Замолчувана со векови, третирана како дел од мебелот, безгласна буква, измеќарка, сенка во домот. Ова е сосем доволен опис за тоа како била (за жал, во многу наврати и се’ уште е така) третирана жената. Не е оваа колумна ниту обид за ширење феминизам (бидејќи многу мажи веројатно така ќе ја сфатат, без да навлезат воопшто во тоа што е всушност феминизмот), не е ниту жалење, ниту сожалување. Оваа колумна е апел за да го слушнете гласот на жената, колку и да е некогаш тивок.
Една важна работа која ја научив во животот е дека ставот и мислењето се кажуваат, без оглед дали некој се обидува да ве замолчи или да ве негира, било со постапки или со насилство. Премолчувањето на навредите и повредувањата се само давање дополнителна сила на оние кои се научени да покоруваат и да ве држат во константен страв. Наметнувањето на чувството на срам и немоќ се оружје кое успешно функционира. Да се каже во денешно време дека жена е малтретирана во било кој облик, дали е тоа мобинг на работното место, сексуално вознемирување, шамар, силување и други видови на понижување е (за жал) проследено со контрадикторни реакции. Од една страна, тука се поддржувачите на жената, од друга страна тука се оние кои одат секогаш со истиот став дека “сама си го барала”. На оние првите им симнувам капа, а на оние вторите само би им порачала дека од срце им посакувам никогаш да не дојдат во ситуација ќерките, сестрите или мајките да им бидат повредени или навредени на оној начин кој тие со својата игнорантност, всушност го поддржуваат насилството.
Колку силувања поминале без казни од тој пусти срам, наметнат дури и од семејството за да не бидат обележани во јавноста или исмејувани од соседите, озборувани или напаѓани? Колку трауми во себе носат жените кои го голтнале својот глас за да кажат што им се случило и се обидуваат да заборават нешто што ги јаде однатре? А каде е нашата поддршка во сето тоа?! Каде потфрливме со нашиот однос дека “штом не ми се случува дома, не ме интересира”. Па, еве да ви кажам дека мене и те како ме интересира што има секоја од нас да каже во однос на ова прашање. Мене ме интересира гласот на секоја од вас, затоа што сум и јас дел од вас, исто како што е и мојата ќерка, мајка, пријателките кои ги имам и нивните ќерки. Да, ме интересира затоа што никој нема право да ви го загорчува животот, да ве обесправува и да ве малтретира. Ме интересира затоа што девијантното општество ќе стане уште подевијантно ако некои работи не се сосечат еднаш засекогаш. И не се тешете дека тоа се случува на таму некои и некаде. Не! Се случува насекаде, дури некогаш и вам, ама не сте свесни.
Колку пати ви се има случено да се почувствувате непријатно кога шегите на ваша сметка се однесуваат на вашиот изглед, годините или мислењето кое го имате. Колку пати сте почувствувале бес кога сте биле игнорирани токму затоа што сте жена? Бев мирна и тивка долги години, без желба да се конфронтирам и да бранувам. Премолчував работи кои не се за премолчување. Трпев некоја будала да ме малтретира преку телефон со закани и демнење и се срамев заради тоа, небаре сум го предизвикала со нешто. Трпев шеги за сметка на мојот изглед, дали сум била премногу слаба или дебела, дали сум била милфица (ова последниве години), дали сум била без маж. Трпев и молчев додека не сфатив дека силата на оние кои се осмелиле да ме навредуваат им ја давам јас, заради мојот молк. И тогаш решив да зборувам, гласно и јасно.
Не, не смееш да се шегуваш за сметка на мојот изглед!
Не, не смееш да ми ги коментираш килограмите, оти не се твоја работа!
Не, апсолутно не смееш да ме нарекуваш милф, оти тоа ме навредува исто како што тебе те навредува кога за мајка ти некој ќе рече така!
Не, не смееш да ми даваш сексуални алузии кога не сум заинтересирана за тебе!
Не, не смееш да правиш да се чувствувам непријатно и засрамено затоа што ТИ не ја знаеш границата!
