Глеј си ѓубрето под чергата
Најопасни се луѓето-душегрижници. Под превезот на
сомилост и емпатија блујат отров за кој воопшто не водат сметка како ќе биде
доживеан (па и преживеан) од оние за кого е наменет. Народ сме кој обожува да
се бави со туѓите животи. И како и секогаш, ќе почнам од себе. Сум била жена со
сомнителен морал, па фригидна, па светица, за приказните околу мојот развод
нема поента да зборувам, па после е на ред мојата сексуална ориентација и низа
други муабети. А што е најинтересно, сите тие муабети потекнуваат од луѓе кои
никогаш не сум ги познавала, со кои не сум врзала ниту 2 реда муабет. Ако
поддржуваш право на избор за одбирање партнер во животот (од ист пол)
автоматски си геј! Ако не си религиозен, автоматски си раскалашена личност која
не бира начини и средства да дојде до својата цел. Ако си самохрана мајка, одма
одиш во колоната „ороспија“, а ако си ја почитуваш и сакаш сопругата тогаш си
папучар.
И искрено да ви кажам, имало времиња кога ме погодувале сите овие работи. Сега само можат да ме разбеснат и да си го пуштам перото да се пресмета со она што ми буди гнев. Одејќи подалеку, најчесто сите оние кои имаат време (од кај ли го наоѓаат само да ми е да знам, оти мене ми фалат барем уште 5 часа во денот за да завршам сѐ што имам наумено) ич не си ја гледаат чергата и ѓубрето кое им се збрало низ годините. Жестоките поборници на хетеросексуалноста не се лишат себе од гледање порно клипови со две жени, а оние кои те распнуваат на крст ако не се прекрстиш три пати покрај црква не живеат по ниту една божја заповед. Од каде ли си го земате правото да судите?
Зарем немате попаметна работа во животот? Најдете хоби, плетете, везете, играјте јамб! Не мора да си ја одмивате устата со туѓи животи кои ама баш немаат никаква врска со она што вие го живеете.
Деновиве јавноста се „испопотресе“ за еден развод на две познати личности кои се успешни секој во она што го работи. Дегутантноста отиде дотаму што стана збор и за тоа како ќе ги делеле парите. А сето тоа обвиткано во лажно сочувство и жал заради распадот на бракот. Сум била таму и верувајте дека во тие моменти единствено семејството и пријателите се она што им е потребно на засегнатите страни. Ставањето под микроскоп сосе валканици од типот дали ќе останат пријатели или дали се следат на инстаграм или фејсбук нема ама баш никаква важност за оние кои донеле (тешка) одлука да се разделат. Побогу, па една врска од шест месеци ќе заврши па се чувствуваме како воз да нѐ прегазил, а не брак кој траел деценија или децении. Малку почит кон приватноста или јок?!
И она што најмногу ме разгневува и згрозува е дека кога Митра (името е случајно одбрано, нека не ми се лутат Митрите) од соседниот влез се разведува, за тоа знаат 3 околни згради. Ама кога се разведуваат познати личности, е тоа е веќе десерт за ненаситните љубопитни очи и уши.
Редовно си ги перете чергите? Убаво ви е кога со кафенце и цигарче распнувате некого? А дали ќе ви е така финко ако вашиот живот се развлечкува по медиуми? На пример јавно да се кажува дали имате долгови и кредити, со кого вашиот сопруг или сопруга има фискултура кога ве лаже дека е на пат, шопинг, часови по јога? Убаво ќе ви биде сето тоа да остане засекогаш запишано на интернет и дека само со куцкање на вашето име и презиме дури и вашите внуци ќе можат да читаат пикантерии од вашиот живот и после неколку десетина години? М? Не е баш ок, нели? Не е баш фино да се најдете под окото на јавноста и да бидете ставени под микроскоп за да сте нечија разонода.
“Секој маж кој е успешен во својот бизнис е криминалец.”
“Секоја жена која е мажена за успешен маж е со него од интерес.”
“Секоја жена која води сметка за својот изглед е спонзоруша.”
“Секој оној кој ја кажува вистината мора нешто да крие.”
“Секоја успешна жена стасала до позиција преку кревет.”
