И за љубов треба да те бива
Многу е важно да си знае човек за што го бива во
животот, а уште поважно е да знае за што не го бива. Тоа му доаѓа слично на она
дека колку што треба да знаете што сакате, толку треба да знаете и што не
сакате, оти најчесто од таквите неукости после си патиме. Колку често ви се
случувало да ви бидат сервирани пред нос разни блуеници, сеедно дали биле од
родители, партнер, колеги, деца и тоа само затоа што не сте им ги покажале
границите? Да не се знае да се каже НЕ и НЕ САКАМ, е со знак равенство до
големи нервози. Другиот проблем бил дека ни било срам да кажеме НЕ или НЕ
САКАМ, оти по некои си таму критериуми е непристојно. Домашното воспитување кое
подразбирало дека треба да се води енормна грижа за тоа што ќе кажат другите,
сме го почувствувале сите. Тоа ви се оние состојби како правење атер или чест
на луѓе кои ама ич не заслужиле, или кога од дома ве терале пред гости да
кажете песничка, па дури и дека треба да го контролирате тонот кога се
расправате оти комшиите можат сешто да си помислат. Како стареам, од срамови
признавам само срам од крадење и лажење, толку. Не можам да се помирам оти
скоро сите рецепти за спокојно живеење и добро ментално здравје, доаѓаат
подоцна во животот кога веќе спокојот и здравјето се дискутабилни.
Се фаќам себеси како некои работи за кои вака разговарам со вас, ми биле познати од минатото. Не дека сега нагло доживувам откровение, туку сфаќам дека порано прагот на толеранција ми бил многу поголем. Не дека нервите ми се оттогаш истенчени (барем не премногу), туку сум можела многу поедноставно и полесно да излезам на крај со работите кои не ми се допаѓале. “Нема везе”, “Одбиј на глупост”, “Не фаќај кусур” се изрази кои се меч со две острици. Од една страна, ослободува од моменталниот бес, но, од друга страна за луѓето-ѓонови ова е само дозвола дека можат да ви се качуваат на глава и да кампуваат таму. Мене повеќе не ме бива за толерирање гом*еници. Толку, завршив со тој спорт и немам намера да се враќам назад. Еднаш ви кажав дека ако за нешто многу си го сакам климаксот, тоа е дека не само што не трпам никого и ништо што не ми се допаѓа, туку немам ни грижа на совест и ич не се осеќам лошо заради тоа. Почнав околу себе да ги ценам луѓето кои ги бива за љубов и кои знаат како да љубат.
Да, токму така...за љубов треба човек да го бива и тоа многу. И не е само романтичната љубов тука во прашање, туку и општо земено, човечка љубов. Сум љубела и ме љубеле, сум повредила и ме повредиле. Не дека сме сакале намерно едни со други да се искасапиме по душите, туку едноставно се случило. Дури и со пријателите некогаш доаѓате во ситуација кога сте биле повредени или сте забележале дека сте ја утнале работата. Но, во сите тие недоразбирања, дали со партнери или пријатели, најважно е дали оној наспроти вас е кадарен да љуби или не. И кога веќе зборуваме за љубењето, нема универзален начин како се прави тоа. На времето бев затрескана во еден дечко кој исто така (од само нему познати причини) беше затрескан во мене. Ама, не одеше...врската едноставно не ни одеше. Имавме ист вкус за хумор, физички се привлекувавме, имавме теми за муабет, ама бевме толку многу различни во манифестирањето на љубовта, што не функциониравме. Таму каде што тој беше воздржан сакајќи да ми остави простор да дишам (ме знаеше подобро од јас себе што се знаев во тој период) мене ми беше тоа знак дека не ме сака. Таму каде што јас бев експлозивна во манифестирање емоции, тој имаше уплав дека сум непредвидлива. Се’ на се’, на сета наша привлечност и огромна желба да сме заедно, не беше возможно. Се разделивме пријателски и долго време мислев дека тоа што го имавме беше повеќе желба да се прикаже како љубов, а не вистинска љубов.
Од оваа временска дистанца која е над 25 години, сега точно знам дека не сме знаеле како да се сакаме еден со друг. Не дека било кој од нас не го бивало да го љуби другиот, туку дека сме се љубеле на начин на кој ниту мене, ниту нему му бил убав.
