(ГАЛЕРИЈА) ТРЕТА НЕДЕЛА НА ИТАЛИЈАНСКАТА КУЈНА ВО МАКЕДОНИЈА
Со дегустација на италијанското просеко Prosecco Superiore DOCG Prima Cuvée и специјалитети од регионот Вадобиадене, вчеравечер, во ресторанот „Портофино“ во Скопје, во присуство на повеќе од 200 гости и Амбасадорот на Р.Италија, Н.Е. Карло Ромео, се означи почетокот на Неделата на италијанската кујна во Македонија.
Амбасадорот Ромео ја презентираше програмата на Неделата на италијанската кујна во Македонија која вклучува низа настани во организација на Амбасадата и Канцeларијата ИТА - Агенцијата за промоција и интернационализација на италијанските компании.
Во текот на целата недела предвидени се разновидни настани наменети за љубителите на италијанската храна и вино, за готвачи професионалци и за аматери, за компании заинтересирани за увоз и дистрибуција на италијанска храна и вино, за љубители на италијанскиот филм, како и за најмалите.
Љубителите на италијанска храна и специјалитети ќе имаат можност да уживаат во врвната кулинарска уметност на италијанскиот Шеф Армандо Кодиспоти кој ќе гостува во рестораните „Дикстрикт“ и „Воденица“ во среда и петок.
Професионалните готвачи, имаат можност да присуствуваат на Мастерклас за италијанска кујна со шефот Армандо Кодиспоти, организиран од Амбасадата на Р.Италија во соработка со здружението на готвачи ГАСТРО-МАК.
Промоцијата на италијански производи и вина во супермаркетите на Тинекс започна вчера и ќе трае цела недела, каде покрај промотивните цени, потрошувачите ќе имаат можност да добијат вредни награди и книга со италијански рецепти.
Третата Недела на Италијанската Кујна во Светот (19-25 Ноември 2018 година) е настан од светски рамки, организиран под покровителство на Италијанското Министерство за Надворешни работи, со цел промоција на италијанската ено-гастрономска култура и традиција, сo посебен акцент на богатството на специјалитети и состојки типични за италијанските региони, нивната историја и територија. Токму тој медитерански начин на исхрана, таканаречената Медитеранска диета, е централна тема на овогодинешното издание на Неделата на италијанската кујна во светот.
Фото: Маја Јаневска-Илиева