Искра Коровешовска: Љубовта ме мотивира да направам чуда

Добивај вести на Viber

Секое утро без исклучок ѝ почнува со благодарност за новиот ден – знае дека ќе биде различен од вчера и нема да се повтори утре.

- Кафето прво го пијам сама, додека ќерка ми и партнерот си поспиваат до подоцна. Сама ми е најубаво, си го планирам денот, читам книга, а по кафето задолжително следи 30минутно вежбање, пред сѐ заради чиста глава, но и заради здраво тело.– вели Искра Коровешовска, Уредник во ТВ Алфа, доктор на комуниколошки науки, насловен доцент на УГД Штип во ТВ Алфа.

За неа најголема мотивација е љубовта, која ја има во изобилие и благодарна е за тоа.

- Поврзаноста со мојата ќерка Јана, таа е мојата најдобра другарка, потоа мајка ми, татко ми и брат ми, мојот партнер, сето ова е секојдневна доза на силна љубовна енергија. Ме мотивира чуда да направам! Ме движи во текот на целиот ден, а со оглед на стресот и динамиката на телевизиската работа во Алфа, каде што сум уредник, љубовната енергија не ѝ дава на лошата да доминира (хахаха). – посочува Коровешовска и дополнува дека дневните планови и обврски ѝ се различни секој ден..

- Без споменатите утрински ритуали не излегувам од дома. Некогаш се дополнети со плус обврска, надвор од новинарството, а сепак многу блиску - поврзана со Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, каде сум ангажирана како насловен доцент на „Медиумските студии и односи со јавноста“. Еднаш неделно патувам таму, на предавања и вежби со студентите – една друга енергија што комплетно ми го исполнува мозаикот на задоволство во и од мојата кариера. Заборавив да нагласам, некогаш наместо книга со кафето наутро, знам да си заглавам во кујна – важно е зготвено да се јаде, нели? - посочува таа.

Во текот на работните денови, вечерта ја минува најчесто со добро винце, филм, своите најмили дома.

- Секој си кажува што му се случило, па си анализираме, учиме, растеме еден со друг. Ако е викенд и не сум дежурна на вестите, дружбите со пријателите се неизоставен дел. Четврточните вечери се резервирани за емисијата „За или против“ чиј дел од уредничкиот тим сум, па денот пред емисија читам, анализирам, си подготвувам сценарио. Никогаш не импровизирам, секогаш се трудам да се подготвам до детали. По емисија задолжително „мерам“ како сме минале, што можело подобро да се направи. Претпочитам и добра книга и филм. Моментално и веќе подолг период ја читам книгата „Книгата што посакувавте вашите родители да ја имаа прочитано“ од Филипа Пери, фантастичен родителски водич, за сите периоди од развојот и растењето на децата. За жал е достапна само на англиски, а сериозно помага и едуцира, иако ние родителите често мислиме оти сѐ знаеме. Ја ставам на „пауза“ ако во меѓувреме влета некој трилерроман - брзо се читаат и некако успевам да се дефокусирам од секојдневната политика. Најчесто читам наутро, навечер сум повеќе за филм. - заклучува Коровешовска.


С.А.Н