Интервју со оскаровецот Роџер Дикинс: Ѝ симнувам капа на битолската публика
Оскар, 115 светски филмски награди и 148 номинации, се само дел од признанијата кој светски познатиот оскаровец Роџер Дикинс ги доби за својата работа, а на фестивалот во Битола додаде уште едно - специјалната Златна камера 300 за животно дело.
Британскиот оскаровец Роџер Дикинс, кинематографер на
култните филмови „Бегство од Шошенк", „Фарго", „Човекот кој не беше
таму" и „Нема земја за стари луѓе", познат по соработката со браќата
Коен, е лауреатот на „Златна камера 300" за животно дело на 39.
Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки" кој од 22-ри до 29
септември се одржува во Битола. Во Македонија пристигна заедно со сопругата Џејмс Елис Дикинс, исто така филмски професионалец.
Во неговата плодна кариера се издвојуваат два
периода. Британскиот, од средината на 1970-тите години кога снима филмови во
кинематорафијата на својата земја, најмногу со режисерот Мајкл Редфорд, како и со
Мајк Фиџис и Алекс Кокс. Вториот
период е американскиот, од 1990 година, кога со режисерот Боб Рејфелсон го снима својот прв американски филм „Планини на
Месечината“. Следната година го сними првиот филм на браќата Џоел и Итан
Коен - „Бартон Финк“ со кои изгради плодна соработка, станувајќи
нивни партнер-кинематографер и ги сними сите нивни филмови од кои
добива и најмногу (пет) од вкупно 13-те номинации за оскар.
Дикинс конечно стана заслужен освојувач на
Оскарот за креацијата во сега веќе новото антологиско дело од неговата богата ризница -
„Blade Runner 2049“, филм креиран во соработка со канадскиот режисер Дени
Вилнев, со кого претходно ги имаше и одличните остварувања „Сикарио“ и „Затвореници“.
* Битола со нетрпение го очекуваше Вашето
присуство тука. Што наградата за животно дело значи за Вас?
- Почестен сум затоа што се работи за фестивал со
долгогодишна традиција. Како што реков на сцена мојата работа трае 39
години колку досегашните изданија на фестивалот. Иако наградата е за
животно дело, тука не престанува мојата работа.
* Како
започна цела таа филмска приказна, љубовта кон кинематографијата, кон фотографијата пред се?
- Го сакав филмот уште како дете, но никогаш
не замислував дека ќе бидам дел од филмската индустрија.
Бев на уметнички колеџ, ја сакав фотографијата и
сакав да бидам фотограф. Еден пријател ми кажа за Националната Филмска школа во Лондон, па станав студент и таму. Пред да започнам со снимање
играни филмови, снимав документарци.
* После 13
номинации го добивте Оскарот оваа година, за филмот кој битолската публика имаше можност да го погледне на свеченото
отварање на Манаки- Blade Runner односно Истребувач. Какво беше чувството
кога конечно го имавте Оскарот во Вашите раце?
- Чест ми беше, но не го работев филмот само
како можност да стигнам до Оскар.Луѓето кои вистински ја познаваат оваа уметност, ја
препознаваат и вашата посветеност на работата. Можам дури слободно да
кажам дека некои од најдобрите кинематографери од светор никогаш не биле
ни номинирани за Оскар, за жал. Ако пасионирано ја работите вашата работа, истата ќе
биде препознаена од вистинските луѓе.
* Токму за Истребувач истакнавте дека е проект за
кој едноставно не сте можеле да кажете НЕ..
- Овој проект многу се разликува од оригиналниот Истребувач.
Работев со Дени Вилнев и претходно и пред да го прочитам сценариото,
кажав ДА за овој проект. Читајќи
го потоа сценариото знаев дека ја направив вистинската работа.
* Во овој
филм видовме одлична фотографија и одлични ефекти, за кои истакнавте дека ја користите водата како што архитектите ја користат светлината.
- Секој филм е предизвик, сакавме да направиме нешто поразлично овојпат. Најтешката работа во филмот е да креирате свет кој функционира во една целина. Не правете нешто само затоа што е спектакуларно, сето тоа треба да си игра со самата приказна и да биде издржано. Ги користевме тие ефекти со вода пред се затоа што немавме многу можност да ги видиме во другите филмови претходно.
* Кога го добивте Оскарот истакнавте на сцена
дека ја сакате оваа работа пред се заради луѓето со кои работите. Колку е важна
тимската работа за Вас?
- Многу. Исто како и овој фестивал-убавината на
добриот престој ја прават луѓето. Затоа и уживам во мојата работа, затоа што
имате тим од луѓе со кои работите. На пример, со некои луѓе со кои соработував на овој филм работам уште од 1980 година. Едноставно со текот на
годините создавате пријателства со луѓе со кои имате слични животни
визии.
* Како
Вие го доживеавте овој фестивал? Битола како филмски град?
- Овој фестивал е уникатен, сличен како Камера имаж во Полска затоа што пред се е посветен на кинематограферите и филмската уметност, за разлика од другите комерцијални филмски фестивали низ светот посветени пред се на бизнисот и парите. Битола е град кој не пречека со широко отворени раце, па покрај што им симнувам капа на сите филмски професионалци кои допринеле многу за филмот, симнувам капа на фестивалот и битолската публика.
Неда Маретиќ