(ГАЛЕРИЈА) Легендарно со хитовите на легендите на Василичарскиот концерт

Хитовите на легендите, Мајкл Џексон, Стинг, Мадона, „Квин“, Витни Хјустон, Елтон Џон, Џорџ Мајкл..., беа почетна причина Василичарскиот концерт во НОБ да биде уште едно успешно издание. Плус, легендарна беше и изведбата на домашните музичари.

Традиционалната манифестација која годинава е со наслов „Legends“ ја наполни Операта и балет, а според топлите реакции на публиката, така ќе биде и на вториот концерт, утревечер од 20 часот на истото место.

Ништо ново за Наде Талевска не е колку е моќна во вокалот и во интерпретацијата, со колку силни аплаузи публиката ја испраќа од сцената, освен што на овој концерт, во споредба со ланскиот е околу дваесетина килограми ослабена. Наде беше Витни Хјустон, секогаш одличната Андријана Јаневска и Стинг и „Пинк Флојд“ и Барабара Стрејсенд, топлиот вокал на Елена Петреска- Тина Тарнер, Филип Пешевски- Елтон Џон, Горан Наумовски- Џорџ Мајкл, Лена Затковска - Мадона, Дејан Бобиќ- Дексо како Мајкл Џексон со се одличната кореографија, Лина Авшар како Принц... Секој пејач ја носеше својата специфична енергија на сцената што публиката веднаш ја препозна.

Како шлаг на крајот, Весна Ѓиновска- Илкова и Ѓорѓи Цуцковски беа фанстасични во „Барселона“ од Фреди Меркјури и Монсерат Кабаље, надополнети од хорот и дел од балетаните и балерините на НОБ кои беа интересни аниматори. Публиката заигра на крај со повикот за танц од хитот на Витни Хјустон, I Wanna Dance with Somebody. Со оркестарот диригираше Бисера Чадловска.


Милица Џаровска

Фото: Н. Батев, Вечерпрес