Ги сакам летните ноќи, отсекогаш мирисале на нешто што ми е познато, а знам дека не сум го доживеала во овој живот, сега и тука. Се шетам гола низ станот, без да ги палам светилките. И онака е доволно светло од уличните сијалици. Набрзина облекувам фустан на прерамки со гол грб и ги врзувам врвците од сребрените старки. Го спуштам фустанот надолу да ми се лелеави по нозете и ги подместувам прерамките. Ја заклучувам вратата од станот со четири вртења на клучот...хах, паметам дека еднаш ме прашаа дали и срцето така сум го заклучила. Но, сега не е ниту време ниту место да разговараме за моето срце.
Ги протрчувам со леснотија сите скали надолу и излегувам надвор. Ме затега каишот од седиштето во автомобилот, прозорецот ми е отворен додека чекам на семафор да се вклучи зелено. Од некој автомобил трешти музика која некаде попатно се губи во бесниот звук на мотор кој ми застанува од мојата лева страна. Семафорот ја менува бојата и повторно сум во мојата тишина која трае кратко. Дебар маало, мојата љубов од младоста. Веројатно само со него сме си биле верни еден на друг...во срцата. Паркирам на првото слободно место и ја затворам вратата од автомобилот, додека отсутно го чешам местото на кое каишот ми остава црвенило на кожата. Мириса на ноќ во која има згуснати здивови од метежот, зеленото од дрвата и....
Седнувам. Нарачувам макијато, Џејмисон и чаша вода. Апаратот за сликање ми е на дофат, книга во ташната, лаптопот на другата столица. Можам да правам се’ што ќе ми се посака, ако ми се посака, оти ми се може да бирам да ја џвакам полека и со сласт слободата на осамата. Неколку секунди не правам ништо, освен што го подместувам грбот на столчето. Размислувам за мојата зависност од самотијата. Не, никогаш за себе не би рекла дека сум зависник од нешто. Впрочем, оние кои се контрол фрикови и немаат зависности, освен таа да го држат сиот свој живот в рака од страв да не се препуштат, на нешто или некому. Нејсе. Нема да фотографирам, нема да читам, нема ниту да пишувам. Би сакала да можам и да не размислувам, но со умов се’ уште немаме постигнато некаков солиден договор на тој план. Сакам само да гледам околу, ете тоа одбирам. Мирно ми е, ах како ми е мирно внатре. Можам да си ја почувствувам секоја клетка, секој удар на срцето, секој здив кој излегува од мене. Дишам полека додека го мешам макијатото со малото лажиче. На една од масите се нарачува нова тура додека меѓу голтките се бистри политика. Ги гледам како го тераат муабетот со некој непишан редослед на случувања, во кој се убедуваат, разубедуваат, расправаат и тоа трае колку што е потребно да се испие пивото, за да се разлади вжештувањето со нова нарачка.
На друга маса седи една девојка која разговара на телефон и чија смеа одекнува во бранови. Да, знам дека ја чека другарката и тоа не затоа што можам да и’ го слушнам муабетот на телефон, туку затоа што накај неа се затрчува задишана девојка која претходно го врзува велосипедот. Начинот на кој се прегрнуваат и започнуваат разговорот ми кажува дека се знаат одамна.
Двајца...тој малку здрвен, но со насмевка која не ја симнува. Таа е збунета, раката и’ се цело време во косата, кришум во погледнува. Прв состанок, убедена сум. Има меѓу нив јаз од тишина, но не е онаа непријатната, туку таа во која има милион прашалници. Дали му се допаѓам? Дали мисли дека сум премногу збунет? Дали да се обидам да го заведам? Дали сака срамежливи момчиња? Го тргам погледот од нив, во себе знам дека вечерва ќе биде првиот бакнеж, а тоа се’ ќе им каже и на двајцата, без да се обидуваат да протолкуваат зборови или гестикулации.
Од мојата десна страна...ах, каква приказна. Маж и жена, на некои 50-тина, некоја година повеќе или помалку. Во брак, но не еден со друг. Искрадени од дома, тој со изговор дека имаат некое собирање на другарите од средношколските денови (секако дека има скоро 0% можност жена му да дознае дека нема никакво собирање), а таа дека ќе испие едно кафе со колешките од работа. Веќе воделе љубов, им се гледа по начинот на кој се гледаат еден со друг, по аголот под кој телата им се навалуваат кога сакаат нешто да си кажат на уво. И сега, ете сега не знаат што понатаму. Ниту еден од нив нема храброст да го постави тоа прашање кое лебди меѓу нив и кое го ишкаат од страв. Не можат едноставно да ги напуштат домовите во кои им седат 20 и кусур години од животот, ниту пак можат збогум да си кажат. Уште некое време ќе поминат во оваа врска без врска, додека не сфатат дека пеколот и онака ќе мора да го минат, секој сам по дома или заедно.
