ХАЗАРДЕН ВОЗДУХ ВО МАКЕДОНИЈА: Пациентите со белодробни заболувања добро знаат што е глад за воздух вели д-р Арбутина
Кавадарци и Струмица синоќа беа на врвот на листата на најзагадени градови во Европа, со измерени 364 ПМ 2,5 честички во Кавадарци, односно 323 ПМ 2,5 во Струмица, според Real-time аir Quality Index (AQI). Воздухот според овие параметри е хазарден. Но ништо подобри не беа ниту ниту Велес и Битола, како и повеќе скопски населби, особено Лисиче, каде што во описот за квалитетот на воздухот беше наведено многу нездраво. Во разговор за Фактор, д-р Сузана Арбутина, специјалист пилмолог од Клиниката за пулмологија и алергологија, вели дека иако чистиот воздух е основно човеково право, сепак, загадувањето продолжува да претставува значајна закана за луѓето ширум светот - тоа е најголемата еколошка закана за здравјето и водечка причина за незаразни болести.
- Загадувањето на воздухот во градовите е секогаш актуелно прашање имајќи предвид дека голем број различни извори на загадување се концентрирани на релативно мала област: извори на енергија, сообраќај и индустрија, така што воздухот содржи примарни загадувачи: сулфур диоксид, азотни оксиди, јаглерод моноксид и честички саѓи, како и специфични загадувачи во зависност од индустриските објекти во даденото подрачје. Во текот на зимските месеци се забележуваат значително повисоки концентрации на сулфур диоксид и саѓи, што е резултат на зголемената потрошувачка на енергија, односно употребата на неквалитетен јаглен. Во Европа, загадениот воздух предизвикува околу 400.000 предвремени смртни случаи, проценува Европската агенција за животна средина. 9 од 10 луѓе во светот дишат загаден воздух според стандардите на СЗО, вели д-р Арбурина.