Во животот научив една многу важна лекција, а тоа е по онаа охридската дека “сѐ шо су рекла, по врат су јала”. Дури и лоша мисла се враќа, а не па збор или дело. Сега сте од оваа страна на приказната, будно следејќи дали ќе има скандали. А што ако се најдете од другата страна? Усул малку. Усул и почит. Мислам дека е тоа нешто што секој од нас го може. Приватноста е нешто што никој не смее да го чачка и плука. Светиња! Приватноста не џабе се вика така. Тоа е оној дел од нашиот живот во кој пристап имаат само оние кои се најблиски. Она што сакам да го делам со јавноста, го делам. Она што е мое, сакам да остане само мое. Можам да кажам пример од мојот живот за да помогнам, да споделам состојба или мисла. Ама да џвакам и преџвакувам нечиј живот ми е одвратна и опасна занимација.
Штетата која може да се нанесе од рекла-казала е огромна. Таа штета не ја засегнува само личноста кон која е наменето она рекла-казала, туку и на нивното семејство, а најмногу децата. Имате деца околу вас. Ако не ваши, тогаш на браќа, сестри, пријатели. сигурно дека не сакате да ги видите повредени или истрауматизирани од приказните за нивните родители. И знам дека многумина не се сложуваат со мене. Знам дека мислите дека секој што некако е јавна личност ви “должи” да ве пушти во својот кревет за да видите со кого го дели, да му се прошетате низ куќа, да го знаете како да сте најдобри пријатели. И пак ќе речам, тргнете од себе. Сакате да ви влезе некој дома и да ви ровари по домот и животот? Или само тогаш го признавате њушкањето по туѓите животи за ерес?
Бидете луѓе!
Бидете онакви какви што сакате да се другите со вас. Грев е да дотурате масло на веќе разгорен оган во нечија душа. Олабавете, не само заради другите туку и заради себе. Не дај Боже еден ден да читате или слушате простотилаци за оние за кои најмногу ве боли.
Животот е маратон, трчајте полека и со ум, а попатно тресете си ги чергите одвреме навреме, нема да ви штети!
За Женски
Магазин, Ана Бунтеска
Да си гледаш чергата чупе
И под неа ѓубре да не збираш
Метла купи си
Од оние старите
Со долга дрвена дршка
И ако те бива ем ќе зачистиш
Ем ќе си се кикотиш на своја сметка
Оти и да леташ на неа можиш
Остај ги модерниве машини
Демек смукале прашина ко душа да смукаат
Та ги гледам по телевизиине
Како за пет минути се’ можело да светни
Ти метла да си земиш!
И по дома со неа да чистиш
И во себе некојпат
Околу себе ко ќе треба
Оти ѓубре и во тебе и околу тебе се збира
Ете така да си знајш
Чоек ко си чисти редовно в куќа и пред порта
Нема време со туѓото ѓубре да си ги валка рацете
Не биди љубопитна да ѕирниш кај комшиите
Или не дај Боже кај нив да сакаш да заметиш
Ете зато во секој дом мора метла да има
Оти секој знај ум да дава секому
Та вака требало да се кажи
Та онака требало да се напрај
А да ги потпрашаш
Никој кај себе не си чисти ко шо треба
Ќе изнапикаат се’ и сешто под ќилими
Ќошојте полни лоши мисли
Во плакарите сеништа од минатото
Ама сите паметни кај другите како треба
Не туку ме гледај така и ум бери
Метлата в раце
Шо почесто, то поубо за тебе
Мрза да не бидиш
И да видиш како ќе засветиш
И ти
А и куќата ќе си ја спастриш
Она шо мака на срцето ти прај
И на градите ми ти тежи
Со метла да го подбериш
И одма в канта да го фрлиш
И не туку се пули во туѓото ѓубре
Ниту таму работа имаш
Ниту да даваш твоето друг да го чисти
Засукај ракајте
Спастри косата и почни
Првото чистење е најтешко
И најдолго трае
Ама па ако си мудра
Секое следно полесно и пократко ќе е
И на душичето леко ќе ми ти стани
Туку вие младите неќите така
Вие сакате се’ ко мачката со опашката да прајте
Вклучи струјата и ајт
Набрзина се’ ќе се зачистело
А ништо на овој век шо е брзо не е арно
Зато и животот така ви минва
Брзај ваму
Да стасаш онаму
Ко муви без глај трчате
Да не се знаело како метла в раце се држи
Демек модерни а ваму несреќни
Чергите да си ги гледате
И нозете да ги пружите толку
Колку што чергите долги ви се
Ни појќе ни помалку
Без да аздисувате метлите в раце да ги фатите
И душите да си ги заметите
Ако сакате со лезет и убост живот да врвите