ИСПЛИВАВ ВРЗАН СО СИНЏИРИ БОРЕЈЌИ СЕ ЗА ВОЗДУХ: Нов светски рекорд на Јане Петков во Охрид
Врзан со синџири и со вреќи, Јане Петков (65) од бугарскиот град Петрич, преплива речиси три ипол километри во охридското езеро и со тоа постави нов свестки рекорд. Авантурата на бугарскиот ентузијаст започна утрово во 9.30 на плажата Горица 3 во Охрид. На целта, охридскиот кеј, Петков стаса во 12.30. „Со гордост објавуваме дека Јане исплива 3.380 метри за околу 3 часа и го надмина личниот рекорд што го постави во Охрид во 2013 година", изјавија од Црвен крст Охрид, кои со поддршка од Општина Петрич го организираа настанот.
„На моменти се гушев, губев воздух, но тоа не ми беше проблем. Верував дека ќе успеам. Ништо, освен студената езерска вода не ми беше препрека. Охрид е свето место, и тоа ми беше дополнителен мотив", ни изјави Петков по пречекот ма охридскиот кеј.
Следниот предизвик на Јане е во август, во неговиот Петрич. Таму ќе се обиде да постави нов рекорд во друга дисциплина- пливање во базен под вода, по повеќе серии од 25 метри, без земање воздух. Претходниот рекорд со кој влезе во Гинис на Петков од 2013 година е патека од 2.388 метри за три часа. Денеска, тој успеа да го надмине и покрај нарушеното здравје, значително намалениот хемоглобин во крвта.
Милица Џаровска