И после Х години наеднаш ми се случува љубов која е се’, само не е убава. Го знаете измачувањето со тука е-не е тука, се јавува-не се јавува, расположен е-намќоресто ве гледа, уморен е-глави на социјални мрежи? Го знаете чувството кога ве јаде однатре дека нешто не е во ред и дека порано или подоцна ќе доживеете крах? Го знаете јадежот во утробата кога добивате само зборови и ништо повеќе? Минимум еднаш во животот секој човек го доживува ова, да си има работа со некој кој не го бива за љубов. А најчесто тие кои не ги бива за љубов, се најречити, најубедливи, најнајнај....и после се најнапорни и најтешко ги преболувате.
Отпосле направив паралела и ми светна дека момче од свои 22-23 години знаело да сака повеќе од маж на свои 50 и дека тоа што на младост ми се гледало како млакост, на овие години го доживувам поинаку.
Има една магија во љубовта која е исклучително тешко (но, не е невозможно) да се постигне. Да се љуби со спокој и воопшто, целиот однос да е спокој. На страна тоа дека сите си имаме мушички во главата и дека спокојот е потценет дури и повеќе од што е преценета љубовта полна стресови. Да го бива човек за љубов, не е дефиниција туку состојба. Таа состојба си бара да се погодат двајца кои имаат слични потреби, желби и кои имаат мудрост во себе за да знаат оти љубењето не е само збор. Таа состојба на кадарност да се љуби е кога и двајцата гледаат мнооооогу подалеку од носот и кога знаат дека од нив зависи дали љубовта ќе им дише или ќе ја угушат од љубомора, изневерување, завист.
Сите ние како деца и во адолесценција си замислуваме љубов каква што сме ја читале во книгите или сме ја гледале во мелодраматичните сцени на филмовите. Израснуваме со слики во главите дека љубовта мора да е бомбастична, да има огномет. Никој не не предупредува дека последиците од таквите љубови се скршено срце и затворање во себе, страв да се проба повторно и отпор кон врзување за некој кој може да е сродна душа.
Од искуство, сега и на ќерка ми и’ велам дека не е ич важно кој колку ќе ја сака во животот, туку е најважно како. Тоа КАКО ќе и’ покаже дали човекот наспроти неа го бива за љубов или не. Оти секако на крајот ја плаќаме цената за сите наши избори и одлуки во животот. Ако е висока, тогаш барем да вреди.
Да сте ми живи и здрави.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Убо велеше баба ми
Секој чоек за нешто го бива
Ете, некој знај од игла и конец магија да стори
Да ти извези убајни за окото да ти одмори
Да ти ја пораби со среќа душичката
Или
Некој знај со железо валцер да игра
Та го врти низ раце небаре кревка жена
И туку наеднаш некој украс домот ќе ти го стопли
Има и такви кои за месење ги бива
Та од брашно и вода чуда ќе сторат
Да ти се чини оти рајот на леб мириса
Или ене и оние кои за зборој арни се
Та од 5-6 цел свет на парче хартија ќе ти дарат
Дури да не знајш од која страна да почниш да читаш
Така велеше баба ми
Дека секој еден чоек на овој свет за нешто е роден
Дека секој го бива за нешто
И најпоќе се лутеше ко некој со магарешки инает
Ќе се запнеше за нешто шо не му лежи
И се туфкаше и уфкаше
Та напати велеше “не си ги погани рацете, не те бива”
А јас пак
Уште многу млада за да докрај разберам
А сепак доволно стара за да сетам
Еве јас велам оти во право била
Оти секој еден за нешто го бива
И оти секој треба да го најде своето штракало
За да можи себе да се внеси внатре
За да создаде свет во свет
Од убоста уште поголема убост да стори
И не
Не треба чоек да запни онаму кај шо не го бива
Та и во љубовта така некако е
Не смее чоек да запни некаде кај шо знај
Оти кадарен не е да додржи
Ниту некого да љуби и задржи
И ко веќе не те бива за некој чоек арен да си
Остај
Пушти го намира
Ослободи го
Оти голем грев ќе се стори
Оти чоек платно не е
Ниту брашно и вода
И од железо не е напраен
А најмалку од зборој
Затоа остај го ако за љубов не те бива
Ако не можиш да го љубиш и пилето в гради да му го галиш
Оти чоек платно не е...ако згрешиш, да го фрлиш
И чоек тесто не е...ако е невкусно да го плукниш
Чоек не е метал...за да го зашуткаш в шпајз ако не ти се бендиса
И писмо не е....за да го згужваш и фрлиш в оган
Зато, ако не знајш тргни се
Ако не можиш пушти го
Ако не го љубиш ослободи го
Оти секој еден за било што треба да го бива
А најмногу за љубов, најмногу...за љубов, пиле мое
Ана Бунтеска