(ГАЛЕРИЈА) За вистината, љубовта и просветлението: Тони Зен промовираше албум

Добивај вести на Viber

Хип-хоп артистот Тони Зен синоќа го промовираше својот шести по ред албум со наслов „Од изворот на изборот“. Пред повеќе стотици гости, најголем дел негови пријатели и препознатливи музички имиња од домашната сцена, Тони Петковски нескриено ја искажа радоста по повод излегувањето на проектот.

- Сите 8 песни се инспирирани од моите лични искуства изминативе години. Овој албум се слуша со срце. Не случајно е акустичен, мирен и сниман во 432Hz, со цел да се задржи природната фреквенција. Музиката на албумот е посветена на вистината, љубовта и просветлението - им се обртати Зен на присутните.

Тони Зен со Весна Малинова Бабамов и со Дани Димитровска 

Меѓу гостите беа и колегите Виктор Апостоловски и Дани Димитровска, музичарот и продуцент Мите Димовски, џез музичарот Џоле Максимовски.. 

Албумот е независно издаден со поддршка на СТ Продукција како дистрибуција и изработка на ЦД и обвивка. Сниман е во студиото „Knobs Keys 'n Stuff“ заедно со Бојан Филиповски „Gloomie“, додека миксот и мастерингот го изработи Мите Димовски во студиото „Тра ла ла“.

Албумот има 8 песни. Текстовите ги напиша Тони Зен, а музиката ја создаде заедно со Кирил Бабамов (гитара) и Ратко Даутовски (перкусии). Mузичари кои дадоа свој придонес на албумот се Мартин Јосифовски на бас гитара, саксофон и флејта - Борислав Веселинов, клавијатури - Борче Кузмановски и Бојан Филиповски, Александар Пешевски Сале - усна хармоника и придружни вокали - Весна Малинова Бабамова и Бојан Филиповски.

Од денеска албумот е во продажба во музичките продавници.

Фото: Стефан Рајхл