Имаме сѐ, само мир во душите не: Интервју со Горан Величковски

Добивај вести на Viber

Хумор во Македонија има на секој чекор. Понекогаш се случуваат толку смешки во текот на денот што ме фаќа криза па си велам- и јас демек сум знаел да пишувам, па види бре човече што они сѐ денеска направија, раскажува Величковски 

Емисијата „Зевзекманија“ е едно од последните упоришта на здравиот хумор и можност да им се насмееме и на недопирливите. Нјезиниот идеен творец, Горан Величковски, кој го паметам како еден од најдобрите студенти по новинарство во геренарцијата, својата новинарска кариера со години ја градеше преку уредување вести и дебатни емисии. Без никаква најава, на големо чудење на неговите колеги и публиката, тој одненадеж конвертираше во зевзек. За мотивите за ова чудесно патешествие раскажува самиот.

* Како се роди „Зевзекманија?

- „Зевзекманија“ почна пред 15 години. На почетокот тоа беше емисија која третираше граѓански теми, снимавме репортажи, интервјуа со непознати ликови кои имаа што да кажат, ги третиравме секојдневните комунални и егзистенцијални проблеми на граѓаните. Со текот на времето, екипата се зголеми, прв дојде Горан Јовановски, потоа Горан Ѓуровски, Јован Ѓорѓиевски, ни се приклучи Оле Поцкова, од пред неколку месеци и Игор Стојанов. И така, емисијата си доби нов лик, па сега имаме мал „драмски“ дел, а во втората половина се темите од нашето јуначко секојдневие. Значи, емисијата се развиваше, но во суштина главната идеја е да се опише нашата реалност, се разбира преку субјективниот фокус на екипата, што значи дека не тврдиме дека сме секогаш и за сѐ во право. 

* Како на вашите шеги реагираат политичарите?

- Немаме лоши искуства и тоа го гледаме од прва, бидејќи постојано снимаме на терен така што многу често се среќаваме со нив. Обично се насмеани и добронамерни. Знаат да кажат - ме закачивте минатата недела, ама ако де... Фактички кутрињата си лааат, а карванот си врви, па генерално сите си се смееме. Граѓаните и пред десет години и сега знаат да изреагираат и да кажат - а бе власта ја критикувате три пати повеќе од опозицијата. Така е, ама власта влече потези, а опозицијата е споредна и логично е власта да биде во главната улога.

* Со години беше новинар, уредник на вести, но секогаш се обидуваше да внесеш зрнце хумор во секоја ситуација како онаа кога среде вести извади лубеница. Што те движи - лутината, револтот или напротив сочувството, потребата да се погледне од ракурсот на помалку моќните, на обичниот човек?

- На вести во „Канал5“ работев од 2002 г. до 2004 г. со еден неверојатно убав и инспиративен тим. Тоа беа дваесеттина млади луѓе вљубени во новинарството и желни за вистина. Во соработка со нив изведувавме разноразни „лудости“ како правење скара за Први мај додека водев вести, мафтање со знаме за 8 септември, играње фудбал на денот кога почна Светското првенство во фудбал, плетење џемпер како илустрација на вест за една австралиска пратеничка која на седници си плетеше, возење велосипед во студио додека гостинката зборуваше за тоа колку е важно да се движиме во животот итн. Јас мислам дека вестите не смеат да бидат здодевни и стерилни, мора да има мал театар за да се привлече вниманието на гледачот. Од тој период најдобар комплимент ми е информацијата дека во населбата Ченто имало друштво од пет - шест комшии кои си правеле салата и дрмале ракија додека ги гледале вестите во понеделник. Дел од колегите во тоа време ме нарекуваа кловн, но јас сѐ уште стојам на ставот дека повеќето од гледачите сакаат да добијат вест обработена на интересен и некласичен начин. 

* Како од сериозен новинар стана зевзек?

