Инфлуенсер (да се биде или не)

Добивај вести на Viber

Можете да замислите како ни беше нам, родените во ’70-тите години од минатиот век кога се судривме со новите трендови кои (сакале или не) си ги носат генерациите кои дојдоа после нас. Во времето кое беше мое, врв на новотои модерното беше MTV каде што за првпат видов што значи спот. Да, секако дека од денешен аспект ова што го зборувам е во најмала рака смешно кога на секој чекор имате лајвови, риалс и еден куп други дрангулии на кои веројатно не им го знам ни името. Туку, среќа што имам дете тинејџер па сакала или не, слушам изрази и нешто поднаучувам попатно. Еве, пред година-две ќерка ми ми одржа една тура низ интернетот каде што се изнагледав видеа на кои се произведуваат звуци кои (демек) заспивале. Тие да ти се викале ASMR (autonomous sensory meridian response) што би значело дека се стимулации кои предизвикуваат опуштање. Лично, од она што го чув ми стана јасно дека сум дааааааалеку од светот во кој туѓото куцкање со нокти по микрофонот или нејасно шепотење ќе ми е тригер за заспивање. Нејсе, оваа интернет експанзија која ми ги отвори вратите на незамисливото ми е доживување како на Алиса во земјата на чудата.

И кога ќе ми текне со каква возбуда го чекав спотот за песнатана Sinead O'Connor - Nothing Compares 2 U, па како подзината ги гледав “скандалозните” спотови на Madonna

(што од сексуален, што од верски карактер) се чувствувам како да сум дојдена од друга планета. Сега, “нема што нема” особено што скоро се’ е на дофат на рака од аспект на достапност. Два клика и гледате не само што било популарно пред 20, 30 или 40 години туку сте сведоци и на тоа што се случува во моментот на музичката и филмската сцена. Netflix стана потреба за филмоманите. Треба ли да ви кажувам оти порано имаше само неколку канали и дека вистинска ментална закуска беше кога се даваа филмови. Потоа со видеотеките сите станавме зависници од видео касетите (паметам дека добар дел од парите ми одеа на филмови). И да не се разбереме погрешно дека само нешто мрчам со “моето перфектно време”, оти не ми е поентата во тоа. Јас го обожувам овој просветлувачки миг кој ми го подари технологијата. Да седам некаде со лаптоп и да пишувам, да имам можност да слушам што ќе ми се сака (оти ми се може), да гледам филмови не само во тренд и нови, туку да се вратам наназад и до Who's Afraid of Virginia Woolf? ми е ептен КУЛ (да се изразам со речникот на Нина).

И секако, новите времиња, новите трендови и новите генерации си повлекоа со себе и нови видови професии и начини на заработување. Инфлуенсерството (кое во слободен превод би било: влијание врз јавноста) стана една многу профитабилна професија. За жал, далеку се нашите можности и заработувачки од оваа професија за разлика од тие на инфлуенсерите од странство (останав подзината од тоа какви износи се спомнуваа).  И нормално, како и во секоја професија имате успешни, помалку успешни и неуспешни инфлуенсери. На пример, од оние малку инфлуенсери кои ги следам на Инстаграм, точно знам кого ќе послушам ако е во прашање облека, храна, место за одмор или накит и што е најважно, нема промашување. Точно знам кој од инфлуенсерите рекламира нешто колку да помине од редот и да си стави пари в џеб, а кој навистина ги користи производите што ги рекламира. И да не споменувам имиња, знаете веќе која жена за мене е врв во инфлуенсерството во Македонија. И не затоа што ја знам лично или не, не затоа што ми е симпатична и “wow”, туку оти ми е реална и оти од нејзината (сосем заслужена) самоувереност точно знам дека не застанува зад шогоде. И секако, тука ќе застанам оти не ми е целта да зборуваме за неа, туку за професијата која е се’ повеќе ценета и платена, но и за фактот дека не е секој кадарен да ја работи.

Значи, за да работите нешто успешно треба да сте 100% влезени во тоа. Приметив дека има два вида инфлуенсери кај нас. Првите (кои остануваат) не се разводнуваат со прифаќање на еднократни понуди колку да се каже дека изрекламирале нешто, туку мудро ги одбираат компаниите зад кои застануваат. Така, се гради еден подлабок однос меѓу инфлуенсерот и компанијата од кој и двете страни се задоволни. Понатаму, многу е важно што ќе се одбере за да се рекламира. Не може да рекламирам шминка, а сите да знаете дека не се шминкам, или да ви зборувам за нокти а на ниту една фотка да немам дури ни лак за нокти ставено. За вториот вид инфлуенсери и да не зборувам, нема потреба. Само ќе кажам дека секогаш е очигледно како си го побиваат она што го рекламираат, од што повеќе се заинтересирани за кратко блеснување, отколку за долгорочно светење (пусто, никако не се научија луѓето оти лесна пара НЕМА).

И на крај, најважното...како се задржува позицијата на инфлуенсер.

