Искрено со Каролина Гочева: Обично си го следам “шестото сетило“ и кога е така, ретко грешам

Добивај вести на Viber

Со песната „Идила“ која вчера беше промовирана, по повеќе од три години, Каролина Гочева го најавува новиот албум кој треба да излезе на есен. Поради сплет на околности, поп-ѕвездата имала само два дена со своите соработници Дуке Бојаџиев и Исмаил Лумановски да ги сними песните за кои вели дека ѝ се при срце, а се преработки на евергрини од нашите најпознати автори. Целата приказна за создавањето на ова дуо, а потоа трио, почнува спонтано, во Њујорк, со клавирот на Дуке и гласот на Каролина. Таа е само дел од приказните кои Каролина ни ги раскажа во ова искрено интервју.

За тоа колку е строга и самокритична кон себеси, како ги донесува важните одлуки, како го поминала тешкиот период на пандемијата, за поддршката од сопругот Михаил Корубин и за милите внуки, Луција и Инес, се дел од убавите муабети со Каролина, кои ги сподели за Женски магазин.  

*Три ипол години по твојот последен албум „Извор“ најави нов музички проект, албум со преработки на стари познати песни од нашите најпочитувани автори. Како се роди оваа идеја? 

-Идејата се појави уште после нашиот прв заеднички настап во 2016та на концертот на Дуке во „Метрополис Арената“. Tогаш за првпат се споивме и ја изведовме “Празно е без оваа љубов” евергрин напишан од татко му на Дуке, Тодор Бојаџиев - прекрасна љубовна песна која ти остава кнедла во грло... па така и понатаму размислувањето ни беше во таа насока. Вистински, идејата почна да се раѓа после мојот престој во Њујорк во 2019, кога речиси секојдневно се дружевме и разбирливо, голем дел од времето бевме околу пијано, испробувавме различни жанрови на песни и многу бевме задоволни од тоа како звучиме заедно, па така почнавме и гласно да размислуваме за албум каде ќе сме само ние тројца. Првичниот план беше да издадеме во 2020, но поради познатите околности и нашата замисла мораше да се одложи па спремно чекавме подобро време. 


*„Идила“ е најава за овој албум, кои други песни ги избравте, има ли некои лично твои, што ти се имаат залепено за срце и се токму твој избор да ги испееш? 

-Во моментов, искрено, сите ми се при срце, баш како лично мои, сѐ уште сум во фаза кога го преслушувам материјалот, го анализирам...како и секогаш пред издавање на албум. Биравме многу внимателно и тоа беше процес кој траеше речиси две години, а со пандемијата си дадовме и плус време од тоа што беше планирано. Повеќето песни кои ги избравме се такви кои не биле многу изведувани низ годиниве, имаме музика од 60ти, 70ти, имаме дури и песна која Димитар Масевски ја напишал ‘57 година. Си дадовме доволно време за да најдеме подзаборавени скриени “бисери” кои заслужуваат втор живот.  


*Со Дуке Бојаџиев и со Исмаил Лумановски снимавте во Филхармонија, во јануари годинава, како течеше тоа снимање во време на најголемиот ек на пандемијата?

-Па, беше доста неизвесно. Дуке допатува од Париз на две недели, а Исмаил од Њујорк на само 4 дена од кои два ни поминаа во проби и два во снимање. Беше зима, но имавме среќа ниту еден лет да не биде откажан. Целиот албум го снимивме во еден викенд заради тоа што времето и околностите не ни дозволуваа повеќе. Значи, сите песни се како некогаш, отсвирени и отпеани од почеток до крај и најдобрите “take-ови’ се комплетно ставени на албум. Така што, дури и во начинот на снимање сме биле автентични на музиката која ја изведуваме.

*Кога насекаде околу нас се зборуваше само за коронавирусот, за бројки на заболени и починати вие требаше да создавате убава музика. Успеа ли таа атмосфера да влијае лошо на вас во тие моменти, или можеби тагата која понекогаш е инспирација за многу музичари ви „помогна“ и на вас? 


-Секако дека да, на кого не влијаеше? Токму поради тоа цело време и одложувавме, чекајќи подобар момент, додека не решивме дека веќе е крајно време да влеземе во студио, па моментот сам да си дојде. Истовремено, сакавме да направиме нешто убаво во целото тоа сивило кое свесно или не, нѐ имаше сите обземено.  

*Можеш ли објективно да го оцениш овој албум, да речеме дека се ставаш во улога на слушател од страна, што би рекла за него? 

-Мислам дека е тешко да се биде објективен за нешто на кое си работел долго време, битно е што цела инволвирана екипа е задоволна и едвај чекаме да го претставиме. Сите тројца дадовме многу љубов, чувства и живот во ова па се надевам дека тоа и ќе го почувствувате како слушатели.  

*Колку си самокритична и строга кон себеси, и во работата и во животот воопшто? 