- По завршувањето на епизодата со вестите, водев една емисија за нашата православна вера, емисијата се викаше „Вера, надеж, љубов“, а потоа дојде „Зевзекманија“. Никогаш не сум се трудел да бидам сериозен новинар, исто како што и сега не се трудам да бидам зевзек. Едноставно, работам и се соживувам со тоа, најважно од сѐ ми е да имам што да кажам и да имам публика што ќе сака да го чуе тоа. А дали некој е сериозен или несериозен најмалку е важно, најбитни се гледачите кои или не сакаат или не исклучуваат. 

* Колку хуморот ни е потребен токму во тешки ситуации и дали успеавме да го сочуваме?

- Хумор во Македонија има на секој чекор. Понекогаш се случуваат толку смешки во текот на денот што ме фаќа криза па си велам - и јас демек сум знаел да пишувам, па види бре човече што они сѐ  денеска направија. Опозиција, влада, парламент, на улица, на фејсбук, на твитер, па тоа секаде хумор, вицови, смешни политики, изјави, навреди, смешни фотографии. Затоа велам, хумор на секој чекор, цинизам уште повеќе, сарказам во изобилие, критицизам од секое ќоше. Сѐ  има, само мир нема. Мир во душите. 

* Позната е онаа македонска завидливост, деструктивност. Па дали зевзек на зевзек му е волк?

- Зевзек значи шегобиец, ама и глупчо. Не мислам дека сме нешто позлобни и позавидливи од другите народи, ние сме си тоа што сме си - самозаљубени типчиња кои себе се доживуваат како гостопримливи домаќини, чесни патриоти, мудри Словени со  антички примеси, народ на кој цел свет му завидува. Фактички, волците од надвор сакаат да нѐ изедат, ама ние нешто не им се даваме. А што се однесува до внатрешното трло, тука сме како распашана војска што ја изгубила битката, па се враќа во крчма за да се опие и да го заборави поразот. Секој тера по свое, инаетот е најважен, агресија, жени качени по шанкови, мажи немоќни, некој чуден свет што од година во година се менува, а јас сѐ  помалку можам да го разберам. Да не мудрувам, ама светот најверојатно си е супер, јас сум одртавел и тешко капирам промени. 

* Семеен човек си. Што му се случува на семејството во Македонија во 21 век?

- Нема дами, нема господа, нема женственост, нема маженственост, нема правила на игра, има само многу егоцентризам. Жениве решиле да бидат вечно млади, па на педсет стануваат побесни од своите ќерки и живеат втор пубертет. Мажите трчаат по туѓо, своето не ги интересира, фарбаат коси, креваат раце од дома и љокаат по кафани. Христијанската ука вели - жената да му се покори на мажот што значи да биде како срна, а мажот да ја сака жената своја повеќе и од себе, што значи бескрајна љубов, нежност и собрачност. Што имаме од тоа денеска во нашите семејства? Сепак би го завршил овој дел оптимиситички - сега е добро.. За десет години ќе биде дамбетер. 

* Како го поминуваш слободното време?

- Секој викенд сум во Коштан. Тоа е викенд населба до селото Горно Соње, на седум километри од Кисела вода. Славеи, чист воздух, работа по цел ден, вино, салата од зелка, може и шопска, по некое мевце, ако има и грав, па пак работа, може и шетање со кучката Хана која е бремена, играње баскет, фудбал на мали голчиња, пинг- понг, бадминтон... Соње е рајот, таму ѕвездите се блиску, Господ на секој чекор се преобразил во некоја убавина, тишината одмара, нема „мрчење“ и занесување. Таму сум работник кој мириса на пот, си ги сака плускавците на рацете и еден ден планира да чува кози со можност за производство на сирење и урда. 

* На што би сакал да ги научиш своите деца?

- Иван има 25 години, Нина 19 и реално ако зборуваме, тие ме подучуваат за животот бидејќи повеќе го разбираат од мене. Понекогаш се преиспитувам дали и каде згрешив во воспитувањето кон нив, но тоа си е наша работа за која верувам дека ќе ми простат. Би сакал да останат овде, да се вдомат и да најдат партнери со кои ќе имаат убав живот. Единственото нешто што би ги замолил е да не излегуваат преку зима со мокра коса т.е. прво да се исфенираат.

Мимоза Петревска Георигева