Моќта која ја има инфлуенсерот, секогаш е меч со две острици. Публиката е немилосрдна и точно знае кога да погали, а кога да влепи шамар. Никогаш, ама никогаш не го потценувајте мислењето на публиката. Едно е да си го терате животот онака како што сакате, а сосем друго е кога јавноста има увид во тоа што го работите како професија. Професионалното однесување подразбира ладна глава и мудрост секогаш да се дочекате на нозе, однос кон публиката кој е полн почит, его сведено на минимум но сепак да не се дозволи да ви качат луѓето на глава. Ете, заради сето ова кое е нималку лесно за жонглирање, следам малкумина кои важат за инфлуенсери (во делот на маркетинг стратегијата).Она што го приметив е дека за неискусните, да се влијае врз мислењето на јавноста е пфффффффффф, лесна работа. Потценувањето на следачите е првиот чекор кон одење удолу. Не можете да продавате вредности со јадење гурабии за другите, оти нема да ви донесе леб. Кариера не се гради со уништување на нечие достоинство, живот, углед, туку со макотрпна работа. Не е етерот создаден за да гледаме како луѓето се спрдачат едни со други и како се потсмеваат или закануваат. Ако веќе ве следи голема бројка на луѓе, имате обврска кон нив да го дадете најдоброто од себе и да ја оправдате таа доверба. Ако не сте кадарни за тоа, најдете друга професија. Ако мислите дека со “хахаха” и “хихихи” за нечиј стил, начин на живот или изразување ќе опстанете долгорочно како инфлуенсери, се лажете. Пак ќе речам, публиката не сака такви блуеници, барем не на долг рок.  

Освен инфлуенсерите кои се всушност дел од маркетинг политиката на одредени компании, само збор-два и за луѓето кои влијаат врз општеството од еден друг, помалку гламурозен, но исклучително хуман агол. Тоа се луѓето кои влијаат врз нашата свест и совест, кои не’ размрдуваат и ни покажуваат како треба, притоа водејќи брутални битки секој ден. Тоа се луѓе кои можеби и немаат неколку десетина илјади следбеници, но кои прават реални и очигледни промени во општеството.

Мојот длабок поклон за Кристина Арнаудова и нејзиниот Проект Среќа, Дороти Пачкова со One Can, Борче Стаменов со Донирај компјутер, Денис Јанкуловски (Космонаутко) со неговите заложби за зголемување на свеста за лицата со нетипичен развој. Ги има уште и се надевам дека ќе ги има и повеќе во иднина. Овие луѓе, кои секојдневно се обидуваат да ја подобрат реалноста и да овозможат достоинствен живот за луѓето кои немаат или имаат помалку од другите, луѓето кои се дискриминирани или загрозени, се инфлуенсери кои прават тектонски промени од кои сите треба по нешто да научиме.

И кога веќе повлекувам една црта...знам само дека биле инфлуенсери или не (што и да значи поимот), секој од нас има задача и обврска да се обиде да го направи светот поубаво место за живеење.  Колку ќе ни успее, некогаш зависи од тоа колку сме свесни дека во суштина ѕвезди има само на небото и дека секој пат кога се ставаме себе над другите, одиме еден чекор наназад. И да, да се биде добар човек во овие времиња е најтешко и најмакотрпно...ама наградата е најголема, спокој и љубов.

Да сте ми живи и здрави.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска


Ако на чоека немаш нешто убо да му кажиш

Молчи си пиле и не си ја погани устата

Оти чоек сам знај за шо арен не е

И не му треба твојот отров за да го дотепа

Кажи му ја убајната во него

Погали му ја со збор душата

Јазикот да ти биди ко да си го гушнал

Со милост во очите кажи му збор-два

Ама убај да се

Да бидат миризливи ко на доенче здивот

И чисти ко детска игра

Нека бидат невини ко млада невеста

И мудри ко стар чоек

Гали го чоек

Кажи му го убото во него

Оти некогаш оќоруваме

Некогаш, ете така низ животот ослепуваме

Та сами себе не можиме да се видиме

И троа лоши стануваме

Троа полни нетрпение и нервоза

Пиле

На таквите луѓа нешто убо да им кажиш

Оти подзаборајле

Та потсети ги на чоештината

Покажи им ја љубовта

Во твоите очи себе да се видат како во огледало

За да можат да се засакаат

За да можат глата да ја кренат

Над сите јадови да се исправат

И чекорот посигурен да им е

Да знаат оти сами не се

Оти уште некој љубов во срцето за нив има

И ќе видиш

Ех пиле, ќе видиш како ликот им се менви

Како ќе засветат

Како од милост и боја во образите ќе им се врати

И грбот како кроце им се исправа

Та смеата ѕвонлива им станува

Како од болест да оздравеле

А несреќата и тагата болест се

Зато

Ете зато треба чоек со чоек да се чува

И со убост да се гоштева

Со збор и рака подадена

Ама не за да турни и навреди

Туку да го избавиш чоек некогаш од сам себе

Како што некој некогаш и тебе од себе ќе те спаси

Гали ги луѓето

Гали и сакај ги

Оти векот тука на сите ни е краток

А часот дур да дојди, чоек биди

И памти ми ги зборојте

Молчи пиле, молчи и врви си по патот

само молчи и устата не погани ја

ако на чоек немаш ништо убо да му кажиш