Не, никој не смее да каже дека жената сама си го барала навредувањето затоа што сака да се облекува вака или онака. Кога кажуваме НЕ, тоа значи НЕ! Не е нашето тело парче чоколадо па сме рекле не, а всушност сме мислеле можеби. Ние одлучуваме дали, каде и со кого сакаме да бидеме. Не толкувајте знаци, оти имаме уста и глас за да кажеме недвосмислено што сакаме и што не сакаме.
Не, не е ваше да судите и осудувате дали за вознемирување или силување сме пријавиле веднаш или тогаш кога сме биле спремни да го поднесеме товарот на општеството кое секако ќе има двојби во нашата чесност. Можеби ако децении наназад мислењето на јавноста не било остро како жилет за да не’ исечка на парчиња кога некоја од нас кажала дека е сексуално нападната или силувана, ќе сме имале храброст да пријавиме веднаш.
Мојата фрустрација е фрустрација на сите жени кои ги знам и познавам. Не смеевме да дозволиме да бидеме џелати на веќе искасапена жртва. Не смеевме да дозволиме да минат години додека некоја од нас не собере или храброст или да е стасана до граница на лудило од што молчела, за да си ја каже маката. Не смеевме да дозволиме неказнето да поминат и оние кои криејќи се зад тастатура и монитор ќе дробат дека сами си го бараме или дека сме предизвикале некого.
Ќе се облекувам како што сакам, дали било по стандардите во нечија глава, не ме интересира.
Ќе седам сама во кафеана или кафуле, без да се оптеретувам дали тоа некому е порака за да ми седне на маса и да ми го загрози приватниот простор.
Ќе зборувам гласно, ако треба и ќе викам колку што ме држи гласот не само за себе, туку и за секоја од вас.
Дајте поддршка на жртвите на насилство, дајте им ја својата љубов и разбирање, дајте им светлина и надеж дека не се сами и дека ќе застанете рамо до рамо покрај нив. покажете им дека нивната битка е битка на секоја од нас, затоа што таа борба не е борба на поединец, туку заедничка. И не е ова само повик ЖЕНА ЗА ЖЕНА, ова е повик за општеството да застане зад секоја жртва и да и’ овозможи правдата да биде задоволена. Да сте ми живи и здрави.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
(Песнава ја објавивме на Женски Магазин пред некое време, ама да ве потсетам дека гласот ТРЕБА и МОРА секогаш да ви се слуша)
Да викниш
Гласот да ти се чуе
Зборот да ти се памти
Да си кажеш се’
На душата што ти лежи
Оти душата молк не трпи
Ниту да збира ко бунар
Отрови на неа да се таложат
Ко во филџанот талог од црно кафе
Затоа да викниш
Секој пат до небо да свикаш
Кога си обесправена
Кога знаеш дека убаво не ти е
Кога некој ќе сака да те згази
И кога сама себе се газиш
Оти ниту еден човек
На овој свет роден не е
За туѓи поганлаци да трпи
Ниту некому покорен да биди
Да се поболува и бол да има
Да викниш
Секој пат кога убаво не ти е
Кога себе заради друг се губиш
И во темница талкаш
Удирајќи се од својата немоќ
НЕ да кажеш
И себе да се сакаш
И тело и срце здрави да ти бидат
Без грижа и страв
Оти не си нешто
Што некој друг сака во тебе да гледа
ЗБОГУМ да изустиш
И назад да не се вртиш
Секој еден пат
Кога некој на добрината ќе ти плукни
И кога за потсмев твојата мекост ќе ја има
Да викаш
Да се избориш за својата среќа
И во неа спокојот да си го чуваш
Како храм во кој ќе се помолиш
И во кој ќе си одмориш
Оти ништо не вреди повеќе
Од твојата насмевка и сјајот во очи
И никој не вреди повеќе
Од твојот мирен сон
И мирната рака во која трепет нема
Да викаш
И да ги чуеш оние кои викаат
Кои помош бараат свои да останат
Оти ништо немаш
Ако гласот го изгубиш
И главата наведната ти е
Ништо не ќе имаш
Ако станеш сенка на своите желби
Без глас
Без збор
Без себе