Го оттурнувам филџанот со испиеното кафе. Ја гледам бојата на Џејмисонот и ја вртам чашата в раце, полека...толку полека што течноста доаѓа до ивицата на чашата а потем се враќа назад. Зад мене има само тишина. За сето ова време има тишина и нишка на парфем. Машки? Или можеби е еден од оние унисекс. Знам...знам дека е маж и му го чувствувам присуството и молкот кој е погласен од галамата на околните маси. Му го чувствувам дишењето кое ми лази по голиот грб и кој ми ја намовнува кожата. Се исправам на столицата уште повеќе. Ја почнувам играта во умов од која ми забрзува дишењето. Таа прекрасна игра која ме дразни од врвот на косата до ноктот на малиот прст на ногата.
Замисли го! Замисли го....
Висок е? Можеби е колку мене....не! висок е, ете таква слика ми се појавува во главава. Повисок е од мене барем една глава. Дали има кратка коса или подолга? Дали носи брада и мустаци или е свежо избричен? Каква му е бојата на очите, формата. Не, сепак сакам да знам каков му е погледот. Подголтнувам. Дали кога би ме гледал долго и упорно право во очи, би можел да ме натера да го свртам погледот? Дали ако би ми се приближил би ме возбудил здивот во кој знам дека ќе се чувствува алкохол и чад од цигара. Во истиот момент слушам како штрака со запалката и како гласно го испушта чадот низ уста. Повеќе ништо и никој не ме интересира. Како заматено е се’ пред мене, како на забавена снимка која нема никаква врска со мене. Сета сум накострешена...накај него, а свртена со грб кон мажот кој успева да ми гребе во умот без да изусти збор. Можеби чека некого, или некоја? Не, сепак е самотник како мене. Каков му е гласот? Дали ја има онаа рапавост и длабочина која знае да ми загребе во матката? Дали би ме натерал да го слушам со часови без воопшто да запаметам за што сме зборувале.
Вадам мастики за џвакање од ташната и на неколку пати го превиткувам хартивчето. Некогаш толку многу внимавам на неважни работи и ги правам со хируршка прецизност. Отпивам од Џејмисонот и водата, додека од чашата капат неколку капки вода кои се губат во моето деколте. Со раката поминувам по вратот и рамото.
Каква му е кожата...на допир, на вкус. Како би реагирал на едно лизнување со јазикот, толку лесно и брзо за да се двоуми и дека е вистина. Каков му е допирот...дали неговиот мирис кој се обидувам да го уловам ќе ја разбуди женката во мене која ќе посака да му остави траги од нокти на грбот. Дали тој мажјак кој зад мене ми мириса на искушение, ќе успее да ме натера да молам и да цвилам за да се зарие во мене?
Ноќта се развлекува. Се развлекуваат и сите мириси, вкусови. Од некаде дува ветар и ми носи нови мисли, нови мириси. Ја кревам главата угоре. Утре ќе е убав ден. Слушам како столчето зад мене крцка под неговата тежина. Знам дека се спрема да стане, го чувствувам. Замижувам со главата нагоре. Се смешкам со краевите на усните. Чекорот му застанува покрај мене. Ах, како го чувствувам, целосно и длабоко. Вдишувам, полека и до крај без да ги отворам очите. Тие неколку секунди е еден цел живот, негов и мој, заедно и одвоени. Како да сме биле некогаш заедно. Продолжува да чекори. Не ја симнувам насмевката и не ги отворам очите додека не му замрат чекорите...иако во сиот метеж веднаш би го нашла по мирисот. Ги кревам нозете на столчето наспроти мене. Мириса на лето, на слобода...на онаа која ти вели оти ти се може некои работи да оставиш едноставно да минат покрај тебе, без да ги погледнеш, без да знаеш дали нешто си пропуштил, без да ти е грижа дури и да е така.
Ја кревам раката...да платам, Ве молам!
Заминувам олеснета за еден сон и мозочен оргазам.