Исповед на Македонка: Сопругот секој ден нé тепаше и мене и синот кој има аутизам – Приказна за жртвите на семејно насилство

Нашата соговорничка не сакаше да го открие идентитетот. Но, имаше голема желба да ја раскаже својата животна приказна, полна со искушенија и борба. Да зборува за секојдневието исполнето со болка, психичка и физичка. За семејното насилство кое го трпела 16 години. 

Кога го запознала својот сопруг, не можела ни да претпостави дека нејзината љубовна приказна ќе се претвори во голем кошмар. 

- Се вљубивме уште на првата средба. Беше внимателен и ме почитуваше. По шест месеци ми понуди брак. Бевме среќни што почнавме заеднички живот. Среќата беше уште поголема кога дознав дека сум бремена. Живеевме сами во стан во една скопска населба. Сопругот беше шофер, возеше камиони. Се роди нашиот син. Тој беше прекрасно и напредно бебе. Но, не знам што се случи со детето. Одеднаш почна да заостанува во развојот. Го однесов во Завод за ментално здравје на деца и младинци. Констатираа дека има аутизам. Тешко ја прифативме таа состојба, но се борев. Го носев на дефектолог, психолог. Секаде каде што имав можност и пари за да се подобри неговата состојба – раскажува на почетокот од нашиот разговор.


Кога синот имал четири години, во нејзиниот живот се случува пресвртница, која го најавува крајот на семејниот мир.

- Сопругот направи голема собраќајна несреќа надвор од земјава. За среќа немаше поголеми повреди. Потоа изгуби и работа. Почна да пие, секој ден. Се смени за 180 степени. Еден сопруг испратив на пат, но по собраќајката дочекав друг. Почна да се однесува грозно со нас. Прво нé малтретираше психички, а потоа и физички. Секој ден нé тепаше и мене и синот. Фрлаше по нас со предметите кои ќе му се најдеа при рака. Не нé штедеше. Не знаев дали се опива, бидејќи поголем дел од годината беше надвор од дома, возеше низ цела Европа. Не знам што му стана. Не можам да објаснам. Кога ќе почнеше да нé тепа, едвај успевав да го земам синот, да се сокријам во влезот или да се прошетам надвор. Потоа се враќав дома – открива таа.

Додека зборува за својот живот, солзите и’ го облеваат лицето. Тешко ги составува зборовите. Вели дека постојаните стресови и физички удари оставиле трага на нејзиниот говор.


- Доживеав многу удари по глава. Не одев на лекар, надевајќи се дека ќе се смири. Го трпев неговото насилство зашто немав каде да одам. И никому не кажував. Кога имав 14 години ја изгубив мајка ми. Пред седум години ми почина и татко ми, кој многу ни помагаше. Бидејќи не работев, барав донации преку Фејсбук. Ми помагаа и пријателите. Ќе ни донесеа нешто за да се прехраниме. Поради стресот и ударите, дополнително се влоши и ситуацијата на син ми - посочува нашата соговорничка.

Пред една година добила храброст и сила да го прекине кошмарот и да ги напушти сопругот и домот засекогаш.

- Едноставно си реков: „Доста е!“ Мора да живееме во мир, најмногу поради синот кој сега има 24 години. Немав ниту пари, ниту место за живеење. Но, секогаш има добри луѓе кои ќе ти помогнат. Една од нив е г-ѓа Тања од Заводот за социјална работа и политика. Прекрасна жена. Добивме посебен додаток за синот. Едно хуманитарно здружение ни помогна да најдеме место за живеење под кирија. Но, откако мојот брат дозна сé за нашата ситуација, реши да се преселиме во неговиот дом. Во почетокот беше лут што никогаш не му кажав низ каква голгота минував. Син ми одеше во специјално училиште. Среќни сме што, иако живееме скромно, имаме покрив над глава и мир. Не трпиме веќе повреди, ни психички, ни физички. Би сакала да се заблагодарам на помошта од Здружението Хуманитарни акции во Македонија, како и на сите добри луѓе и организации, кои со своите донации ни ја олеснуваат живеачката барем малку –вели таа.


На крајот од нашиот разговор упати апел до сите жени кои се жртви на семејното насилство, но и до државните институции.

- Пријавете ги тие што ве малтретираат на институциите. Немојте да ја криете вашата болка. Знам дека стравот од неизвесноста е голем. Бидете храбри. Јас го пријавив сопругот многупати во полиција. Но, ништо не презедоа. Можеа барем да го пратат на лечење. Ќе дојдеа ќе ми направеа записник и толку. Исто така, државава не презема ништо ни за децата со аутизам. Особено за постарите. Моето дете нема каде да оди и да се дружи. Немам пари да плаќам во приватните центри за аутизам. За тие како нас, кои немаме финансии треба државата да ни помогне, да ни ги плати трошковите за престој во тие центри – завршува таа.


Соња Алексоска Неделковска

(Идентитетот на нашата соговорничка е познат на редакцијата)