(ГАЛЕРИЈА) За добрите стари времиња, за оние кои се вечно млади: Емотивна ретро забава со скопските диџеј легенди
Пеејќи ги на глас стиховите од „За добра стара времена“, безвременскиот хит на „Нови фосили“, оние кои се чувствуваат вечно млади, сношти уживаа на ретро-забавата „Forever Young“ , во ВИП Арената Борис Трајковски.
Старите екс-југословенски хитови кои ги избра диџеј Вера Јанковиќ разбудија посебни емоции кај гостите, но тоа не беше единствениот репертоар.
Забавата ја организираше менаџерот Милорад Цајиќ- Цајо, со убав повод- 50 години од диско животот кај нас, односно од отворањето на првото диско во Скопје, „Технометал“ кое почна со работа во 1969 година.
Се слушаа најголемите хитови од 70-тите,80-тите и 90-тите години, а ги пуштаа легендарните диџеи чии сетови ја одбележале младоста на повеќе генерации: Зоран Петров-„Антена 5“, Вера Јанковиќ, Баџо, Цена, Ерик Фокс, Струја.
Плакети за трајни вредности добија други легенди: Васја Ивановски, Михаил Бошковски- Мице, Драган Б.Костиќ, Сашо Јордановски, Богдан Стојановски-Боби и Ванчо Иванов-Главче.
„ Идејата за темата на големата ретро забава ја добив од преубавата песна „Forever Young“ на групата „Алфавил“ од 1983 година. Самиот наслов ме поттикна да мислам на сѐ она кое што човек го посакува. Тоа е ветувањето на секој од нас, дека додека во срцето се чувствуваме млади, никогаш нема да старееме. Сношти на неколку часа ги заборавивме нашите години и му се препуштивме на човековото мото на животот- а тоа е ветувањето да се остане вечно млад“, изјави Цајо. Со организацијата, тој ја оправда оваа своја приказна. (М.Џ.)
Фото: Вангел Тануровски