Интервју со Маја Велковска, нутриционист: Избалансираната исхрана има клучна улога за целокупното здравје
Со нутриционистката Маја Велковска, зборуваме за исхраната и нејзината клучна улога за целокупното здравје - која е разликата помеѓу диетите и здравата исхрана, која храна треба секојдневно да ја внесуваме и како да дојдеме до балансиран живот преку балансирана исхрана.
Колкаво е влијанието на балансираната исхрана врз општата психофизичка состојба?
•Здравата и избалансирана исхрана има големо влијание врз целокупното наше здравје, како физичко така и ментално, што е веќе докажано и покажано со многубројни студии. Балансираната исхрана ни е потребна за да можеме преку неа да ги внесеме сите макро и микронутриенти коишто му се потребни на нашето тело, за тоа да функционира оптимално и да не страда од одредени нутритивни дефицити. А секогаш кога телото се соочува со некој дефицит, тоа страда и одредени нешта не може да се одвиваат онака како што треба да се одвиваат. Се надевам дека од ова ни е јасно колку е клучна улогата што избалансираната исхрана ја има за нашето целокупно здравје.
Како да се дојде до балансиран живот и што точно значи тоа?
•За мене тоа значи да се биде умерен во сè што влијае позитивно на нашето здравје и да се избегнува сè што влијае негативно на нашето здравје. Сметам дека начинот на кој може да се дојде до тоа е различен за секого, прилагоден на неговиот начин на живот и активности во текот на денот. Но еве нешто што е возможно за сите, секој да се обиде да си воведе барем една одржлива и здрава навика во исхраната или во начинот на живот, којашто ќе ја практикува редовно.
Која е разликата меѓу диетите наменети за слабеење и здравата исхрана? Што се добива со едното а што со другото?
•Диетите наменети за слабеење со фокусираат само на калорискиот внес, т.е. на калориската рестрикција, додека здравата исхрана се фокусира на тоа да се внесат квалитетни калории, т.е. калории кои доаѓаат со доста корисни нутриенти. Класичните диети за слабеење, кои не ставаат акцент на здрави намирници, се рецепт за како да се дојде до макро и микронутритивни дефицити, ако се практикуваат подолго време. Со здравата и избалансирана исхрана, добивате не само постепено постигнување на нормална телесна маса, туку позитивно влијаете и на вашето здравје, се чувствувате подобро, поенергично и телото не „гладува“ за нутриенти.
За која храна може да се каже дека е задолжителна или неопходна за секојдневно да се консумира?
•Свежи овошја и зеленчуци, нерафинирани житарки, извори на здрави масти кои можат да се најдат во разни семиња, јатки, како нерафинирани масла, потоа протеини, кои може да бидат, подеднакво и од растително и од животинско потекло и на крај многу важното, извори на пробиотици. Нив ги примаме преку ферментирани растителни производи и ферментирани млечни производи, како што е јогуртот Баланс+, со чиешто консумирање се снабдуваме и со пробиотици и со пребиотици. Едните се таканаречени „добри бактерии“ а другите, пребиотиците, се храна за првите и на тој начин се поттикнува создавањето на добрите бактерии во организмот.
Каков треба да биде соодносот на внесувањето протеини, јаглехидрати и масти? Како овие состојки влијаат врз организмот и што треба да се внесува повеќе, а што помалку?
•За здрава популација сè уште важат препораките дека 45 до 65% од калориите треба да доаѓаат од јаглехидрати, 20-35% од калориите треба да доаѓаат од масти и од 10 до 35% треба да доаѓаат од протеини. Секој макронутриент си има своја функција, јаглехидратите во главно служат како брз извор на енергија, мастите се складишна форма на енергијата, а се составен дел и од клетките, од некои хормони и други соединенија, ја помагаат апсорпцијата на некои витамини, протеините се градбени единици на нашите клетки и ткива, учествуваат во регенерација на оштетените делови од телото, дел се и од антителата на имуниот систем итн. Сите нутриенти се подеднакво важни, бидејќи едното не може да го замени другото и за оптимална функција на телото, потребно е да се внесува сè, во доволни и соодветни количини.