ГАРО ПРОСЛАВИ 50. ГОДИШЕН ЈУБИЛЕЈ: Забавата допрва ми почнува

Добивај вести на Viber

Легендарниот тапанар Гарабет Тавитјан сношти прослави јубилеј, 50 години од својата музичка кариера. Гаро ги собра блиските пријатели и соработници на забава на интересна локација, во Сули Ан, во Скопската чаршија.

Во еден дел од настапот му се придружија синовите Диран и Гаро јуниор

„ Има многу моменти на кои со радост се сеќавам од овие 50 години, но ако на нешто прво би се сетил, тоа се почетоците. Мои први инструменти беа само еден добош и еден чинел. А првиот вистински инструмент кој го добив беше гитара. Тапаните дојдоа подоцна“, ни изјави Гаро.

“Ви благодарам на сите што дојдовте. Мојата забава допрва сега почнува“, им рече тој на гостите. 

Пред пријателите во Сули Ан, Гаро ја покажа сета своја мултиинструментална умешност. Свиреше прво на пиано, па на гитара, имаше и неизбежна сесија на тенџериња кои се негов заштитен знак, и за крај на тапани. Со мерак му се придружија и неговите синови, Диран и Гаро јуниор, свирејќи џез и блуз импровизации. На крајот, настанот се претвори во неформална караоке забава, на која многу пријатели на Гаро, легендарни музичари од неговото време пееја евергрини, кои им драги на сите генерации.

М.Џаровска