-Поприлично. Не знам дали е тоа добро или лошо, ама некогаш баш знам самата да си се “убијам во поим” (се смее) .Како и да е подобро тоа , отколку обратната варијанта (се смее). 

*Како обично ги носиш важните одлуки, ти треба ли многу време да пресечеш, со кого најчесто се советуваш кога си на раскрсница што да направиш?  

-Кога бев (по)млада и несигурна знаев повеќе да вреднувам туѓо мислење од своето и многу пати знаев да згрешам, или и да не било грешка - да не сум задоволна од одлуката. Сега се повеќе се водам од моето внатрешно чувство. Не би рекла дека сум импулсивна, но обично си го следам инстинктот, “шестото сетило“ и кога е така, ретко грешам.

Секако, знам и да се посоветувам со блиските ми луѓе, но крајната одлука мора да е моја.

*Има ли нешто во животот за што жалиш дека не си направила, и нешто за коешто се каеш дека си го направила? 

-Има колку сакаш - и од едното и од другото. Но, не вреди човек да размислува каде погрешил во момент кој сега е изминат, кога не може да се врати назад во времето. Мислам дека е важно да се размисли што можеш да научиш од една ситуација која не се одиграла како што си замислил. Обично, кога ќе ми се случи нешто кое не ми е по волја, било да е по моја вина или не, знам да си кажам онака повеќе за себе “па којзнае зошто е ова добро” и после некое време навистина и ми се докажува дека и подобро што така се случило, дека сечиј живот си има свој след на настани и на многу од нив немаме влијание.  

*Во време на пандемијата која трае повеќе од една година, музичарите речиси и да не работат. Ти никогаш не се огласи на оваа тема. Како ти помина овој период, колку е тешко да не можеш да излезеш на сцена, да споделиш енергија со публиката, и на крајот- да не можеш да живееш од она што ти е основен извор на заработка? 


-Не се огласив затоа што сум свесна дека условите за наше нормално функционирање беа речиси невозможни. Велам беа, затоа што сега веќе почна да ми се враќа надежта дека наскоро ќе може да застанеме пред публика, без страв. Инаку, изминативе години (пред пандемијата) работев поприлично, имав многу концерти и различни настапи, соработував како заштитно лице на некои од најуспешните наши и странски брендови, па годинава и добро ми дојде непланирана пауза. Но, секако ова беше еден многу тежок период за нашата бранша и се надевам дека нема да се повтори.

*Многумина изјавија дека научиле подобро да готват, ја сфатиле убавината на поминувањето време дома со најблиските, те промени ли тебе лично оваа состојба со вирусот, научи ли нешто од неа? 

-Јас сум одамна познат “домашар” меѓу своите блиски и без пандемијава отсекогаш знам доста време да поминувам дома и да не ми е досадно. Кога почна сѐ ова, во шега знаев да кажам дека не гледам никаква промена и дека ми е исто ко претходно, но мислам дека веќе стварно сите си ја сакаме назад слободата. Инаку, изминатава година ги догледав и тие не многу филмови и серии кои ми беа останати, се изначитав книги, усовршив готвење, неколку пати прередив плакари, садев цвеќиња, вежбав редовно... 

*Седењето дома и повторувањето на секојдневието може да создаде нервоза и неубаво чувство, ситни несогласувања помеѓу партнерите, како функциониравте Михаил и ти во времето на карантинот? 

-Немавме таков проблем. Имаме доволно работи кои ги правиме заедно, но секако и такви кои ги правиме засебно без да си “сметаме” eден на друг. Михо и многу работеше за време на целиов овој период затоа што неговата работа не бара физичка дистанца, па добро го искористи целото слободно време кое го имавме.  

*Колку Михаил ти е и музички критичар, и обратно, даваш ли и ти свое мислење за неговите дела пред да ги види јавноста? 

-Секако, си споделуваме се’ за тоа на што во моментот работиме. Многу ми е важно неговото мислење за тоа што го правам. Јас уште во почетниот процес на работа знам често да се консултирам со него, а тој повеќе сака да го сподели крајниот резултат.  

*Како се внуките Луција и Инес, колку години наполнија? Велат дека возрасните учат од децата, што учиш ти од нив? 

-Луце неодамна наполни 10, а Инефче (како што ја завикавме од пред да се роди)  за некој месец ќе полни 6 и ќе биде прваче. Веќе се големи девојчиња со силни карактери кои точно знаат што сакаат. Сѐ ги интересира, дури на секое ново гледање ме изненадуваат со по некоја нова приказна или теорија.  Ме радува и тоа што слушаат и квалитетна музика за нивната возраст, па така Луце веќе неколку години е верен фан на Били Ајлиш, а Инес ги обожава Дајте музика. 

*Ако ја сретнеш денес Каролина која го испеа хитот „Мамо пушти ме“, што би и ѝ рекла?

-„Само опушти се!“ - (се смее)

Милица Џаровска

Фото: Стефан Рајхл, приватна архива