддршката се приоритети на глобално ниво на Мастеркард. Од нашата работна средина полна со диверзитет, преку нашите продукти и решенија, секојдневно ја потврдуваме нашата заложба за родова рамноправност. Развојот на женското претприемништво во РС Македонија е клучот за развој и просперитет на општеството и локалната економија. 

Стоиме зад силната порака за поддршка на бизнисите развиени од страна на жените, која ја праќа Халкбанк“, изјави Елена Чардаклиска, Менаџмент-консултантка во Мастеркард.

Од Банката најавија серија продукти, услуги и иницијативи поврзани со поддршката за жените претприемачи, како и за жените од различни ранливи социјални категории.

Пр објава